
Вчера, 14 ноември 2026 година, во храмот „Св. Георгиј и Пресвета Богородица“ во Епинг, Мелбурн, во организација на Македонската православна младина на Австралија (МОЈА), се одржа јубилејниот 20. годишен младински семинар на тема „Вистинска слобода – практичен водич за надминување на искушенијата“. На семинарот учествуваа околу сто деца и млади, меѓу кои и членови на младински групи од сестринските православни цркви.
Собирот започна со Света Божествена Литургија, која во најголем дел се служеше на англиски јазик. Младите учествуваа во заедничката молитва и се причестија со Светите Христови Тајни. Во воведниот дел од семинарот, претседателот на МОЈА, Мартин Масалковски, ги поздрави присутните. Во воведното обраќање беше нагласено колку им значи на младите да имаат пријатели со кои ја споделуваат верата и на чија поддршка можат да се потпрат во миговите на искушение.

За темата говореа тројца предавачи. Чтецот Закари Армстронг објасни што е искушението и од каде произлегува, потсетувајќи дека самото искушение не е грев. Oтец Гаврил Галев, духовен отец на младинската организација, говореше за тоа како човекот постепено му подлегнува на искушението и како навременото препознавање на тој процес може да му помогне да го избегне падот. Oтец Климент Станковски се осврна на практичните начини за справување со искушенијата и на значењето на покајанието и Светата тајна Исповед кога човек ќе падне.
Предавањата беа проследени со работилници во мали групи. Младите разгледуваа конкретни ситуации и разговараа како би постапиле кога ќе се најдат пред искушение. Имаа можност да споделат и лични искуства од својот духовен живот. Во забавниот дел се одржа квиз, на кој победи Џошуа, кому како награда му беше врачен молитвеник. Младите од МОЈА се погрижија за добрата организација на целиот собир, од пречекот и работилниците до заедничкиот ручек со прекрасна храна.






Во топла и срдечна атмосфера, учесниците од различни парохии и младински групи се запознаваа, разговараа и стекнуваа нови пријателства. Токму во тие средби оживеа и една од пораките на семинарот – дека во борбата со искушенијата младите можат да си помагаат едни на други преку молитва, разбирање и искрено пријателство во Христа. Упатуваме искрена благодарност до Управата на Македонската православна заедница за Мелбурн и Викторија (MOCMV) за гостопримството и поддршката при одржувањето на јубилејниот младински семинар.
16.11.2026
https://www.macedonianorthodoxdiocese.org.au/


























