логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 

Јеромонах Гаврил Светогорец

  (подоцна епископ Гаврил Велички)


С В Е Т А   Г О Р А

  ВО ИМЈА ОЦА И  СИНА И  СВЈАТАГО ДУХА,  АМИН!

 ВОВОД

На самиот јужен крај на Источна Европа, близу точката каде што се појавува нејзиниот јужен и источен раб, се наоѓа еден чуден полуостров по име Халкидики. Неговата јужна страна ја сочинуваат три полуостровски краци. Три! Необична симболика на Света Троица. Можеби уште од тука, од самото геолошко формирање на Полуостровот започнува и чудото за кое ќе зборуваме.

 

Западниот полуостровски крак, Касандра, се одликува со рамна конфигурација на теренот. Средниот-Ситонија, благо е разбранет со ридови од средна големина, додека источниот крак — Атос, претставува еден единствен издолжен и мошне стрм рид, широк 6-10, а долг 60 километри, кој завршува со импозантна кула, чиј трокрак врв, речиси секогаш таинствено завиткан со бел превез од облаци, се издига повеќе од 2.000 метри над топлото Егејско Море.

Гледан од профил, овој полуостровски крак потсетува на црква, чиј преден дел величествено доминира над рамното огледало на мирното и питомо море и има вид на огромна природна купола која го симболизира молитвениот стремеж на верниците кон висините на Творецот.

Оваа споредба на Полуостровот исцело одговара на неговата таинствена намена и адекватно ја толкува функцијата што тој веќе со векови ја има. Ова необично земно катче всушност претставува татковина на црквите и земја на богомолци. Животот на Атос се одвива како во некоја огромна црква, чиј покрив претставува — небото, ѕидовите — кои не пропуштаат никаков шум на цивилизацијата — ги сочинува стрмиот морски брег, а чредници, неуморни служители на оваа богомсоздадена црква, се монасите, тие вечно издигнати раце на човештвото кон Бога.

Жителите на оваа света земја, наречени „земни ангели и небесни луѓе“, каде и да одат, што и да работат, непрестајно на Бога се молат.

Кога не се в црква, црквата е во нив; службите Божји им ги исполнуваат срцата, а црковните мелодии устите. Во таа небесна земја часовниците бијат само за молитва. Сонцето заоѓа и изгрева, ноќите се спуштаат а деновите се раѓаат единствено за тоа да означат крај на еден молитвен ден и почеток на друг: да одбележат чекор подалеку од овој смртен, а поблизу до оној вечен свет.

Освен многубројните разлики во начинот на живеењето и молењето, светогорските монаси се разликуваат од другиот свет и по тоа што своите најтопли молитви кон Бога ги упатуваат преку Мајката Божја — по најсигурен и непогрешив пат. Надежите за своето спасение ги полагаат на Нејзиното застапување пред Бога. Пресвета Богородица е нивна посебна старателка, наставничка и покровителка. Овој полуостров се смета за посебно владеење на Небесната Царица и особен земен дар од Господа на Својата пречиста Мајка, за Нејзиното вонредно мајчинско пожртвување и покажана готовност, по цена на животот да послужи за оживотворување на заветот на Господа Исуса Христа, за остварување на Неговите идеали, заради кои Господ Исус Христос се предаде да биде распнат на крст.

    

Зошто и како дошло до тоа, еве што вели Светото предание:

Господ Исус Христос по Своето Воскресение, пред да се вознесе на небото, ги собра Своите ученици и им рече: „ОДЕТЕ И НАУЧЕТЕ ГИ СИТЕ НАРОДИ, КРШТЕВАЈЌИ ГИ ВО ИМЕТО НА ОЦА И СИНА И СВЕТИОТ ДУХ, И УЧЕЈЌИ ГИ ДА ПАЗАТ СÈ ШТО СУМ ВИ ЗАПОВЕДАЛ; И ЕТЕ, ЈАС СУМ СО ВАС ПРЕКУ СИТЕ ДНИ ДО СВРШЕТОКОТ НА ВЕКОТ, АМИН" (Мат. 28, 19-20).

