nailing Jesus hands 77

Сум видел и чул луѓе, кои со подмуклост и злорадост говорат за некои темни дамки во животот и работата на велики, па дури и свети луѓе, и заради тие божемни или вистински темни дамки, го осудуваат целиот живот на тој човек, нарекувајќи го лицемер и небаре е богоотстапник. Тие вам ќе ви дадат и факти, само што тие факти се исто така матни и сомничави, како што е матна, темна и сомничава злобната душа, којашто од туѓите дамки, од туѓиот грев, туѓите слабости, сака за себе да извлече привидно оправдување за своите порочни дела. Но, тие себеси нема да се оправдаат, туку на себе ќе навлечат поголема осуда, затоа што го гледаат трнот во окото на својот брат и го осудуваат, а гредата (навистина греда) во своето око не ја чувствуваат (Мат. 7,3).

Ти велиш: овој свет отец или овој благочестив човек има такви и такви гревови. Па што? Он е човек, и никој од луѓето не е безгрешен. Ако речеме дека грев немаме, вистината не е во нас (1 Јн. 1,8). Но, зарем ти си без грев? А ако не си, зошто на братот фрлаш со камења на осудување? Ако почнам да го претресувам твојот живот, според зборовите Божји, тогаш со твоите сопствени зборови би те осудил заради безбројни и тешки гревови: и заради гордост, и заради надменост, и заради безверие, и заради алчност, и заради прељуба, и заради искривено толкување на Божјите зборови и Божјите заповеди, и заради студенило кон својата вера… и кој знае уште за што. Би дошол до заклучок дека можеби целото твое тело е темно, бидејќи твоето срдечно око е расипано.

О, колку ми е одвратна таа ѓаволска злорадост заради гревот на ближниот, тој пеколен напор да се докаже неговата реална или измислена слабост. И луѓето кои така постапуваат, уште се осудуваат да говорат колку го почитуваат и колку со сите сили се трудат да го исполнуваат законот за љубовта кон Бога и ближниот! Па, каква е таа љубов кон ближниот, кога дури и кај великите и свети луѓе свесно сакаат да видат и пронајдат темни дамки, заради еден грев да го оцрнат целиот негов живот и не сакаат да го покријат гревот на ближниот, ако навистина постои? Тие заборавиле дека љубовта се’ поднесува (1 Кор. 13, 7).

Колку многу зла тие моралните црви си нанесуваат себеси и на другите! Тие кај многумина ја поткопуваат оправданата почит кон извесна личност, им ја помрачуваат нејзината светлина, ги одвлекуваат од нејзиното поддражавање и ги смутуваат нивните души со помисли на осуда, а себеси си нанесуваат штета со тоа што од ѓаволот го примаат отровот на осудувањето на ближниот. Брате, кој си ти, за да му судиш на туѓ слуга? Тој стои или паѓа пред својот господар; а ќе стои, зашто Господ е силен да го постави да стои (Рим. 14, 4).

 

Извор: Маран Ата