логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 Св. Јован Битолски и Сан-Франциски за Богојавлението
Беседа на празникот на Просвештението, Битола 1928 година

3.angeli.so.truba
 
Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух!


Прославувајќи го Богојавлението ние се потсетуваме дека Бог им се покажа на луѓето како Троица и дека Исус му се јави на светот како Христос. Каде се јави Христос? Каде го започна Своето дело? Дали отиде во голем град и таму се јави во Својата слава? Или, се качи на висока планина, а многу илјади луѓе  стоеја долу и гледаа на Него како на некое чудо? Не! Христос отиде во пустината, на реката Јордан, каде што Јован го крштевше народот. Јован го проповедаше покајанието и ги повикуваше грешниците, во знакот на покајанието, да бидат крстени во Јордан. И ете, како грешник дојде и Христос и молеше да биде крстен. Тој, во Кого немаше грев. Јован се исплаши: „Ти мене треба да ме крстиш“. „Сега остави го тоа“, одговори Исус, „бидејќи ни претстои да ја исполниме вистината“. Адам преку гордоста згреши, сакаше да се воздигне, да стане Бог. А Христос дојде да ја исполни Божјата правда, гревот на Адамовата гордост да ја поправи со смирение. Адам сакаше да се воздигне пред Бога, а Бог се понижи пред човекот. Христос слезе во вода и го прифати крштевањето од Својот слуга. Треперејќи, Јован ја положи раката врз Господарот и својот Бог, а Христос смирено ја наведна Својата глава пред него. Ова Христово смирение го отвори небото. Тогаш од небото се чу гласот на Бог Отецот: „Ова е Мојот возљубен Син. Ова е Мојот Син, Кој Себеси се понизи за да ја исполни Мојата волја, вистинскиот Мој Син, Кој се понижи за човекот да се воздигне“. И Светиот Дух слезе од небото врз Исус, потврдувајќи ги зборовите на Отецот. Така смирението на Исус го отвори небото и им ја покажа на луѓето Тајната на Божјата Троичност. Но зошто Тој тоа го изврши токму во вода, а не на некое друго место? Да се потсетиме како Бог го создаде светот. Кога Бог ги создавал небото и земјата, „земјата беше без облик и пуста, и Светиот Дух се дигна над водата“. Потоа Бог ги раздели земјата и водата, но така што водата, сепак, да ја има насекаде и да му биде потребна на секое создание. Човекот не може да живее без вода, ниту кое било животно; постои вода (влага) во воздухот; каде било да фатиме грутка земја – и таму постои вода; има вода и во каменот, иако ни се чини дека таму нема, сепак, таа постои и таму, и, кога Бог ќе посака може да направи да излезе од него, како што и направил во времето на Мојсеј. „Господова е земјата и сѐ што ја исполнува вселената, и сѐ што живее во неа“ (Пс. 23, 1). „Небото и земјата одамна беа создадени од вода и преку вода со силата на Божјото слово“, пишува апостолот Петар, „поради кое, тогашниот свет пропадна, потопен од вода“ (2 Петар 3, 5-6). Кога човекот згреши врз себе го зема Божјиот гнев, не само врз себе, туку и врз целата природа. Човекот е круна на Божјото создание; тој е поставен за цар на природата. А кога царот ќе стане непријател на другиот Цар, тогаш и целото негово царство станува непријателско. Казната била определена не само за човекот, туку и за целото создание. „Бидејќи знаеме дека досега сите созданија воздивнуваат и тагуваат“. Но, „тие се покорија на суетата (не по своја волја, туку задари волјата на Оној Кој ги покори)“ (Рим. 8, 21-22). Затоа простувањето на вината го ослободува создаденото и од робувањето на пропадливото. Уништена ќе биде пропадливата природа и ќе се преобрази во „ново небо и нова земја, каде што ќе живее правдата“ (2 Петар 3, 13). За да биде можна оваа промена, природата да се подготви за непропадливоста која ќе настапи после Судниот ден, Христос дојде на Јордановите води. Потопувајќи се во Јордан, Христос ги освети не само тие води, туку и целата водена природа, како што Црквата пее во своите песни: „Христос се јави за да ги освети водите на Јордан“ (Претпразничен тропар), „Денес водената природа се осветува“ (Тропар за излегувањето на Јордан). А бидејќи водата се наоѓа насекаде, тогаш Христос, со осветувањето на водата го освети сето создание, целата вселена. Христос ја подготви природата за и таа да ги почувствува добрите последици од жртвата која Тој дојде да ја принесе. Но не само тоа, Тој ѝ дал моќ на водата да ги очисти човечките гревови. Крштението кое го вршеше Јован било само знак на покајание. Христијанското Крштение е ново раѓање, простување на сите гревови. Бог со водата ги казни гревовите на првиот свет и го уништи во потопот. Сега со водата Бог ги спасува луѓето преку Тајната на Крштението.

3.angeli.so.truba
 
Така Христос на Јорданските води ја уништи главата на змијата, како што се пее во црковните песни, главата на онаа змија која ги измами Адам и Ева, но била победена со Исусовото смирение; на луѓето им откри дека е Бог Троица; ја освети водата, а со неа го подготви целото создание за прифаќање на зборовите за покајание и за нетрулежност.
И тогаш, издржувајќи уште една борба со ѓаволот во пустината, Христос тргна да ги подготвува луѓето за идното Царство и ја започна Својата проповед со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи небесното Царство“ (Матеј 4, 17), или како што пишува во другото Евангелие: „Се исполни времето и се приближи Божјото Царство: покајте се и верувајте во Евангелието“ (Марко 1, 15).
До тогаш Јован Крстителот го проповедал покајанието, Му го подготвивал патот на Господ. Кога Самиот Господ им вели на луѓето: „Покајте се“, тој глас е наменет не само за луѓето кои живееле во Христовото време, туку со тие зборови Христос им се обрати на сите луѓе во сите времиња и векови. И ние сме ги слушнале тие зборови од Евангелието. Додека сѐ уште не стивнале празничните песни за Богојавление, тие нѐ потсетуваат дека се приближува времето за покајние. Да бидеме внимателни! Тоа не се зборови на пророк или ангел, туку на Самиот Господ. Ќе се покаеме и во постот, кој доаѓа, трудејќи се да ги победиме нашите страсти и да добиеме простување на гревовите, за во идниот век да влеземе во вечното Царство кое го подготви Господ. Амин.

 

За Преминпортал подготви Дејан Блажески

19ти јануари 2021 лето Господово

 

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Ноември 10, 2020

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна Морача. Завршил Богословија во Белград, а на Богословскиот факултет на СПЦ, во Белград, дипломирал во 1962 година. Покрај теолошките науки, студирал и класична…
Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 1372
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 1659
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 1502
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…