Учениците кои необично многу Го сакаа својот Учител и до крајност му беа верни и послушни во животот — и по телесното Му одење од нив, побрзаа да се одзоват На Неговата Божествена заповед.

Набргу потоа тие се собраа да се договорат на кој начин да го исполнат овој свет завет, кој уште од првиот момент беше зацарил во нивните души и станал единствена цел на нивниот натамошен живот.

Решија како сончеви зраци да се распрснат на сите страни од Ерусалим. Но, како вечни ученици на својот Бесмртен Учител, не сакаа сами да решаваат во овој клучен момент, туку ја повикаа волјата на  Небесниот наставник, оставајќи Му Он и понатаму да ги води. Фрлија жреб кој каде да оди. Во жребот учествуваше и Мајката Божја. И покрај настојувањето на учените, особено на светиот апостол Петар. Таа да го поштеди своето несигурно здравје и да не учествува во овој макотрпен и не безопасен труд, Светата Мајка Себе Си не можеше ни да си замисли поштедена од настојувањата со  учениците што повеќе да ја рашират спасителната наука на Нејзиниот Син, Кој беше неправедно погубен од вечно незадоволните еврејски старешини.

Нејзе ì падна на жреб задачата да отиде во Грузија и таму да го проповеда божественото Евангелие. Но ангелот Божји, кој го водеше Светото семејство и во Палестина (Матеј 2, 13, 19 и 20) ì се јави во сон и ì рече да не патува таму, а да чека во Ерусалим, од каде во свое време Бог ќе ја повика и одведе на друго место, нарочно за Неа одредено.

Паралелно со ова, на друга страна се случуваше нешто друго: се одвиваше другата половина на настанот. Четвородневниот Лазар, кого Господ го воскресна од мртвите, бегајќи од Евреите, отишол на островот Крит и таму бил избран за епископ. Нему тогаш му се јавила силна желба да ја види Пресвета Богородица. Мајката на неговиот Бог и Дарителот на неговиот нов живот. Бидејќи не смеел да оди во Ерусалим, ја замолил Таа да го посети на островот, поради што упатил и специјален брод.

Пресвета Богородица се сетила на зборовите на ангелот Божји во сонот, а имајќи ги предвид начините на нои Бог и порано се обрнувал кон Неа, помислила дека тоа можеби е повик Божји — се согласила да патува.

Се качиле на бродот - и тргнале со најмладиот и љубен ученик на Нејзиниот Син, Свети Јован Богослов, за кого од крстот Господ на Мајка Си ì рекол: „ЕВЕ ТИ СИН“ (Јован  19, 26).

Меѓутоа, по патот ги зафатила силна бура. Бродот останал без секаква команда и станал инструмент на Божјата волја. Стихијата ги носела во таинствен правец. По долго и мошне опасно патување пристигнале, но не на саканиот остров, туку на еден полуостров во Македонија — на Атос.

СЛУЧАЈ  ИЛИ  БОЖЈИ  ПЛАН?

Во овој беспрекорно уреден и совршено хармонизиран Божји свет не станува ништо случајно и изолирано од таинствената мрежа на зависност меѓу настаните, чиј почеток и крај ги држи Бог во Своите раце. Сè има свои причини, своја строго определена смисла, длабока како и самиот Божји ум. Кога ниедна од безбројните дождовни капки не е случајна ни излишна, и ја иставиш ли од нејзиното место, ќе настане празнина; кога и таа, вклучена во механизмот на општото движење во светот, под дејство на некоја сила, се подигне од некаде и брза да стигне негде, каде што, без да знае и самата, е чекана жедно, може ли ова патување на Мајката Божја да биде случајно, бесцелно и загубено?!

