логоFacebookTwitterYouTubeeMail

TViTer175

Интервју со монахињата Ефимија и јеромонахот Кирил

    Монасите во интервју за „Нова Македонија“ зборуваат за идејата за филмот, соработката со екипата што го реализирала снимањето, но и за важноста на овој филм како сведок на живоста на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија

Документарниот филм „1000 години-Сведок на светлината“, посветен на Бигорскиот манастир, по повод големиот јубилеј на манастирот, кој го доловува духовниот монашки континуитет низ вековите, премиерно ќе биде прикажан в петок во 20 часот. Ќе се емитува на Националниот сервис, на каналот Јутјуб и ќе биде споделен на официјалните Фејсбук страници на филмот и на Бигорскиот манастир.

Покрај бројната продукциска екипа, во реализацијата на филмот активно беа вклучени монахињата Ефимија и јеромонах Кирил.
Фото: Ненад Андонов

Двајцата во интервју за „Нова Македонија“ зборуваат за идејата за филмот, соработката со екипата што го реализирала снимањето, но и за важноста на овој филм како сведок на живоста на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија.

Како се роди идејата да се сними документарен филм за Бигорскиот манастир?

– Како што ѝ е добро познато на македонската јавност, а и пошироко, во 2020 година Бигорската Обител го прослави своето илјадалетие – 1000 години од нејзиното основање во 1020 година од страна на ктиторот, Архиепископот Јован Охридски Дебранин. Според благословот и идеите на нашиот Старец и Игумен на Бигорската Обител, Епископот Антаниски г. Партениј, оваа ретка годишнина беше достоинствено одбележана со низа литургиски и културни прослави и собитија. Заедно со сите тие, беше предвидено и снимање на документарен филм, со што илјадагодишната историја би се претставила и на платното на „седмата уметност“. Меѓутоа, со оглед на тоа што изминативе години владееја вонредни околности поради пандемијата во светот, реализацијата на филмот малку се оддолжи. Сепак, по Божја промисла, тој излегува во право време, како заокружување и запечатување на настаните поврзани со одбележувањето на Бигорското илјадалетие.

TViTer176


Кога се создава идејата за сценариото најважен е фокусот на кој ќе се гради приказната. Како беше избран акцентот на што ќе се насочи филмот, со оглед на големата 1000-годишна историја на овој манастир?

– Главната идеја за содржината на документарецот беше вдахновена и осмислена од страна на Старецот, Епископот Партениј. Неговата замисла беше филмот да инкорпорира два основни дела: историографски, во кого ќе се презентира бигорското минато преку освртот кон најзначајните познати личности поврзани со него; и вториот дел, насочен кон поновата историја и кон сегашноста, во кого ќе се говори за современата дејност на Манастирот, за животот на Братството и за неговата мисија, презентирани преку годишниот богослужбен циклус. Ваквиот концепт наиде на мошне плодно тло во мисловниот капацитет на авторот и режисер на филмот, нашиот драг пријател г. Илија Ико Каров, кој одлично ја восприми идејата на Старецот и, мора да нагласиме, пожртвувано, самопрегорно и минуциозно се оддаде на нејзино исполнување и отелотворување.
Вреди да се забележи и тоа дека пред самиот крај на снимањето се случи еден пресврт, кој му даде нова смисла на целиот филмски процес. Имено тоа беше моментот кога се реализира интервјуто со нашиот Старец, владиката Партениј, кој со својата татковска топлина и непосредност во обраќањето го насочи филмот во еден поинаков правец, обратна перспектива, би рекле – од внатре кон надвор. Целата екипа беше видно воодушевена од материјалот што тогаш го доби и тоа направи филмот да биде поставен во една нова сценариска рамка.

Како одеше соработката со продукциската екипа, со оглед на тоа што очите на уметниците, авторите и очите на монасите можат да препознаат различни фокуси во манастирскиот живот?

– Сè започна врз пријателска основа, со искреност и отвореност. Ико собра прекрасна екипа и секој член од неа волно и со љубов се вложи во ова опсежно и макотрпно дело, без никакви услови или изискувања. Кога соработувате со такви широки и креативни луѓе, кои копнеат по убавината, едноставно не може да има големи недоразбирања, а фокусите, колку и да се различни, накрај се изедначуваат во една точка. Очи кои гледаат со искреност и со љубов, секогаш перципираат убави и возвишени слики. Тоа им е заедничко и на уметниците и на монасите.

