логоFacebookTwitterYouTubeeMail



 
Интервју на Митрополитот Агатангел за весникот „ДЕН“ 
3.05.2012. 
Митрополитот на Руската православна црква Иларион Алфејев, кој е задолжен за односите со другите цркви, во неделата во изјава за бугарското радио при посетата на рускиот патријарх Кирил на Софија, се понуди да посредува во спорот меѓу МПЦ-ОА и СПЦ со тоа што на МПЦ-ОА би и се дала некаква самостојност без изрично инсистирање на автокефалност. Дали ваквата опција е прифатлива за МПЦ-ОА, имајќи во предвид дека вакви идеи веќе се разгледуваа во претходниот период?

Митрополит АГАТАНГЕЛ: Ние веќе имаме добиено самостојност во 1958 година со одлука на Соборот на Српската православна црква и се до 1967 година кога е објавена автокефалноста на МПЦ сме биле самостојна црква. Не знам дали некој сега повторно би се вратил во самостојност. И Нишкиот договор нудеше такво слично решение што беше одбиено од Синодот на МПЦ. Јас не верувам дека некој би се вратил назад. Сепак, јас сега зборувам во мое име, а не во име на Синодот, но мислам дека повеќето архиереји го делат мислењето дека треба да си останеме автокефални и да го чекаме периодот кога ќе дојде време да не признаат како автокефална црква. А мислам дека се ближи и тој момент.

Какви ви се сега односите со СПЦ? Има ли некакви контакти?

Митрополит АГАТАНГЕЛ: Нема меѓуцрковни средби. Подолго време се замрзнати односите и немаме никакви контакти освен приватната комуникација на некои наши постари архиереји со некои архиереји од СПЦ со кои биле школски другари. Но, мислам дека и таму полека се менуваат работите и сите не размислуваат дека ние сме расколничка црква, како што официјално изјавуваат. Тие знаат дека народот ја поддржува црквата и дека народот е всушност црквата. Ако нема народ, нема ни црква. Јас во неделата служев во Валандово и таму гледам полна црква народ. И исполнета ми беше душата. Нашиот народ си ја сака својата црква. Иако по медиумите можеме да видиме текстови дека народот наводно бил разочаран од свештенството, од поповите, од владиците што се инсинуации што ги шират некои луѓе за да се создаде раздор наместо да се соединиме. Тие одат кон растурање и на она што нашите дедовци го создале.

Деновиве дел од јавноста токму вас ве обвини за создавање на поделби односно за атак врз опозицијата и отворена поддршка на владејачката партија. Дали ваквите ставови можат да придонесат за нови поделби на верниците бидејќи верниците се со различна партиска припадност?

Митрополит АГАТАНГЕЛ: Ниеден архиереј не е партиски определен, па се разбира не сум ни јас. Светиот архиерејски синод на една своја седница донесе одлука свештенството да не биде партиски определено токму затоа што ние како црква имаме верници од различни партии и не треба народот да го делиме на партиска основа. Во сите партии има верници, во сите партии има и добри и лоши. Јас не верувам дека е погрешно ако некој проговори или гледа со позитивни очи кон владејачката партија, бидејќи ние се раководиме според словото божјо, а апостолот Павле вели власта е дадена од бога и таа власт треба да се почитува. Ние секоја власт сме ја почитувале како црква. И СДСМ кога беше на власт ние немавме проблеми.

Но, последниот ваш настап многумина го протолкуваа како отворен атак врз опозицијата и ставање на страна на владејачката партија а не благонаклоно гледање кон неа?

Митрополит АГАТАНГЕЛ: Јас не ја нападнав опозицијата туку само кажав каква штета таа и направи на македонската црква и македонскиот народ, однонсно оние што се чувствуваат христијани верници. Затоа што за времето додека Љубчо Георгиевски беше премиер се донесе одлука да во училиштата до петто одделение се држи веронаука. Тогаш навистина се добро почна, јас бев брегалнички владика и се сеќавам дека во мојата епархија околу 80 отсто од дечињата и нивните родители ја прифатија. Но, дојде СДСМ на власт и го укина тоа. Ајде повторно нешто се направи, но г-динот Жерновски од ЛДП кој тогаш беше во коалиција со СДСМ ја оспори веронауката пред Уставниот суд и овој суд токму на неколку дена пред Велигден ја прекина веронауката. Потоа сетете се што се случуваше при обидот за изградба на црква во Скопје. Јас не знам зошто тоа го правеа и зошто уште го прават. Не нападнав никој туку кажав што ни направиле. Од луѓето што сега се на власт немаме никакви проблеми.

Од опозицијата ве обвинуваат дека власта ја купува вашата поддршка со проектите за изградба на цркви од буџетски пари, но и милионите евра кои ви ги исплаќа во процесот на денационализација. Голем дел од јавноста директно го поврзува црковниот врв со владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а веројатно има некаква причина зошто е тоа така?

Митрополит АГАТАНГЕЛ: Па имотите, шумите, дуќаните што од страна на државата се одземени од црквата, тоа треба ли некој да го врати? Како на сите граѓани што се враќа. Која е таа блискост на архиерејите кога должност им е да ја спроведат таа денационализација. Не е вратено само на МПЦ-ОА туку и на ИВЗ и на многу други организации и граѓани. Државата не ми враќа на лично мене или на некој друг архиереј туку на црквите или епархиите чиј имот бил одземен.

МПЦ-ОА минатата година доби еднаш десет милиони евра од процесот на денационализација, а потоа во неколку наврати и други пари. За што се трошат овие пари?

