Превртено во Солун
НА ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ
Посети:{moshits} |
|
НА ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ
Посети:{moshits} |
|
- Во македонската кинематографија има филмски остварувања кои по својот квалитет се рамни на европските лауреати. Вака се обрати амбасадорот на Европската унија во Македонија, Ерван Фуере, на отворањето на фестивалот "Синедејс" во петокот. Фестивалот во МКЦ започна со годинашниот победник во Кан, романскиот "4 месеци, 3 недели, 2 дена" на режисерот Кристијан Мунгиу, а продолжува со интересна и силна натпреварувачка програма. Вечерва (19,30 ч.) во кино "Фросина" ќе игра босанско-хрватскиот "Армин", годинешното филмско изненадување во регионот. Филмот на Огњен Свиличиќ раскажува "мала" приказна за татко и син кои одат од Босна во Загреб, на аудиција за германски филм. Од филмовите во конкуренција, вечерва (22 ч.) ќе го видиме и унгарскиот "Свеж воздух", на Агнес Кочиш.
Во неофицијалната програма денеска ќе играат албанскиот "Магично око" на Кујтим Чашку, и францускиот "Два дена во Париз" на Џули Делпи. Интересно е што оваа љубовна комедија е комплетно дело на Делпи, која го режира, монтира, ја игра главната улога, го напиша сценариото и ја компонираше музиката.
Под мотото "Гладни за филм, добар апетит" до 23 ноември на Фестивалот ќе бидат прикажани околу 40 филмови од 22 европски земји. На последниот фестивалски ден ќе бидат доделени наградите - Златна ѕвезда за најдобар филм, Сребрена ѕвезда за најдобра режија, две сини ѕвезди - за сценарио и за актерско остварување и Специјална награда Златно сонце за иновативност за филмовите од Регионалната програма "Балкан-линк".
За наградите ќе одлучи меѓународно жирито - Макс Азуле, претседател, и членовите, Станислав Семерџиев и Антонио Митриќески. Билетите се движат од 80 до 150 денари.
(Де.Т.)
Фото: Д. АНДОНОВСКИ
Директно, сурово, без пардон, се "продава" поетичност, љубов, патетичност во споменот... Оттука, неморалноста е до нас видливо прикажана, во случјов, многу блиску, со нас, на малата сцена на НТ "Антон Панов" од Струмица
Целосна и разоткриена слика на хипокритичното, со времиња затскриено во деловите на суштеството кое себеси се нарекува хомосапиенс и сето тоа покриено со неверојатна саркастичност и (само)иронија, ниски страсти, завидливост, рушење на индивидуалноста... Сиот срам на малиот човек (граѓанин), изведен на една свадбена маса, на која јадат, пијат, "се смеат" и навидум срамливо се разгледуваат карикирани ликови, е, вусшност, "Малгораѓанската свадба" на Бертолт Брехт. Директно, сурово, без пардон, се "продава" поетичност, љубов, патетичност во споменот... Оттука, неморалноста е до нас видливо прикажана, во случајов, многу блиску, со нас, на малата сцена на НТ "Антон Панов" од Струмица. Луѓето кои сето тоа го правеа за нас и не забавуваа уште еднаш не потсетија на нашата затскриена длабочина - да мислиме, да го правиме она што би му наштетило другому...
Во тој контекст засебната игра на дел од ансамблот присутен на сцената, функционираше точно, по идеја на режисерот, гостин од Бугарија, Гаро Ашикјан.
Сепак, во актерска смисла, па до некаде и во мизансценскиот режисерски концепт, како да фалеше флуидност меѓу актерите, или поточно компактност на енергијата која кружи и создава еден целосен театарски проект. Во оваа смисла од актерскиот тим, малку "подзастануваа" Јасмина Вучкова, како Невестата, Ванчо Василев и на моменти искусниот Кире Георгиев. Интересна, специфична крајно вербално редуцирана ролја, успешно оствари Тинче Ристеска.
Карактеристичен по својата надменост, лик изгради Ангелина Тренчева, свој простор актерски по енергија си создаде и Кољо Черкезов како пријателот на младоженецот... Со главниот лик успешно се справи актерот Васил Михаил, иако на моменти неговата енергичност, со која требаше константно да владее на сцената, имаше амплитудни размери, но во секој случај тоа не беше лошо искреирана улога. Ванчо Крстевски го носеше својот лик низ лавиринтите на скромноста, интровертноста и експлицидно прикажаната болка, остварувајќи само навидум "епизода" која функционираше во целиот контекст, а Оливера Аризанова Манзберт, како негова жена, пак, оствари луцидно карикиран лик - нервчик...