Како се направи спој меѓу манастирската таинственост и љубопитноста на уметничката јавност
?

– Во суштина, и монаштвото и уметноста го бараат таинственото – вдахновението и убавината коишто се кријат зад видливите нешта. „Сè е некаде на друго место“ – вели еден писател. Во голема мера тоа е точно. Па така, таинството на монаштвото не е ништо друго освен несфатливото и мистично дејство на Божјата благодат. Нашиот Старец често пати повторува дека „монаштвото е една од најголемите свети тајни во Црквата, бидејќи во него, на таинствен и за човечкиот ум неразбирлив начин, дејствува Самиот Господ Исус Христос, врховната Добрина и Убавина“. Ова Таинство „го ловат“ не само монасите, ами и сите богољубиви и богобарателни души. Следствено, не е тешко да се направи спој меѓу погледите и интересите на различните истражувачи на убавото и доброто.
Во духот на таа убавина во таинственоста, на самиот почеток на филмот, нарацијата имплицира на тишината која владее во манастирот, на тоа дека таа е јазикот на идниот век. Во тишина можеш да го чуеш гласот Божји и да бидеш вдахновен од Неговата Убавина, да твориш за таа Убавина. Тоа е амбиент во кој живеат не само монасите, туку и уметниците, бидејќи токму тие во благогласната тишина ги создаваат своите големи уметнички дела, во кои според зборовите на еден современ германски философ, се крие малата вечност.

Кои се главните актери во овој документарен филм?


– Филмот практично има еден актер, кој во улога на наратор ги раскажува доживеаните чувства и моменти од неговото другарување и општење со монасите и со верниците во Манастирот. Тоа е еден од најпознатите македонски актери, инаку наш голем пријател, г. Благој Веселинов, кој и покрај многуте работни ангажмани и други обврски (впрочем, како и останатите членови на кинематографската екипа), без двоумење и со голема радост прифати да биде дел од овој филм.
Несомнено големата популарност на Благој и истовремено професионалноста со која тој и’ пристапи на задачата, му даваат една огромна тежина на филмот. Близината со монасите, особено со Старецот, го направија Благој многу повеќе од актер во докуменатрниот филм – тој стана автентичен учесник во светотаинскиот живот, дел од таа духовна приказна која нема крај.
Освен нарацијата на Веселинов, во филмот зборуваат уште и неколку браќа и сестри од нашата монашка заедница, верници, а и човек, поконкретно Мартин Валтер, кој зборува од името на сите оние успешни случаи кои поминале низ нашата хуманитарна програма за исцелување од зависности и ресоцијализација.

Последните неколку години од снимањето документарни филмови за личности и настани од православната црква стана многу значаен елемент од сведочењето на верата. Дали тоа е еден еден нов современ пристап за промоција на вистината и живоста на црквата кај пошироката јавност?

– Се разбира. Црквата отсекогаш ги ползувала расположливите информативни средства за ширење на благата вест за спасението, за духовно облагородување на човекот и за утеха на човештвото. Средствата за информирање сами по себе не се ни добри ни лоши – важен е начинот и целта за кои ги ползуваме.
Знаете, Црквата е и авангардна. Нејзината проповед не е свртена само кон сегашноста, туку и кон иднината – кон вечноста. Таа, втемелена на божествената вечна вистина, се труди да го разбере јазикот на современиот човек и да му се обрати на тој јазик. Низ светотаинскиот живот му помага на човекот да ги живее своите мигови достоинствено и одговорно, проектирајќи ги во иднината, во вечноста. Црквата го љуби човекот, бидејќи живее и постои заради човекот.

 

Извор:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/tainstvenosta-na-monashtvoto-i-ljubopitnosta-na-umetnicite-vo-film-za-postoenjeto-na-bigorskiot-manastir/?fbclid=IwAR1XuKEYebJ4YHj7ZkIcJrRb5sUB2gzcjE3_TcHpojfoM7gLA1cfEOF0cnw

 

 

 

 



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Септември 03, 2021
Default Image

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во манастирот Успение на Пресвета Богородица - Берово
Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 2984
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 2829
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…