Кога не е случајно, тогаш каква цел има?

Ако тоа тогаш не се знаело со сигурност, денес ние на временска дистанца од две илјади години, кога сме во можност делото целосно да го согледаме и поточно да ја оцениме неговата смисла и цел — би можеле без сомнение да речеме дека Пресвета Богородица дошла на Атос со одредена мисија: да ги постави темелите на она, денес таму што постои — монашка царевина, земја во која ќе живеат оние, кои доброволно ќе се лишат од сите земни наслади и вратите на светот засекогаш ќе ги затворат зад себеси и исцело се предадат во служење на Бога.

Според зборовите на ангелот Божји во сонот на Пресвета Богородица, оваа чудна монашка заедница претставува Божја волја и Негов план. А по многубројните искажувања на Мајката Божја подоцна во своите јавувања на достојни монаси и светители — Света Гора е нејзин жребен удел од Бога. Значи, Пресвета Богородица од Својот Небесен Син примила задача, голема и света, достојна на Највеликата и Најсветата. Сè она Бог што го создал е исполнето со смисла и причини. Сè има своја отрога намена и многустрано значење. Секој настан или дејствие претставува некаква неопходност за нормалниот живот и правилниот развој на општеството и природата — што може да забележи с а м о духовно око и богоозарен ум. Секој настан има свои органски врски со настаните што му претходеле, кои претставуваат негова причина; со настаните паралелно со него, кои ја сочинуваат почвата на неговиот развиток, како и со настаните допрва што ќе уследат, како негови последици — исто како и секој камен во една зграда што има врска со камењата под него, околу него и над него.

За таинството на оваа Света земја, ако се обидеме да размислиме со умот на Создателот и Промислителот на светот — „УМ ХРИСТОВ НИЕ ИМАМЕ“ (1. Кор. 2, 16) - би можеле да речеме:

а)             Таа единствена, чудна и света држава меѓу државите исто е што и единствената, чудна и света Богомајка - Дева меѓу мајките.

б)            Поставувајќи ја за учителка на најчистите родени од жена и „Возбраној Воеводје“ на оние „ШТО НЕ СЕ ИСПОГАНИЈА СО ЖЕНИ“, кои се „ОТКУПЕНИ МЕГУ ЛУЃЕТО, ПРВЕНЦИ НА БОГА И НА АГНЕЦОТ“, во чија уста „НЕ СЕ НАЈДЕ ИЗМАМА“ (Откр. 14, 4 и 5) — Бог како да има за цел уште еднаш да подвлече и да им дообјасни на луѓето, и на најневерните Томовци да им влее доверба во непроѕирната тајна на безгрешното зачнување и уште посилно да го осветли светлиот лик на Својата Мајка — Дева.

в)             Оваа Света земја е создадена можеби согласно со чудесно великодушниот Божји принцип откриен на луѓето преку праведниот Авраам, според кој: Бог е готов да трпи и да чува цел град порочни, заради неколку верни (Мојсеј гл. 18). Според тој принцип, во нашиот случај би можеле да кажеме: меѓу многубројните држави во светот, ако има една држава на верни, тогаш заради неа Бог ќе ја излива Својата благодат врз сите народи.

Бог сака барем некој да Го љуби приближно онолку колку Он што ги љуби луѓето. Господ Исус Христос во Своето последно јавување на учениците нели го праша трипати својот верен ученик Петра: „Ме љубиш ли...?“, ,,Ме љубиш ли...?“, ,,Ме љубиш ли.. .?“ (Јован 21, 15 и 17). Преку него Бог се обрнуваше на сите луѓе. Тоа прашање би му го поставил на секого, но не сакаше да биде ожалостен поради тоа што луѓето не Го познаваат својот Создател. Се плашеше да не биде изневерен како и од самиот столб на верата во моментот на неговата човечка слабост. (Матеј 26, 72). Затоа  Исус  сакаше барем  тој потврден одговор на Петра да го понесе во Своето небеско царство и отиде уверен дека сепак е сакан. Таа љубов на Господа Му беше потребна за да може човештвото уште повеќе да го сака и поголеми дарови да му праќа. Оти светот создаден од љубов, на љубов може и да почива.