Значи, актерската игра го даде саканиот резултат на гледлива претстава, но останува впечатокот дека во вербалниот дел некои актери мора што поскоро да се ослободат од примесите на формата која ја носи струмичкиот дијалект (ова особено важи за Јасмина Вучкова, Ванчо Василев, Васил Михаил, а до некаде и за Кољо Черкезов и Кире Георгиев)...
Вклопено со режисеркиот концепт и идеја, Гаро Ашикјан, ја создава и руинираната сцена (целата од дрво со расклатени столчиња и маси и орман кој не се отвора) која кореспондира со руинираната слика на Брехтовата Свадба.
Борче ГРОЗДАНОВ- Вечер
Скопје, 18 ноември (МИА) - Од програмата филмови во конкуренција денеска на Фестивалот на европски филм CinEdays 2007 ќе бидат прикажани турскиот „Годишни времиња“ на режисерот Нури Билге Џејлан и бугарскиот „Истрага“ во режија на Иглика Трифонова. Во неофицијалната програма се босанскиот филм „Небо над пејзажот“ на Ненад Ѓуриќ, францускиот „Тоа е Градива што те повикува“ на Ален Роб-Грије и документарните филмови „Снегулки“ од Албанија и „Пилешки избори“ од Србија.
Утре од натпреварувачката програма ќе бидат прикажани босанско-хрватската копродукција „Армин“ во режија на Огнен Свиличиќ и унгарскиот „Свеж воздух“ на Агнеш Кочиш. Во неофицијалната програма утре следуваат албанскиот „Магично око“ на Кујтим Чашку, францускиот „Два дена во Париз“ на Џули Делпи и документарните „Трупец полн со олово“ од Хрватска, „Огледало, огледало“ од Косово и „Нежна топлина, дива плажа“ од Русија.
Под мотото „Гладни за филм, добар апетит“ до 23 ноември на Фестивалот ќе бидат прикажани околу 40 филмови од 22 европски земји. На последниот фестивалски ден ќе бидат доделени наградите - Златна ѕвезда, симболот на Европа, за најдобар филм, Сребрена ѕвезда за најдобра режија, две сини ѕвезди - за сценарио и за актерско остварување и Специјална награда Златно сонце за иновативност за филмовите од Регионалната програма „Балкан-линк“.
За наградите ќе одлучи жирито - Макс Азуле, претседател, и Станислав Семерџиев и Антонио Митриќески, членови. Фестивалот нив вчера ги претстави на прес-конференција, на која тие зборуваа за состојбата на филмот во Европа, неговите слабости и предности во однос на големите кинематографски пазари во Америка и Азија и за насоките за позитивна промена на европската филмска сцена. хс/дма/11:12
Дури 9.233 гледачи го видоа филмот „Сенки“ на Милчо Манчевски, викендов. Тој го собори рекордот на гледаност, што досега го држеше американскиот филм „Матрица“ на браќата Вачовски, во Универзалната сала.
Незапамтен интерес на гледачите ден пред свечената премиера, кога се чекаше и по еден час за да се дојде до билет. Скопје одамна не памети редици пред благајните, а кулминацијата ја достигнаа денот на свечената проекција. Од „Манаки филм, кој е задолжен за дистрибуцијата на филмот, велат дека се појавиле и препродавачи што билетите ги нуделе и по цена од 1.000 денари.
- Од стотиците наслови што ги дистрибуиравме во нашата земја во последниве 15 години, „Сенки“ доживеа најдобро викенд-отворање - велат од „Манаки филм“
Филмот ќе се прикажува паралелно во двете сали - во Универзална до 7 ноември, а во „Милениум“ и во наредната недела.
