
МИСИОНЕРСКИ ПИСМА
Владика Николај Велимировиќ
1. Писмо
До работникот што прашува: Што е тоа духовен живот?
Па духовниот живот – тоа е вистинскиот живот. Сè останато е само предмет, само ствар.
Ствар е и нашето тело; земја позајмена од земјата. Земја, вода, оган и воздух – од тие четири создадени стихии е составено човечкото тело. Составено е толку мудро и чудесно, што тешко е да се искаже и опише. И сепак, телото е само една ствар: кола, но не и патник; кафез, но не и птица.
Што е тогаш животот?
Светото Божјо Писмо го објаснува тоа уште на првата негова страница:
„И создаде Господ Бог човек од прав земен, и му вдахна во лицето дух животен; и стана човекот душа жива.“
Знаеш ли добро што значат зборовите „посредно“ и „непосредно“?
Погледни: посредно – од земјата, Бог го создаде телото; но непосредно – од Себе, му вдахна божествен дух на живот. Така човекот стана жива душа. Така човекот е привидно ствар, но ствар што во себе носи дух животворен, кој непосредно произлегува од својот Творец.
Со тој животен дух човекот ја држи врската со самиот свој Создател и со целиот небесен духовен свет кој стои околу Него. Еден мал пламен во нас, што личи на вечниот оган на Божјото Битие. Иако со телото ползиме по земјата меѓу инсектите, со тој пламен сме врзани за највисоките небеса и за вечноста.
Живата душа во телото, непрестајно поддржувана и оживувана од оној божествен здив, – тоа е човечкиот живот.
Практично речено: духовниот живот е нашиот постојан труд да се покажеме достојни на божествениот здив во нас.
Зошто да се трудиме?
Затоа што тој дар ни го даде нашиот Творец – од Себе. Никој од нас не го купил, не го платил; вечната Љубов ни го дарува. Дарот, вистина, не се плаќа со ништо – затоа и се нарекува дар. Но оној што го прима, особено дар толку драгоцен како животот, мора барем да се покаже достоен на него.
Како да Му возвратиме на Бога со љубов за љубовта, и како да се покажеме достојни на тој божествен дар – за тоа постои голема наука, духовната наука. Наука над сите науки, како што и животворниот Божји здив е над сите создадени нешта. Таа наука не потекнува од телесниот човек, туку од Самиот Свет Дух Божји. Дарителот на најдрагоцениот дар Самиот ги научи луѓето како да се удостојат со него.
Ако сакаш да ја вкусиш оваа светла и слатка наука – нека е благословена твојата желба.
Мир и радост од Господа.
Подготвил Симеон Стефковски

пп
Ноември 2025 лето Господово