Бескрајна е Божјата љубов и благост кон луѓето. Он нас нè љуби силно, бидејќи сме Негов род. Иако ние секој час се откажуваме од Бога, Он лесно не се одрекнува од нас. Но сепак Му е помило кога луѓето нарочно Му се обрнуваат. Он во вревата на градовите тешко да ги слуша и онака срамежливите, без срце и со половина уста изговорени студени зборови на нашите автоматски молитви. Човекот треба да се одвои од светот и да тргне да Го бара Господа. Дури во тишина на осаменоста Бог се впушта во дијалог со човекот. Во вистински, пријателски и доверлив разговор — лице во лице, очи во очи, срце кон срце! Мојсеј во гората разговараше со Бога при несогорливата капина. Во гората, оддалечен од народот што го водеше, во пост, молитва и бдение се удостои Бог да го прими и да му ги предаде таблиците на Законот.

Вечниот Бог не се изменил ни во Новиот Завет. Богочовекот Исус Христос во моменти кога беше обременуван од Својата човечка природа и пожелуваше душевно смирување потребно за доживување на божествени моменти и заедница со Својот небесен Отец, и Он исто така се издвојуваше од луѓето, па и од Своите најблиски, и одеше надвор од градот во осаменост: „ДЕЊЕ ПРОПОВЕДАШЕ ВО ХРАМОТ, А НОЌЕ ИЗЛЕГУВАШЕ И НОЌЕВАШЕ ВО ГОРАТА НАРЕЧЕНА ЕЛЕОНСКА“ (Лука 21, 37).

Врз основа на изложеното би можеле да извлечеме заклучок дека свештеникот го претставува Исуса Христа меѓу народот, а монахот Господа на молитва. Овие две компоненти во праксата на Исуса Христа би значеле дека она Господ што го прими во гората од Својот Небесен Отец, тоа и му го предава на народот во Своите поуки.

На тој начин монасите се јавуваат како врска со Бога, манастирите — вселенски станици на патот кон Бога, а Света Гора — центар на тие врски.

Значи, смислата и неопходноста на монасите и манастирите, па и големите монашки заедници, ни го покажува примерот на Господа Исуса Христа, чиј живот во тело, покрај сè друго, имаше за цел и практично да им покаже на луѓето како треба да изгледа идеален живот, кој по најблизок пат води во царството небесно и претставува најсуштествена формула за решавање на животниот проблем на човекот.

Како што Господ требаше да живее меѓу луѓето и да им проповеда, а не можеше повремено да не се одвојува од нив и да оди во осаменост, така исто и секој човек е должен да одреди овое време за работа и контакти со луѓето меѓу кои живее, како и време за исклучиво општење со Бога, својот Создател — се разбира, во колку се стреми кон спасение. Ако тоа сите не го прават, затоа и сите не се спасуваат. Бога на небо ќе Го најде оној, кој Го бара на земјата. Со Бога онаму ќе биде во заедница оној, кој што ќе ја оствари овде.

Во таа насока понатаму следува: секој град како што има домови за живеење, исто така треба да има и домови за молитвено општење со својот Творец, така што луѓето пред почнување и завршување на својата дневна работа да одат во црква на молитва. Затоа и се одржуваат секојдневни утрински и вечерни служби Божји. На сите луѓе, ако не им е мила близината на Бога и сродството со Него, тогаш свештениците, певците, евентуално и неколку присутни богољубиви верници, наместо нив треба да Му принесуваат молитвени жртви на Бога и да го исполнуваат оној минимум, неопходен за одржување живоносната врска со Творецот.