ЛИЧЕН ПОГЛЕД ЗА ЕДЕН ФИЛМ
Филмот на Милчо покажува дека партиципативната свест, која порано западните антрополози ја викаа и примитивна свест, се покажува како посупериорна, пометафизичка и почовечка. Во тебе има се' и сешто и ти се дел од се' и сешто. И Скопје е прикажано како такво. Како гпуп европски град, со многу коли и згради и како фавела во Сао Паоло. И ќе видите куќи од висока класа и куќи во кои на кревет се сушат јуфки и цветови од липа. Објасни му го ова на некој. Со зборови. Да те видам
Филмот „Сенки“ го гледав во минатата недела. Значи, пишувам како јас го видов филмот. И тоа го правам како писмо до Милчо, како тие што му ги праќав од Требиње и од Лајпциг. Ниту е филмска критика ниту е анализа на интелектуалец. И пишувам како што ми налага некој, нешто, што не го познавам многу и не можам да го дознаам до крај, а знам дека ме води во пишувањето. Нешто големо и непознато, што ме плаши до смрт и смирува ко допир на мајка. Зашто, и филмот на Милчо е направен така. Не е направен со ладен продуцентски план, за таргет група или за политичка опција. Затоа што неговите филмови не се со дистанца спрема она што го кажува филмот. Милчо е дел од филмот и и' е препуштен на приказната. Мислам дека, и покрај занаетот (кој е „секогаш некој вид манипулација“), секогаш го има чувството дека приказната го контролира и него и дека треба да и' се препушти, таа да го носи. А таков еживотот на секој од нас од овие краеви, како животот на доктор Лазар Перков, главниот лик во филмот „Сенки“.
Претпоставувам дека Европеецот ќе го објаснува филмот на Милчо Манчевски, ќе го прави микросоциолог и критичар на времето или израз на духот на времето. На каучот на психоаналитичарот многу веројатно ќе се покаже како клучно за филмот „Сенки“ влијанието на стриповите со Загор во кои Индијанците и Мексиканците постојано ги повикуваат „духовите на своите предци“. И да е точно тоа, ништо не значи, ниту открива нешто многу суштествено.
Не можеш да го легнеш Милчо на кауч, како што не можеш да го мачиш да признае за која тајна служба работи. Секој што бара причина и мотив кај Милчо ќе згреши. Зашто нема. Нема етиологија. Како што во студијата на Сартр за Гистав Флобер „Идиот на семејството“, се отфрлаат детерминизмите - нервозниот карактер на Флобер или политичките услови во кој живее - така треба и за овој филм.
Нема место за теории на завера. Кој не е веќе уморен од приказните дека некој моќен и злонамерен ни го прави ова. Американци, Руси, глобални политики. Ништо од тоа. Во филмот нема ниту овоземни ниту приземни, а камоли територијални претензии.
Секојдневната мудрост ти кажува „остај го тоа“. И тоа го вели филмот - има друг свет што го одредува твојот живот (ако сакаш да дознаеш). Свет што малкумина го гледаат. Лазар Перков е еден од нив. И филмот плива во христијанска, православна, македонска мистика. Тој и' се обраќа на секоја душа што цврсто се држи за рака со други души - на живи и на починати. Зашто тие релации се она што ја прават душата. Барањато во филмот „врати го она што не е твое“ е барање на душа. Во филмот сите главни ликови се во фигурации - во силни релации со други, во односи на меѓузависност. Релации со бебе и со многу стара баба. Во филмот сите имаат или бебе или внук и сите имаат баба или дедо. Животот на секој од нас во Македонија е распнат меѓу овие две релации, можеби најсилните. Релации со нов живот и живот што ќе го снема. Мачни и силни, во кои истовремено се радуваш и се тресеш од страв. И сите ликови во филмот сакаат некој. И никој не е индивидуа. Сама, единствена, неповторлива. Тоа е небитно. Само жената на Лазар нема такви релации. „Таа не сака никој“, ќе каже Лазар. Таа е рецидив на едно хипи-раскинување со сите семејни врски и барање на индивидуалната слобода и среќа. Никој не и' треба. Но, таа е само консумент на материјални добра и задоволства - пуши, пие и има „швалер“. Таа е ладна и „фура свој филм“. И таа, е лошиот лик во филмот (ако воопшто може да се зборува за лоши или добри во филмот). А сите други се души, за нив нема прашање дали се добри или лоши.
Кај Сартр е другиот што ме определува и соголува. Кај ликовите на Милчо тоа се другите, не е еден друг. Тие ти го даваат битието. Не само овие што се покрај тебе и околу тебе, туку и тие што ги нема. „По одењето си ист дедо ти“. Колку многу мајки во Македонија им го кажале ова на своите деца. Филмот не е за оние што мислат дека душата е работа на лична потрага по душата. Ако сам во себе ја бараш душата без другите околу тебе, ти си на погрешен пат. Барањето „врати го она што не е твое“, кое го внесува Перков во светот на кошмари и живот до коска, всушност е барање „врати го она што е твое“. А тоа е барање да одговориш на прашањето „Кој сум јас?“.
