логоFacebookTwitterYouTubeeMail

Монах Мојсеј Светогорец († 2014)

 

Свети Јован Лествичник ги собрал еднаш пустинските старци, за да му кажат што значи смирението. Тогаш секој зел збор и со скромност и длабочина го изложил својот животен опит. Еден рекол дека смирение е да ги заборавиш своите добри дела, да не ги паметиш и да не бидеш горд. Друг рекол дека смирение е  човек да се смета себеси за последен и најгрешен од сите. Трет рекол дека смирение е да се има постојано умиление и скрушена душа и секогаш да се одрекува од својата волја. Други, исто така, кажале важни и драгоцени работи. Богоносниот преподобен Јован, исто кажал непроценливи зборови за смирението што можеме да ги добиеме од неговата уникатна книга „Лествица“. Авва Исаак Сирин постојано го спомнува смирението во своите слова: „Смирението е облека на Божеството, на Синот и Словото Божјо, Кое кога стана човек, се облече во него и комуницираше со нас. И секој што ќе се облече во смирението навистина личи на Него, Кој слезе од Неговата височина и ги покри Сопствените слава и величие со смирение“.

Свети Василиј Велики вели: „Смиреномудрие е човек да ги смета сите луѓе над него“. Свети Никодим Светогорец вели: „Смиреното себепознание треба да се почитува повеќе од височината на сите науки и стои погоре од тоа да правиме чудеса“.

Дозволете ми да ви прочитам извадок од писмо од еден млад човек, што е показател за состојбата на умот на неспокојниот и немирен млад човек од нашата епоха, кој, сепак, бара избавување:

„По втор пат полагам приемни испити на универзитетот и не влегувам. Родителите се караат, браќата ме исмеваат, пријателите не ме тешат. Не можам да најдам мир никаде, гужвата ме вознемирува. Не можам да читам весник, списанијата ми се толку профани и брзо ја напуштам телевизијата. Размислувам да се вратам во селото, но ми е тешко. Моето детство, колку и да беше тешко, во секој случај беше убаво. Многу ми е тешко, лесно се изморувам, станувам нервозен, негодувам, досада, монотонија, осаменост ме обзема. Се сеќавам на Света Гора со солзи. Пред сè, на едноставноста, благодатта и смирението на монасите“.

Колку млади би го повториле со мала разлика овој, ако ништо друго, симпатичен глас?! За сите нив, Црквата има резервирани места. Чека, поканувајќи на нејзината пасхална трпеза, за да ги развесели сите. Да се смириме искрено пред Господа, што е нашиот прв чекор, и оттаму сè е лесно. Се разбира, Свети Дијадох, Епископ  Фотијски, го нарекува смирението „тешко достижна добродетел“, затоа што, можеби, неподготвеноста и склоноста кон лесен живот ни отежнуваат да започнеме една духовна борба која бара храброст за постојани битки со нашето горделиво „его“.

Погазувањето на Божјата волја од страна на првиот човек на Земјата е дело на несмирен дух, на непослушание кон Татковата заповед, на голема гордост. Тој посакал да стане Бог и го изгубил она што бил. Последиците од неговиот пад беа болни и трагични, како за себе, така и за човечкиот род. Првосоздадениот човек одеднаш се понизил себеси, станал туѓ на Божјото човекољубие, затоа што се предал на тиранијата на гордоста. Тука е почетокот на злото во светот, болеста што ѓаволот ја пренесе на човекот. Тој го направил човекот послушен непослушник, од смирен – дрзок, нагол, бесрамен. Затоа што, според Свети Јован Лествичник, гордоста е одрекување на Бога, причина за пад, источник на гнев, врата за лицемерието, доказ за неплодност, корен на богохулење. Факт е дека првосоздадените луѓе не го изгубиле Рајот затоа што згрешиле, туку затоа што се оправдувале себеси. А оправдувањето за извор ја има гордоста. Ако човекот се смиреше пред Бога, несомнено неговиот пат ќе беше поинаков.

Пред неочекуваната жестокост на Своето творение Преблагиот Бог се принудил да стане строг. Изгонувањето од Рајот, трудот, напорите, болката, тагата и смртта што влегуваат во животот на првите луѓе, не се наменети за одмазда и казна, туку за да омекне скаменетото срце и да се смири  пред Бога бунтовниот, востанатиот, грешниот човек. И додека ни се чини дека тешкотиите можат да ни наштетат, преку нив човекот, сепак, се поправа, извлекува духовна полза и повеќе се смирува, нешто што е најблаготворно, најкорисно за душата. Тука Божјата мудрост и љубезност стануваат очигледни. Треба да поминеме низ искушенија, за да си помогнеме. Сепак, постои и можност – и за жал ова не е невообичаено – да не ја исползуваме тагата и да станеме дури уште пожестоки. Тогаш, вели Авва Исаак, тагите ќе станат силни и многубројни, и од една тага ќе се предаваме на друга, сè додека не се смириме, не се спознаеме себеси, не ги почувствуваме своите грешки и не се исповедаме.

Вистина е, браќа мои, дека сè што ни се случува во животот не е случајно, не е далеку од погледот на Бога. Така, ако видите како некој ве навредува, обвинува, клевети, понижува или хули, не се гневете веднаш на него. Погледнете во вас и ќе видите како никнува копривата на гордоста. Бог ни ги испраќа хулителите, за да се погледнеме внимателно себеси и да го предвариме злото што никнува и се зголемува во нас. Така велат отците на Света Гора. Нивниот опит не може лесно да погреши.

Пламеното потчинување на човекот кон Божјата волја е содржината на смирението. Преуспевањето на душата, според Свети Василиј Велики, е преуспевање во смирението. Познанието на богочестието значи познание на смирението. Смирението е подражавање на Христос.

    Треба да имаме правилна проценка за себе. Односно, да имаме благоразумие, за да не стигнеме до безумие. Да ги знаеме нашите можности, мерка, слабости и беспомошност. Славољубивиот, прогонувачот на пофалби, оној кој ги сака ласкањата, рекламите, првите места и почестите, постојано страда и се мачи. Сака да биде центар на разговорите, да му бараат мислење, да го има првиот и последниот збор. Видливо е неговото ментално растројство, високоумието го заблудува, го тера да живее во нереален свет и понекогаш го изгонува надвор од себеси. Факт е дека гордоста е почеток на сите страшни душевни заболувања.

Тука мора да нагласиме дека смирението е постојана и трајна состојба на душата, која дури расте со текот на времето и се усовршува, се испитува и определува според околностите и таму се гледа нејзината чистота и вистина. Да не си мисли човек и никогаш да не се лаже, дека затоа што направил една смирена постапка или прави некои смирени дела или има смирени помисли, тогаш тој се здобил со смирение во своето срце.

Во светотаинствената благодат на Црквата, верникот е повикан да ја согледа благодатта, не просто како некаков украс и некаква сила, туку со цел да стигне до смирението што ќе го направи приемчив за Божјата благодат.

За Божественото смирение (втор дел)

 

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/za-bozhestvenoto-smirenie-prv-del/

 

 



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Септември 03, 2021
Default Image

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во манастирот Успение на Пресвета Богородица - Берово
Јуни 30, 2021
3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

СКОК ПРЕКУ ЈАЖЕТО НА НЕСОГЛАСУВАЊЕТО

Затоа, секогаш кога можеш прескокни го јажето на несогласувањето и фати се за оној дел од приказната кој ветува радост, насмевки и љубов. Горчината плисни ја со бран од морето, измиј го отровот на искажаните зборови и погледни кон залезот на сонцето. Тоа ќе…

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 3123
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 2453
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…