Простори на конјункција во Културно информативниот центар на Р.С. Македонија во Истанбул, Турција

После Софија и Белград, трета дестинација на патувачката изложба „Простори на конјункција“ е градот на Босфор, Истанбул. На 8 октомври 2025 директорот на Културно информативниот центар Диме Ратајковски и директорот на Националната галерија Али Синани, во 19 часот, во просторот на Центарот, ќе ја отворат изложбата.

Проектот „Простори на конјункција“ ја утврдува уметноста како динамичен простор во кој интимните, лични фрагменти се преплетуваат со колективните мемории и културни матрици како театар на тензија и симбиоза. Оваа изложба ги истражува кревката граница меѓу малите приказни од интимниот свет на индивидуата и големите наративи – широка, сложена мрежа на големите историски и културни наративи – концепт што произлегува од Жан-Франсоа Лиотар и неговата критика на „метанаративите“.

Според Лиотар, во постмодерната ера ја губиме довербата во „големите наративи“ (metanarratives), па просторот за вистина се отвора низ различни „мали наративи“ (petits récits). Преку ваквата леќа, делата во оваа изложба ја рефлектираат потенцијалната тензија меѓу општественото и поединечното, не како конфликт туку како конјукција – потрага по нови рамки во која придонесуваат индивидуалните сеќавања, а притоа не се преплавени од колективната меморија.

Низ графика, цртеж, фотографија, видео, објект, колаж, уметниците не само што раскажуваат приказни туку градат мултимедијални платформи во кои секој медиум станува посебен канал за конјункција. Различните техники не функционираат само како формални избори, туку како активни стратегии за премостување на личното и колективното.

Оваа изложба нè поканува на плуралистичко, критичко и емотивно патување – низ спомени, граници, колективни структури и нестабилни текови на значење. Таа е документ и мапа. Ја означува територијата каде што се спојуваат материјалите и идеите, каде што споменот не е стабилен, туку станува – како колаж – жив организам што повикува повторно да се состави. Искусете ги овие простори на конјункција како жив терминален систем: отворен, сложен и неизвесен.
Д-р Ана Франговска (дел од интегралниот текст)

Уметници застапени на изложбата: Роберт Јанкулоски, Кристина Пулејкова, Велимир Жерновски, Моника Мотеска, Шќипе Мехмети, Ирена Паскали, Михаела Јовановска, Славица Јанешлиева, Ѓорѓе Јовановиќ, Ацо Станкоски, Иванчо Талевски, Жанета Вангели, Марија Сотировска, Мариго Исеини и Игор Сековски.

Кураторски тим: Горанчо Ѓорѓиевски, Маја Неделкоска-Брзанова и Маја Чанкуловска-Михајловска