Во филмот политиката е дел од животот, но таа е периферна работа. Еднаш, во друштво на Анголанци и Мозамбиканци ми приоѓа Германец и сака да се вклучи. И се вклучува со прашањето „Дали СВАПО е добра организација?“. Се смееме ко чукнати и меѓу себе се прашуваме која е оваа будала. Баш ни е многу важно СВАПО. Се плашам дека и овој филм на Милчо ќе биде неразбирлив за западниот човек - дека ќе ни извадат некое наше „СВАПО“. Зашто тој ќе сака да го разбере филмот и ќе бара порака и тоа политичка.
А филмот на Милчо е да го осетиш, да те стресе, да те натера да го „побараш она што е твое“. Затоа, тој ќе комуницира со други луѓе на кои мистиката и магијата на животот не им се забутани во некоја дупка што ја викаат фолклор. Филмот ќе допре до луѓе што живеат од Истанбул до Куала Лумпур и земјите од Јужна Америка, како Бразил со традицијата на „макумба“, како Хаити со „вуду“. До сите што ги гледаат и мирисаат магијата и мистиката на животот. Животот прикажан во филмот на Милчо Манчевски е живот во фигурации, распнат помеѓу либидо и смрт. Меѓу ерос и танатос. Но, тука нема ниту Фројд ниту Фром. Нема рационално расчленување на его, супер-его и ид, има растргнатост и почит кон мистиката на животот и на смртта, магијата на љубовта, страста и телесноста.
Филмот ми ја врати сликата на дедо ми легнат на смртна постела со паричката на уста и на бабичките што му доаѓаа да го поздрават за последен пат со цветче скинато по пат за да на крај на последниот негов ден на овој свет биде прекриен со цвеќе. Која мистерија е сето тоа. А во исто време во собата, на масите ракија и шишиња „струмка“, а на вратите постери на фудбалери од „Темпо“. Надвор зад куќата зајаци што се котат пред твои очи. Кој сум јас? Јас сум сите тие што ми ја погалиле косата кога сум имал две години, а не се живи. Сите што сум ги сакал некогаш и сите што ги сакам сега. Не само роднини, туку и маалскиот кепец, маалскиот тепач и продавачот на лубеници на Буњаковец.
Филмот „Сенки“ ми кажува: колку и да се трудиш ти не го контролираш сопствениот живот. Ти не се непобедлив, не си „капетан на својата судбина“, ниту „господар на својата душа“. Зашто не си сам.
Ликот на Лазар е тој што во секое мало дете ја гледа космичката моќ на раѓањето и животот и кога ќе се сврти ја гледа смртта. И во вртењето гледа галерија ликови, и убави, и весели и тажни, живи и неживи, со кои би сакал да биде, а не може, или не може веќе. И жал и чувство на вина и чувство дека нешто си пропуштил да направиш за некој и пак огромна желба да се живее. Како на типична македонска свадба. Дечурлана што трчаат и врескаат, млада мајка што дои, стара баба што се смешка како Буда, а другите играат. На секаква музика. И во филмот на Милчо е баш така. Музиката е од секаде.
Кој е мојот живот не се кажува со збор, не се концептуализира.
За контраст. Едно време го фалев филмот „Американска убавина“. Сега, по „Сенки“, тоа е лош и плиток филм. Индивидуи изгубени во свои лични проекти, робови на материјалното и кои за своето незадоволство ги обвинуваат другите. „Big deal“. Филм ко направен од другарките и швалерите на жената на Лазар Перков.
Филмот на Милчо покажува дека партиципативната свест, која порано западните антрополози ја викаа и примитивна свест, се покажува како посупериорна, пометафизичка и почовечка. Во тебе има се' и сешто и ти си дел од се' и сешто. И Скопје е прикажано како такво. Како гпуп европски град со многу коли и згради и како фавела во Сао Паоло. И ќе видите куќи од висока класа и куќи во кои на кревет се сушат јуфки и цветови од липа. Објасни му го ова некому. Со зборови. Да те видам.
Модерната мисла е таа што концептуализира. Таа се нафаќа на задачата животот и светот да ги објасни со поими, да го разбере. И сите знаат дека врвот на таа мисла е Хегеловата филозофија. Малкумина знаат дека Хегел самиот кажал оти само еден човек може да ја разбере неговата филозофија, а тоа е Јакоб Беме, еден од најголемите мистици на Европа.