Па и човештвото на тој начин, како што е организирано во државни заедници кои стопанисуваат и се грижат за материјалната состојба на луѓето, исто така треба да има и држави кои ќе се молат за нив и ќе ги застапуваат нивните духовни интереси пред Бога, пред Неговата вечна правда, која владее во светот и го одржува, без кое светот не би бил она што е сега.

Во продолжение на тој принцип, ако се обидеме да наѕирнеме во несознајните Божји тајни за устројството на космосот, би можеле да претпоставиме дена во случај, ако Бог создал повеќе светови каков што е нашиов, тогаш еден од нив би требало да биде свет на молитвеници, освен ако таа насушна, и по сè изгледа неизоставна, функција не ја врши небото со ангелите и светителите, за сите луѓе, на чело со — Небесната Владичица.

Човекот, кој со својата совршено слободна волја и апсолутна независност во своето животно определување е поставен на релација тело — дух, се наоѓа помеѓу светот и Бога. Колку повеќе се одвојува од земјата, толку повеќе се приближува кон небото. Бидејќи човештвото има потреба од целосно и непрекинато општење со Бога, тогаш и Света Гора, како најголем и основен молитвен столб на човештвото, имаше потреба да се издвои од светот и да обезбеди услови за апсолутна молитвеност, максимално вознесување на човековиот дух кон небото и најблиско општење со Создателот.

Бидејќи благосостојбата на луѓето не завиои само од нивниот труд ниту само од нивните усилби, туку од милоста Божја, тогаш за човекот молитвата е посуштествена од работата. Таа е пократкотрајна но посилна, повозвишена. Затоа Господ на Својата Мајка ì ја поверил оваа првостепена задача: создавање молитвен  жртвеник на Светата Апостолска и Вселенска Црква.

Освен наведениве неколку од безбројните причини за создавање на ова монашко општество, доаѓањето на Мајката Божја на Атос како да има уште една крупна задача: исполнување желбата на Словените да ја примат Христовата вера, откако решиле да излезат од темнината на паганската заблуда.

Евангелското сонце над словенските земји огреа преку Солун, кој се наоѓа веднаш до Света Гора. Таа претставува светло утро на сончевиот топол ден на словенското православие, а илјада години порано и на христијанска Европа (Дела 16, 9). Тоа среќно вклучување на словените во христијанското  семејство,  што  значи нов полетен и радосен живот за нив, секако претставува грижа на Мајката Божја и плод на Нејзините настојувања на многубројните словенски народи да им се подаде рака на спасение. А со тоа воедно да се обезбеди и чувар на оваа Нејзина земја, која претставува ризница на христијанските канони, над која се закануваше опасност од тешкиот расцеп на Црквата, кој се одигра во почетокот на овој милениум. На тој начин загубата што ја претрпе христијанството на западното крило, ја надомести со јакнење на источното.

МОЛИТВЕНА МЕТРОПОЛА

Вселенска, прогресивна и вечна Црква може да почива само на моќен темел како што е монаштвото. Поради тоа, дел од божествениот оган Господ што го донесе во Ерусалим со своето слегување од небото, Мајката Божја, како единствено достојна, го пренесе на друг континент, во Европа — каде што Господ наумил да го шири Своето земно царство — и го постави во факел на монаштвото, кое исто така единствено беше во состојба неопалено да го држи тој жар што ги гори недостојните.

Како што Господ некогаш не благоволи да се роди во народ голем, богат и моќен, туку го одбра малиот, од сите страни со непријателски настроени иноверци окружен израелски народ, така и сега по нивното одрекување од Исуса, за нова татковина на Своето Евангелие Господ не го избра ни моќниот Ртм, кој владееше над целиот тој дел од светот, ни прославена Грција, чија култура господареше и над римскиот меч, туку го одбра малиот и сиромашен народ притиснат во планините околу Атос.

