МИСИОНЕРСКИ ПИСМА

10. Писмо

Patot.na.podviznikot96
            На младиот учител кој прашува:
             Има ли денес вистински христијани?

Има, има многу. Кога не би ги имало, сонцето одамна ќе се изгаснеше. Зашто за кого би светело толку скапоцено кандило – за еден ѕвер ли?

Ќе ми требаше многу хартија да ги запишам сите прекрасни примери на вистински христијани што сум ги сретнал само јас во животот. А тебе многу време да читаш и да ја насладуваш душата. Засега, погледни се себеси во овој еден пример.

Минатото лето бевме во Мачва. На една мала станица го чекавме возот. Забележав една стара селанка покрај шините. Лицето ѝ беше овенато од старост, но озарено со онаа чудесна и таинствена светлина што често се забележува на лицата на духовните луѓе. Ја прашав:

– Кого чекаш, сестро?
– Кого Господ ќе ми го испрати, – одговори таа.

Од понатамошниот разговор го дознавме следново: секој ден таа доаѓа на станицата да види дали ќе се појави некој сиромашен патник кому му треба леб и конак. И кога ќе се појави таков, таа го прима со радост, како од Господ испратен, и го води во својата куќа, оддалечена околу еден километар.

Од разговорот разбравме и дека таа го чита Светото Писмо, редовно оди на богослужби, пости и го пази целиот Божји закон. Нејзините соседи потоа ни рекоа дека таа жена е вистинска светителка.

На крајот се обидов да го пофалам нејзиното евангелско гостопримство. Но пред да завршам, таа воздивна и рече:
– Зар не сме сите ние Негови гости секој ден, целиот живот? – и солзи ѝ засветкаа во очите.

О, милостива и тивка народна душо!
Мој млад пријателе, ако се нарекуваш народен учител, ќе имаш од што да се засрамиш; но ако се нарекуваш ученик на народот, никогаш нема да се засрамиш.

Светата Божја милост нека те осени.

Свети Николај Охридски и Жички


Подготвил Симеон Стефковски

26.01.2026

 

 Patot.na.podviznikot95

Друго:

Patot.na.podviznikot92

Друго:

 Patot.na.podviznikot64