Филмот на Милчо ги враќа сите кон Беме. И покрај сите науки и политики, животот е голема тајна. Се' што се наталожило во секој од нас е голема тајна. Да видиш дел од тоа како нешто што те исфрла во вселината и те гмечи назад под земја - и да те вознемири и да те натера да гушнеш некој без причина - за тоа се работи.
Како што вели еден мој другар, Милчо никогаш не знае каков голем филм направил, ниту по многуте прикажувања, награди и позитивни рецензии.
Бранислав Саркањац (Авторот е универзитетски професор)
Скопје, 2 ноември (МИА) - Третиот игран филм на режисерот Милчо Манчевски „Сенки“ вечер ќе биде премиерно прикажан во Универзална сала, каде што ќе има проекции и во наредните шест дена, а ќе биде и на репертоар во скопското кино „Милениум“ и во киносалите низ градовите во Македонија.
- Многу сум задоволен од тоа што излезе и не би менувал ништо во филмот. Мојот метод на работа е секогаш да го преиспитувам сработеното и кога ќе дојдам до степен кога веќе нема што да се бруси, тогаш сум апсолутно задоволен. Она што не ми се допаѓа никогаш не го пуштам во филмот, рече Манчевски на вчерашната прес-конференција. Тој додаде дека до радосниот миг - двата часа слики на филмското платно, е изоден огромен пат во изминатата година и пол, вложен голем труд, солзи и пари, многу работни денови, стотици луѓе и амбиции.
За вечерашната премиера Универзалната сала е технички специјално подготвена. Публиката ќе го следи филмот на нов екран, увезен од Германија, со редизајниран тон и новоопремен проектор. Опремата вредна повеќе десетици илјади евра е несекојдневен куриозитет за оваа пригода, а растегнатото платно на сцената е со димензии 6 х 13 метри и е најголемо досега видено во Македонија.
Светската премиера филмот ја доживеа на 9 септември на филмскиот фестивал во Торонто, во рамките на престижната програма Специјални презентации. Минатата недела „Сенки” беше прикажан и на фестивалот во Сао Пауло, во Бразил. Филмот е македонски претставник за оскар. Првиот филм на Манчевски „Пред дождот“, исто така, беше македонски претставник за престижната награда на Американската филмска академија и влезе во најтесен избор меѓу петте номинирани во 1995 година, а освои и 30 други меѓународни награди, меѓу кои и „Златен лав“ во Венеција. Следниот филм на Манчевски „Прашина” го отвори Венецискиот фестивал во 2001 и, како и „Пред дождот”, е предмет на бројни академски студии. „Прашина” беше на англиски јазик и поради тоа не ги исполнуваше условите за да биде македонски кандидат за оскар во 2001 година.
Во пресрет на кандидатурата за престижната награда, Манчевски нема информација дали ќе добие дополнителна помош за лобирање за „Сенки“. - Тоа е неопходна компонента при пласирање на филмот во кандидатура за оскар. Ако има таква помош, тоа треба да се ефектуира зашто е веќе ноември и пред Американската филмска академија почнаа проекциите на филмовите кои конкурираат за наградата, рече Манчевски.
„Сенки” е трет негов филм. И овој како и претходните два е меѓународна копродукција. Овојпат партнери се Македонија, Германија, Италија, Шпанија, Бугарија, а учествува и паневропскиот филмски фонд „Еуроимаж“. Светски дистрибутер е „Баварија филм интернешнл“. Мотото на филмот е: „Понекогаш мртвите зборуваат погласно од живите”, а самиот Манчевски вели дека е ова филм за кошмарот на еден човек, за неговото социјално и емотивно созревање, приказна за односот кон ближниот свој. „Сенки“ е урбан филм кој ја раскажува приказната за Лазар Перков (Борче Начев) и Менка (Весна Станојевска) и е обид „како во мазно огледало“ да се одговори на прашањето што е тоа податно во љубовта, смртта и сексот за тие да се претворат во табу.
Станојевска на вчерашната средба со новинарите рече дека е презадоволна од себе, од целиот филм и од изборот на сцените. Начев, како и таа, бил многу возбуден од првата средба со сценариото за кое помислил дека е за хорор филм. - Постојано откривав нови работи и сега го гледам со други очи. Го доживувам на прекрасен и интимен начин, рече тој. Филорета Атанасова, која во филмот ја игра неговата сопруга (Гордана Перкова), рече дека нејзина патека во филмот е вечната потрага по љубовта и тогаш кога се соочува со отуѓеност од партнерот.
