логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

Возљубен во Христа брате мој, се молам да си добро. Денеска го добив твоето писмо и ти одговарам на прашаното. Нештата што сакаш да ги знаеш не бараат време, напор и размисла за да ти одговорам. Умствената молитва за мене е како за секој човек неговиот занает, бидејќи во неа се вложувам себеси повеќе од 36 години. Кога дојдов на Света Гора веднаш ги побарав пустиножителите што се подвизуваа во молитвата. Пред 40 години ги имаше многумина што имаа живот внатре во себе. Луѓе со добродетели! Старци! Од нив одбиравме старец и го имавме за патеводител. Значи, практиката на умствената молитва е да се присилуваш себеси да ја кажуваш молитвата гласно и непрекинато. На почетокот настојувај брзо, за да не стигне умот да состави помисла којашто расејува. Сосредоточи се само на зборовите „Господи Исусе Христе помилуј ме“. По извесно време се свикнува и умот, така што, сам ја кажува молитвата. Ќе се насладуваш како да имаш мед во својата уста. И секогаш постојано да ја изговараш молитвата. Ако престанеш, многу ќе се растажиш. Кога умот ќе се навикне, кога ќе се насити и кога ќе ја научи, тогаш ја испраќа во срцето, бидејќи умот е хранител на душата и сè добро или лошо што ќе види или ќе слушне, го внесува во срцето каде што се наоѓа центарот на духовните и на телесните сили на човекот, каде што е престолот на умот. Значи, оној што се моли го зауздува својот ум да не фантазира ништо, туку да внимава само на молитвените зборови, лесно дишејќи со присилба на својата волја, го симнува во срцето и го држи внатре (како осуден во затвор) и ја кажува молитвата во ритам „Господи Исусе Христе помилуј ме“.

На почетокот ја кажува четири до пет пати и еднаш зема воздух. Подоцна, кога умот ќе се навикне да стои во срцето, на секое вдишување кажува една молитва. На ‘Господи Исусе , Христе’ – вдишува, на ‘помилуј ме’ издишува. Ова се случува сè додека благодатта не го осени и не почне да дејствува внатре во душата. Потоа, следува созерцанието. Значи, молитвата се кажува секаде. И седејќи, и лежејќи, и одејќи, и стоејќи. Непрестајно молете се, за сè благодарете, вели апостол Павле. Сепак, не станува збор само за тоа да се молиш лежејќи, седејќи или стоејќи. Молитвата бара борба! Кога ќе се замориш, седнуваш, и повторно застануваш простум. Да не те фати сон! Ова се вика практикување. Му ја покажуваш својата намера на Бога и се зависи од Него, ако ти даде. Бог е почеток и крај. Неговата благодат прави сè. Таа е сила што придвижува. А пак, преку дејството на љубовта – да ги исполнуваш заповедите. Кога стануваш ноќе и се молиш, негуваш болен, вдовица, сираче или старец коишто ги милуваш и сострадуваш, тогаш Бог те љуби! Тогаш и ти Го љубиш! Он прв не возљуби и ни ја излива Својата благодат, а ние од Неговите дарови Му возвраќаме. Значи, ако бараш да Го најдеш само преку молитвата, да не издишеш без молитва.



Внимавај само да не фантазираш, бидејќи Божественото е невидливо, непоимливо, неспознатливо. Тоа е над секое совршенство. Не трпи расудувања. Дејствува како нежна светлина во нашиот разум. Умилението доаѓа кога размислуваш колку Го ожалости Бога. Кога Он е толку убав, благ, милостив, добар, полн со љубов. И се распна, и сè претрпи за нас. Сето ова и другите Негови страданија на коишто се сеќаваш, ти носат умиление. Значи, ако можеш да ја кажуваш молитвата гласно и непрестајно, за два-три месеци ќе се навикнеш на неа, така што благодатта ќе те осени и ќе те освежи. Само кажувај ја гласно и без престан! Кога ќе ја прими умот тогаш ќе се одмориш од кажувањето со уста. И повторно, кога ќе ја остави умот, почнува устата. Сета присилба е потребна на почетокот, додека не се навикне устата. Подоцна, во преостанатите години од твојот живот, умот ќе ја кажува молитвата без напор.

Кога ќе дојдеш на Света Гора, како што велиш, да не видиш, тогаш ќе разговараме за други работи, така што, нема да ти остане време за молитвата. Молитвата ќе ја најдеш, таму каде што ќе мирува твојот ум. Овде, каде што ќе кружиш низ манастирите, ќе се расејува твојот ум, по она што го гледаш и што го слушаш. Јас сум сигурен дека ќе ја пронајдеш молитвата, не се сомневај! Само чукај право на вратата на Божјата милост и секако Христос ќе ти ја отвори. Друга можност нема! Возљуби Го многу, за да добиеш многу! Од твојата љубов, голема или мала, зависи и добивањето, многу или малку!

Извадок од книгата: Исихастички сведоштва, Старец Јосиф, Струмица : Манастир Свети Леонтиј – Водоча, 1999 стр: 31-33

 

Преземено од:

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/molitvata-kje-ja-najdesh-tamu-kade-shto-kje-miruva-tvojot-um/

 

 

 

 



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Септември 03, 2021
Default Image

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во манастирот Успение на Пресвета Богородица - Берово
Јуни 30, 2021
3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

СКОК ПРЕКУ ЈАЖЕТО НА НЕСОГЛАСУВАЊЕТО

Затоа, секогаш кога можеш прескокни го јажето на несогласувањето и фати се за оној дел од приказната кој ветува радост, насмевки и љубов. Горчината плисни ја со бран од морето, измиј го отровот на искажаните зборови и погледни кон залезот на сонцето. Тоа ќе…

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 2749
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 1928
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…