Митрополит АГАТАНГЕЛ: МПЦ како црква не добила ништо туку тоа се средства на црквите и манастирите поединечно, чии имоти биле одземани. Секоја црква си ги троши парите поединечно. Јас можам да кажам за мојата ешпархија дека имам добиено три милиони евра и тие пари се употребуваат за изградба и реновирање на конаци, цркви и сл. Тоа не се мои пари туку на црквите во епархијата.

Велите не сте ја нападнале опозицијата...

Митрополит АГАТАНГЕЛ: Видете седум телевизии беа, сите седум различно дадоа. Никој не го пренесе целото мое излагање. Јас повикувам на единство. Ме разбирате? Тоа што се случи во Св. Димитрија да се случеше во некоја друга држава тоа ќе беше помпезно, ќе се радуваа сите, ќе речеа еве Бог се јавува повторно. Ние веднаш удривме против чудото, против црквата... Срамота е тоа што се пишуваше. Јас повикав на едно единство бидејќи Бог можеби ни дава знак да се покаеме. Бидејќи до вчера живеевме атеистички, го напаѓавме Христа, се срамевме да кажеме дека сме Христијани, не смееше свештеник во мантија на улица да излезе... Јас сум сигурен дека најголем дел од граѓаните, без оглед позиција-опозиција, не ги поддржува овие напади врз црквата. Македонскиот народ во срцето и душата го носи Христа. Затоа е сочувана и државата и црквата со векови и кога било најтешко. И тие денес што плукаат по црквата, нивните родители се религиозни луѓе, да знаете.

Значи, тврдите дека и вие и МПЦ-ОА сте подеднакво блиски и со премиерот  Никола Груевски и со лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски?

Митрополит АГАТАНГЕЛ: Да, да. Е сега може некој ми е посимпатичен како личност, како креативец итн. Но, како луѓе ниту едниот ми направил нешто ниту другиот. Ниту едниот ми помогнал во животот ниту другиот. Се сам сум се борел. Јас имам три народни црковни кујни и секој ден хранам 500 души. Ниту сум отишол кај Груевски ниту кај Црвенковски. Има добри луѓе кои помагаат да обезбедиме еден оброк за оние на кои најмногу им треба.    

Но, да се вратиме на чудото во црквата СВ. Димитрија. И вие а и некои други свештеници откако почна измивањето на фреските веднаш побрзавте да посочите дека е тоа знак за народот да се покае. Зошто не го прочитавте измивањето како знак и до свештениците да се покајат?

Митрополит АГАТАНГЕЛ: Видете, во тој народ и свештенството треба да се покае. Што мислите, ние сме светители? Па, и во нас тече крв. Само Бог е без грев. И јас грешам, можеби и повеќе од вас. Тоа важи за сите.

Кога сме кај грешките на свештенството, неколку години постојано се пишува за луксузниот возен парк на архиерејите, кои се возат во мерцедеси додека народот тоне во сиромаштија. Нели мислите дека владиките треба да внимаваат малку во овој дел? Се разбира никој не бара да се возат во фиќо, но не мора и во автомобили кои бодат очи?

Митрополит АГАТАНГЕЛ: Мислам дека и тие обвинувања се неоправдани. Јас кога станав Брегалнички владика, таму имаше една Лада што постојано се расипуваше и јас морав на сред пат да застанувам и да ја поправам. Но, има добронамерни луѓе кои дојдоа и ми кажаа дека тоа не личи така и рекоа дека ќе ми купат кола. И навистина ја купија колата- Ауди, Таа кола не е моја туку подарок за Епархијата. Јас си заминав од таму, а колата си остана на Епархијата. Кога дојдов во Повардарската епархија пак го имав проблемот со возилото и со штедење, на кредит купивме возило.

Во наредните неколку месеци треба да се изберат нови владици во Синодот на МПЦ-ОА. Дали се потребни нови владици со оглед на тоа што нема слободни епархии и дали и овој избор повторно ќе се претвори во борба меѓу повлијателните архиереји за превласт во Синодот?

Митрополит АГАТАНГЕЛ: Секогаш има потреба од нови владики иако е точно дека нема празни епархии. Но, не мора да има епархии. Има цркви што имаат викарни владици, помошници на митрополитите. Е сега ние сме мала црква и немаме многу финансиски можности и можеби тоа ќе биде проблем.

Едно време црквата имаше иницијатива за прогласување на маченици на загинатите кај Вејце. Што се случи со иницијативата и како го коментирате она што се случи пред неколку дена кога загинатите беа буквално заборавени иако тие го дадоа животот за татковината и тоа пред само 11 години?   

Митрополит АГАТАНГЕЛ: Бог да ги прости сите што загинаа на браникот на нашата татковина. Тие никогаш нема да бидат заборавени од МПЦ-ОА бидејќи во секоја парохиска црква постојат списоци на упокоени за време на војната и ние секоја недела, секој празник кога богослужиме света литургија се молиме за упокојување на душите на тие наши браќа што ги положија животите за Македонија. Што се однесува до прогласувањето за светители, тоа беше иницијатива од група граѓани кои веројатно не ги познаваат доволно каноните. Но, МПЦ никогаш нема да ги заборави овие јунаци.
 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Јуни 30, 2021
3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

СКОК ПРЕКУ ЈАЖЕТО НА НЕСОГЛАСУВАЊЕТО

Затоа, секогаш кога можеш прескокни го јажето на несогласувањето и фати се за оној дел од приказната кој ветува радост, насмевки и љубов. Горчината плисни ја со бран од морето, измиј го отровот на искажаните зборови и погледни кон залезот на сонцето. Тоа ќе…
Ноември 10, 2020

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна Морача. Завршил Богословија во Белград, а на Богословскиот факултет на СПЦ, во Белград, дипломирал во 1962 година. Покрај теолошките науки, студирал и класична…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 2502
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 1680
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 2164
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…