Екипата на филмот вечер ќе ја поздрави публиката на двете проекции во Универзална сала - во 20 и во 22 часот. Манчевски вети официјална премиера на „Сенки“ и во Свети Николе, каде што филмот на крајот на септември беше првпат прикажан во Македонија, за да ги исполни критериумите за кандидатурата за оскар. Според пропизициите на Американската филмска академија, филмот што е во трка за номинација за оскар треба да биде прикажан пред домашната публика најдоцна до 1 октомври. хс/са/8:52
+++
Скопје, 5 ноември (МИА) - Весниците пишуваат за гламурозната премиера на филмот „Сенки“ на Милчо Манчевски, во петокот во Универзална сала. Кандидатот за „оскар“ ја воодушеви многубројната публика. Почитувачи на нашиот најреномиран филмски режисер со бурни аплаузи ја поздравија премиерата на неговиот трет игран филм.
- Скопјани буквално се туркаат да купат билет за најновото филмско остварување на Милчо Манчевски „Сенки“, кое го имаше своето премиерно прикажување во петокот во преполната Универзална сала. Како што пишува „Време“, само во петокот и во саботата филмот на Манчевски го виделе 7.000 гледачи, што е извонредна бројка, особено за домашен филм. Се очекува филмот да се прикажува уште најмалку три недели во Милениум, а од следниот понедеделник „Сенки“ ќе може да се гледа и во Домот на АРМ. Проекциите во Универзална сала ќе траат до среда.
Скопје, 24 октомври (МИА) - Македонскиот режисер Игор Иванов ја доби наградата за најдобра режија за неговиот филм „Превртено“ на 28. Филмски фестивал во Валенсија.
Одлуката, како што е објавено на веб страницата на фестивалот, денеска ја донесе меѓународното жири.
„Превртено“ вчера беше премиерно прикажан на фестивалот во натпреварувачката програма, во конкуренција за златна, сребрена и бронзена фестивалска палма.
По Валенсија, „Превртено“ ќе има американска премиера, односно ќе биде прикажан во официјалната конкуренција на фестивалот во Сао Паоло, Бразил.ва/са/13:41
Битола, 30 септември (МИА) - Со доделување на наградите, синоќа во Битола заврши официјалниот дел на 28-то издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.
На церемонијата на свеченото затворање присуствуваше и покровителот на оваа престижна манифестација од областа на културата, претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски.
Петчленото меѓународно стручно жири, годинава додели две награди „Златна камера 300“, и тоа на хрватскиот филм „Живи и мртви“ и на чешкиот „Му служев на англискиот крал“.
Според стручното жири, кинематографот Драган Матковиќ ја доби првата награда за хрватскиот филм „Живи и мртви“, заради динамичната визуелна експлозивност која ги претопува минатото и конфликтите од блиското минато, моќно сугерирајќи ја вечната бесмисленост на војната.
Кинематографот Матковиќ, примајќи ја наградата, рече наградата „Камера 300“ ќе биде светилник во неговата понатамошна снимателска работа.
- Навистина сум изненаден од оваа награда, а воедно сум и пресреќен. Ова е мојот прв филм и затоа уште повеќе сум возбуден. Се надевам дека оваа „Камера 300“ ќе биде мој светилник во мојата понатамошна снимателска работа, истакна Матковиќ.
Филмот од Чешка „Му служев на англискиот крал“ ја доби златната „Камера 300“ поради прекрасната визуелизација на едно трагикомично литературно ремек дело, преку употребата на еден калеидоскоп од филмски техники.
- Голема чест е да се стои овде, пред публиката, награден. Нашата професија ја унапредува културата со цел да живее оваа прекрасна традиција на вашиот фестивал „Браќа Манаки“, рече чешкиот кинематограф Јаромир Софр, кој беше бурно поздравен од македонската публика.
Сребрената „Камера 300“ му припадна на кинематограф во македонскиот филм „Јас сум од Титов Велес“.
Меѓународното стручно жири оваа награда ја додели поради тоа што овој филм користи оригинален артистички и кинематографски јазик, за да ја претстави моќната семејна трагедија на три сестри чија надеж создава фасцинантна и длабока необична приказна. Наградата и беше врачена на кинематографката Вирџини Сент-Мартин.
