Почитувани,Ве покануваме на отварањето на изложбата „ЈУБИЛЕЈ 30 ГОДИНИ“ на уметникот Билгаип Кочиште - БИГЕ на 24.11.2026 во 19:00 часот во Чифте амам.
Во прилог ќе ги најдете закачени текстот и фотографии од делата за објава.
Ви благодариме!
Осврт по повод 30 години творештво
Се наоѓаме пред сликарскиот свет на Биге, уште еднаш во раскажувачкиот простор на Чифте амам, кој овојпат ги отвора вратите и своите галериски ѕидови, за да посведочиме на 30 годишниот развоен пат на овој наш академски сликар.
Пред нас како публика се распостила целата животна инспирација и теми на интерес на авторот, со дела кои датираат заклучно со актуелната 2026 година, прикажувајќи ни тематски истражувања низ уметничките форми на ликовен израз на пејзажи, портретни решенија, фрагменти од секојдневието...
Тој нема само една определба во неговото ликовно претставување, се движи помегу границите антонимите на видливото и невидливото, фигуративното и апстрактното, светла и темна гама, пригушени земјени тонови како и јаки експлозивни живи бои, сите овие крајности се присутни во неговите ликовни истражувања низ децениското творештво.
Посебно карактеристично е што си игра и со текстурата, при поставувањето на мртви природи, преку интервенција со механичко гребење, одземање и додавање на бојата, при кој процес се добиваат налик тродимензионални фактури, и е обележје на неговиот сликарски ракопис.Конкретно во неговите пејзажи материјата добива сопствена изразност, и овие претходни траги од самиот сликарски процесгво комплетираат целосниот состав на композицијата.
Во неговиот сликарски израз наоѓаме одредени сличности со Алберто Бури и Антони Тапиес, со пејзажно апстрактните определби. Биге во неговиот творечки опус, иако почнува со фигуративното, при последната деценија се ослободува од тие прикажувања и се насочува кон асоцијативната апстракција.
Понудениот избор за оваа изложба дава еден сеопфатен увид на неговиот творечки порив и мотив за преиспитување во рамките на сликарскиот медиум. Ова ново претставување ни дава пресек на неговиот опус и препознатлив манир на имплементација и реализација на авторовите замисли.
Неговиот триесетгодишен творечки континуитет резултира со селекцијата на претставените дела од неговиот богат опус,препознатлив и со интересен пристап. Преку оваа јубилејна изложба, имаме можност да ги согледаме патеките на неговото уметничко создавање своевидниот авторски израз.
Елена Георгиевска Иванова






















