Технологија  
   
По нападот на хакерите на интернет-пребарувачот „Експлорер“ на „Мајкрософт“, бројот на регистрираните заразени веб-сајтови од почетните 10.000 се качи на 200.000, објави францускиот дневник „Фигаро“.

Информатичките пирати за напад на навигаторот на „Мајкрософт“, инсталиран во повеќе од 800 милиони компјутери во светот, смислено го избраа претпразничниот период, кога продажбата на Интернет е најголема, додава весникот.

„Мајкрософт“ од средината на минатата недела се труди да ги смири корисниците на „Интернет експлорерот“, на чии верзии безбедносните пропусти се регистрирани неодамна и веќе успеа да инсталира „лепенки“ на повеќе од 80 отсто уреди.

- Хакерите ги ставаат на продажба своите „откритија“ на форумите, така што со прегледувањето на еден сајт сфативме дека на него дошло до таква трансакција врзана за „Интернет експлорерот“ - објасни Рик Фергусон, стручњак за информатичка безбедност во компанијата „Тренд микро“. Оваа компанија, која креира безбедносни софтвери, всушност беше првата што ја предупреди јавноста на хакерските напади.

Станува збор за опасен вирус, кој влегува во компјутерот и ги „собира“ лозинките, како и податоците врзани за банковните сметки, а начинот на пренесување на овој вирус е едноставен. Доволно е корисникот да го стартува на Интернет и да се насочи на некој од заразените сајтови.

Стручњаците препорачуваат дека пред да се изврши некое онлајн-купување, треба да се скенира содржината на компјутерот.
„Тренд микро“, како и повеќето други издавачи на антивирусни софтвери, дава бесплатна услуга на ова „скенирање“ на својот сајт за детектирање на вирусот наречен „Housecall“.

 

Извор: Нова Македонија