Со доаѓањето на Мајката Божја на овој полуостров отпочна ново време. Лажебоштвото, кое овде од памтивека го простираше својот мрак, исчезна како призрак пред светлината на вистинската вера. Нечистите сили што живееја во камените кипови на Аполоновиот храм и претскажуваа заблуди на непросветлениот народ, кој доаѓаше од соседните места, уплашени и избезумени од приближувањето на Најчистата и Најсветата, со силен глас викаа и му го соопштуваа на народот приближувањето на Пресвета Богородица. По силата на божествената правда бесовите исповедуваа дека таа е Мајката на вистинскиот Бог и ги повикуваа присутните да излезат на пристаништето и да ја пречекаат.

Првата стапка на Мајката Божја на полуостровот - кој претставува подадена рака на Европа за добродојде на Светиот Гостин — е поздравена со благо нишање на теренот и рушење во парчиња на мртвите и студени камени идоли на незнабошците. Големиот кип на Аполон, кој стоел на врвот на Атос, се струполил низ косите падини на двокилометарската купа и за навек се изгубил под брановите на Егеј.

Како некогаш стотици и илјади луѓе, жедни за вистинска душеспасителна наука од целиот Израел, што доаѓаа да ги слушаат нечуените проповеди на Исуса Христа, така исто и сега, ширењето на таа единствена наука од устата на Богомајката делуваше како благ мелем за вечно ранетите човечки души на оваа наша земја, која претставува непрестајно бојно поле меѓу доброто и злото. Го пленуваше вниманието на сите оние кои само еднаш ќе чуеја за неа и привлекуваше слушатели дури и од најоддалечените краишта на оваа земја, кои седеа во „СМРТНА СЕНКА“ (Матеј 4, 16).

На оние кои не беа задоволни од лажните богови и бараа да Го познаваат вистинскиот Бог, за да Му се предадат во целосно служење, Господ им го преземаше кормилото на нивниот животен брод и го доведуваше во ова тивко спасително пристаниште. Истргнати од шепите на страсниот живот, во овој планински полуостров, од светот одвоен со непреодноста на теренот и исклучен од општеството со својата географска екстремност, наоѓаа осаменички рај, мир и спокојство, потребни за духовна концентрација, за размислување за Бога и барање смисла на човековиот живот. Тие брзо навикнуваа на ова место и лесно се сродуваа со него. Постепеното и сè појасно откривање лицето на Бога, пред очите на нивните желби, стремежи и подвизи, сè повеќе ги одвојуваше од тажното сивило на земниот живот и ги вознесуваше кон светлите, радосни и вечно празнични висини на вишното царство на небесната Царица, нивната Наставничка и Покровителка.

Раководени од благите мајчински поуки и задоени од чистиот ангелски живот на Мајката Божја, а по нејзиното заминување поучувани од боговдахновените нејзини наследници, благодарение на Нејзиното непрестајно невидливо бдение над оваа Нејзе особено доделена паства, овие првоизбраници меѓу луѓето живееја надземен живот и ја вршеа својата, за спасението на човекот, неопходна функција на доброволни жртвени јагниња пред престолот на Севишниот.

Припадниците на оваа, и со душа и со тело безрезервно на Бога оддадена народна душеспасителна гарда, за свој земен удел ја одбраа најтешката, но света ангелска должност — молитвата, непрестајно и неуморно молење. Тие, речиси, ништо друго не работеа, дење и ноќе само на Бога се молеа. Во апсолутна тишина, со ништо и од никого невознемирувани, тие водеа живот како на научници во лабораторија. Ја исполнуваа најсовесно својата крајно одговорна и недостижна секому задача (Јован 15, 16): го испитуваа пулсот на Божјата волја и го наслушуваа одвај чујниот шепот на Божјите повелби кон човекот, кои значеа негова духовна благосостојба и среќа. Тие свои бесцени искуства ги предаваа на други нивни соработници, а овие понатаму ги ширеа и на тој начин служеа како врска меѓу луѓето и Бога. Очите, ушите и надежите на целиот христијански свет беа свртени кон овој, според оценката на папата Инокентиј III, ,,прозор кон небото“. Од тие ангели во тело светот сознаваше како Бог сака луѓето да го устројат својот живот, како да Му се молат и што да творат.