Бронзената „Камера 300“ ја освои кинематографот Кристофер Дојл за филмот „Парк параноја“.
Според востановената традиција и годинава на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ посебни награди доделија конзорциумот „МОС-Филм“ од Москва, Русија и Општината Битола. Специјална диплома од страна на рускиот конзорциум беше доделена за авторите на филмот „Долина“ од Унгарија, додека наградата од градот домаќин ја доби филмот од Јапонија „Таговна шума“ .
Дваесет и осмото издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера завршува вечерва со, како што најавија организаторите, филм изненадување на публиката. мт/бак/9:34
ФЕСТИВАЛ НА ФИЛМСКАТА КАМЕРА „БРАЌА МАНАКИ“
И публиката и жирито задоволни од понудата
По три филмски продукции дневно може да видат филмските вљубеници, кои ги има во голем број
Во импресивни филмски остварувања кои пленат со моќна фотографија ужива публиката на фестивалот што ја слави филмската слика, „Браќа Манаки“ во Битола. По три филмски продукции дневно може да видат филмските вљубеници, кои ги има во голем број. Новите остварувања на Јиржи Менцел - „Како му служев на англискиот крал“, зад чија камера стоеше славниот Јаромир Шофр беше најдобро прифатениот филм завчеравечер, кој публиката ја испрати со многу воздишки и насмевки. Остварувањето, кое засега го виделе околу милион луѓе во Чешка, предизвика голем интерес и кај членовите на жирито, кои на прес-конференцијата што се одржа вчера поставуваа прашања за процесот на работа на филмот.
Јапонскиот филм „Таговната шума“ на режисерката Наоми Кавазе ја остави без зборови публиката. Извонредните пејзажи и успешното доловените приказни на двата главни лика во филмот, отворија многу прашања кои му беа поставени на кинематограферот Хидејо Накано, кој дојде во Битола.
Новиот филм на режисерот Александар Поповски „Метаморфози“ беше промовиран завчеравечер, во Домот на културата. На промоцијата присуствуваа актерите Тони Михајловски, Ирена Ристиќ, сценографот Бујар Муча, продуцентот Роберт Насков.
- Во овој процес на глобализација, глобално затоплување и други глобални процеси, се радувам што се занимавав со процесот на метаморфоза, кој на многу убав начин ми ја одбележа годината. Како резултат на тој процес, настана и овој краток филм, кој морам да кажам дека ме врати во периодот кога почнував да се занимавам со филмската уметност. Собрав многу убава актерска екипа, со која си поминавме одлично. Филмот не е завршен - рече Поповски.
Судејќи според реакциите на жирито, тие воопшто не се рамнодушни кон селекцијата што ја направил Благој Куновски-Доре. Во Битола беше промовиран и најдобриот хрватски филм за минатата година - воениот „Живи и мртви“ на Кристијан Милиќ.
Добитникот на специјалната награда за животно остварување, Бранко Лустиг, вчера одржа мастер-клас, кој предизвика голем интерес.
„Јас сум од Титов Велес“ првпат дома
Македонската премиера на „Јас сум од Титов Велес“ во режија на Теона Митевска е вечерва во 19.30 часот во битолскиот Центар за култура.
Директорка на фотографија на овој филм е Виржин Сент Мартен, која е во конкуренција за награда. Филмот доби специјална награда на Саревскиот филмски фестивал, а се натпреваруваше за награда на фестивалот во Торонто.
Пред тоа, во 17 часот на програмата е „Исчезната ѕвезда“ на кој кинематографер е Лука Бигаси, а во 22 часот на програмата е „Контрола“ на кинематограферот Мартин Руе.
Сребра Пашовска
+++
Битола, 26 септември (МИА) - Во големата сала на Центарот за култура во Битола синоќа почна 28-то издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Брака Манаки“.
На свеченото отворање прво беше доделана наградата за животно дело „Златна камера 300“. Ова високо признание на кинематографот од Русија Анатоли Петрицки му го врачи претседателот на Советот на фестивалот Роберт Насков.
- Благодарам на сите што ме донесоа во Битола. Камерата ми го продолжува животот. Јас знам дека Битола е стар град и се вљувив во Битола како што стар човек е вљубен во старица, рече во своето обраќање пред македонската публика Петрицки, кинематографот на познатиот филм „Војна и мир“ годинешен добитник на наградата за животно дело.