Врелите срдечни молитви на овие челни Христови борци, разгорувани од здивот на тајното присуство на нивната Небесна Наставничка, беа огнена врска со небото, преку која се напојуваа со божествена сила оние што го ширеа христијанството во светот, кое од светите апостоли беше пренесено преку Грција и Рим во Европа. Но таа нивна улога на надземен јазел на врска меѓу Бога и светот, на луѓето не им беше позната, како што не им се познати ни подземните мрежи на бистрите извори.

За нивниот небесен живот уште долго и долго време не ќе се знаеше. Тие и натаму, а можеби и довека, ќе си останеа анонимни светители, ако не се јавеше опасноста од цепење на веќе мошне проширената Христова Вселенска Црква.

За да не дојде до слабеење на Црквата, оваа тајна армија ги реорганизира своите моќни редови. За да бидат во состојба да му парираат на злото, кое брзо настапуваше пред фаталната 1054 година, тие се групираа во отворен манастирски живот.

На тој начин нивната таинствена улога доби свој поодреден вид. Една завеса од тајните на монаштвото на оваа небесна земја, и на монаштвото воопшто, беше подигната. Огромните и тешки метални крстови, зацврстувани со дебели челични жици на високите хармонични и проѕирни прекрасни црковни кубиња, налик на дијаманти на царска круна, брзо почнаа да никнуваат насекаде по овој полуостров, кој за христијанскиот свет, опфатен од епидемијата на разединување, прилегаше на Мојсеевата змија во пустината, која му го задржуваше животот и враќаше здравјето на секој само што ќе погледнеше во неа.

 

ЗА МОЛИТВАТА

 

Ако молитвата претставува бесплоден труд, изгубено време и изневерени надежи — за каква сè повеќе ја смета овој наш модерен свет, кој живее на работ на опасноста од своето самоуништување; ако ја нема онаа улога во животот на луѓето и на народите каква што ì се припишува отсекогаш, тогаш напразно Исус Христос се молел во гората, бесцелно гладувал и жедувал четириесет дена, залудно горел во врелиот пустински песок под огненото тропско сонце. Тогаш непотребно и ние се молиме и паѓаме на коленици. Каква корист тогаш од црквите и манастирите, чиј број на земјата изнесува колку бројот на светлите небесни звезди. Во тој случај ја губат својата смисла и претставуваат заблуда исто така и животите на свештениците, монасите, пустиниците, воздржниците и богоугодниците, кои ги има во светот колку песокта во морето. Попусто се пролеани реки маченичка крв низ непрегледниот тек на бурната и драматична историја на христијанството, која претставува единствена, недостижна и неверојатна епопеја во историјата на светот од неговиот прв момент до овој час. Во тој случај претставува заблуда секоја вера и секоја религија, ја губи својата основа и верувањето како феномен, како психичка категорија која претставува основен инструмент и во научното сознавање, каде што појдовна база секогаш се јавува верата во краен успех, која е залог за секакви жртви. Тогаш и верата во луѓето како средство за меѓусебно општење станува беспредметна и излишна. Во тој случај, пак, сите тие заблуди нужно би го устоличиле и прашањето: каков е тој човеков ум кој можел да живее во непрестајна религиозна заблуда од самото свое раѓање?! Дали тој воопшто е способен да бара вистина? Ако и ја најде, ќе умее ли да ја познае и одвои од невистината?