Фестивалот за отворен го прогласи, добитникот на специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност хрватот Бранко Лустиг.
- Кога на моите загребчани им реков дека одам за Битола, ми рекоа, ах, да „Битола мој роден крај“. Јас во Битола и во Македонија сум бил многупати. Првиот пат беше за време на земјотресот во Скопје. Тогаш останав шест месеци, снимавме долго. За документарниот филм „Скопје 63“ ја освоив високата награда на фестивалот во Венеција „Златен лав“. Подоцна снимав со Питер Јустинов, а пред извесно време и кадар за филмот „Миротоворец“ рече Бранко Лустиг на вечерашната свеченост и го прогласи за отворен Фестивалот во Битола.
Фестивалот официјално почна со прикажувањето на македонската премиера на филмот „Превртено“ на режисерот Игор Иванов-Изи во кој кинематографер е Томи Салковски.
Потоа во полноќната програма беше прикажан аргентинскиот филм „Другиот“ во режија на Ариел Ротер. мт/ми/8:29
+++
. |
--------------------------------------------------------------------------------
Скопје, 21 септември (МИА) - Италијанската претстава „Во Палермо“ во изведба на Суд Коста Окиндентале вечер во Македонскиот народен театар ќе го отвори 32-риот меѓународен фестивал Млад отворен театар, на кој до 29-ти овој месец под фестивалското мото „Алхемија на театарот“ ќе гостуваат театри од 12 земји. Ќе бидат прикажани дваесет претстави, од Португалија, Унгарија, САД, Шпанија, Италија, Македонија, Германија, Србија, Англија, Јужна Кореја, Бугарија и од Полска.
„Во Палермо“ е претстава на Ема Данте, која според критиката во моментов е најспектакуларен режисер во Италија. За овој сценски проект таа доби Златен ловоров венец на Фестивалот МЕСС во Сараево.
Претставата ја посветила на својот роден град Палермо, по долгогодишен престој надвор од него. Раскажува за едно семејство затворено во микрокосмос, кое се концентрира на намерата да го пречекори прагот од дома, но тоа не се случува. На сцената се само пет актери, една кофа со вода и слатки за јадење. По скромноста на сценографијата, театарот на Ема Данте е близок на античкиот и на Шекспир, но е тотален театар зашто во фокусот е човекот, т.е. актерот како центар на театарската игра.
Актерската екипа на претставата „Во Палермо“ на денешната прес-конференција ја посочи специфичноста на играта т.н. авторски театар, во која тие се ко-автори во креирањето на претставата. Поради тоа, во изминатите шест години во претставата се внесува импровизација и различна и неповторлива игра, но однатре таа има ригидна структура, изрежиран код, од кој актерите не отстапуваат.
Утре на прграмата на МОТ се три претстави - португалската „Заспаниот Буда“, „Мармалад“ на бугарскиот театар „Улица“ и „Комшилук наопаку“ на Драмски театар, која по премиерната изведба на Охридско лето, првпат ќе ја види и скопската публика.
Според селекторката на програмата за годинашното фестивалско издание, режисерката од Бугарија Лила Абаџиева, МОТ е важен театарски проект за привлекување странски творци, за отворање нови перспективи и за мотивирање на младите генерации.
Ден на Македонскиот отворен театар е 26 септември, посветен на театарскиот доајен Петре Прличко, кога ќе бидат изведени седум претстави во продукција на македонски театри, како и дебата „Македонија и театарскиот идентитет“ и концерт на групата „Фолтин“.
Фестивалот годинава ќе организира трибини и театарски работилници со наслов „Едукативен театар“, кои ќе ги водат странски театролози, професори и режисери. Новина е што МОТ од ревијален прераснува во натпреварувачки, на кој ќе биде наградена најдобрата претстава, по избор на критиката, театролозите и новинарите-соработници на МОТ.
Затворањето на фестивалот се совпаѓа со манифестацијата „Бела ноќ“, која трета година по ред ја организира Град Скопје. На последниот фестивалски ден ќе гостува словачката трупа „Анта Агни“ со перформансот „Аргола - каде што огнот и ветрот танцуваат заедно“. Спектаклот ќе прикаже акробации, танц, жонглирање со факли и коцки. Премиерно е прикажан лани на најголемиот летен фестивал во Словачка „Бажант похода“, а оттогаш гостувал во повеќе европски метрополи. хс/са/12:44