Меѓутоа, наместо тоа бесконечно сомневање што претставува трнлив плод од ноќе фрлениот какол од непријателот на нашите души (Мат. 13, 25), наместо тие сомневања што не водат никаде никого, и не откриваат никому ништо, туку се само нови и нови колца од бескрајната верига на заблуди, во чии мрежи се нишаме и успиваме, наместо тие мудрувања на лесномислието, полесно и поразумно е да речеме: Ако поединец или група може да погреши, како што се случувало во секоја историска епоха на човештвото, човековиот гение, пак, не би можел така да застрани и наполно да попадне во заблуда, бидејќи располага со свој природен сигурносен систем, чии компоненти се: разумот, логиката, инстинктот итн., и нивните оперативни елементи: непосредната опсервација, искуството, аналогијата и сл., како и содејство со Универзалниот Ум, Кој ги надгледува и раководи сите движења во природата и општеството. Напротив, со далеку поголема веројатност може да се рече дека во заблуда е оној што се издвојува од монолитот на природната состојба на работите и мисли дека човештвото живее во заблуда во поглед на религијата! Може ли моментот да ја мери вечноста? Во состојба ли е точката под лупа да ја стави бесконечноста? Можат да се обидуваат, но тој труд секогаш ќе се вика само:

а п с у р д!

 Значи, верата на монасите и нивните молитви, поправо секоја од нив и секој збор во нив, навистина имаат своја полна вредност пред престолот на Божјата одзивчивост. Светот сосема поинаку не изгледаше ако не беа деноноќните молитви, постот и бдението на таа единствена духовна крепост и молитвена метропола на целокупното христијанство со која управува Небесната Владичица. Тогаш онаа страшна експлозија на почетокот на ова илјадолетие ќе причинеше такви катастрофални и непоправливи штети, што би можеле да ја доведат во прашање и силата на христијанството, врз кое се беа нафрлиле најзлобните демони на адот. „ОВОЈ... РОД СЕ ИСТЕРУВА САМО СО МОЛИТВА И ПОСТ“ (Мат. 17, 21).

Затоа нашиот однос кон оваа света заедница би требало да биде рамен на односот кон молитвата и постот, кои значат Јаковова скала до небото. Таквиот наш став кон Света Гора ни за момент на би требало да се симнува од тронот на стравопочитување. Тоа нејзе легитимно ì припаѓа на прво место по Светата Земја во која се роди Боогочовекот.

Од дното на нашето срце да ì благодариме на Пресветата Владичица Богородица за нејзината крајна пожртвуваност во Својата жребна мисија, за несфатливата милост покажана кон грешниот човечки род и за бескрајно трпеливото стоење на чело на невидливата армија на нашето спасение.

    Наслов на изворникот:

  Јеромонах Гаврил,

Света Гора,

Скопје, 1978 год.

 

Извор: Повардарска епархија

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Јуни 10, 2023
TVIT602

Проскомидија

·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на Литургијата, нејзин пролог. Таа е нашиот допир со Небесното Царство и Небесното жителство.
Септември 13, 2021

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на Бигорската Обител, засветлил како светлозарна ѕвезда на богопрославениот светителски небосклон на Црквата Христова, во првата половина на ΧΙ век. За неговото родословие,…

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Сеп 03, 2021 Беседи 5794
Default Image
Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 6614
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 6394
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 5592
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Најново од духовност

Православен календар

 

19/04/2024 - петок

Велигденски пости; (строг пост)

+Упокоение на Свети Методиј Солунски; Свети Евтихиј, патријарх Цариградски; Светите Сто и дваесет маченици коишто пострадаа во Персија; Преподобен Григориј Синаит; (Акатист); (второ бдение);

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Методиј Солунски 6 април / 19 април 2024

Тропар на светиот Методиј Солунски 6 април / 19 април 2024

Словото Божјо, слово земно подаде,кое ти Свети епископе Методие во слава Негова го раздаде,а Он Началникот на животот устрои заради...

Тропар на светите Христови маченици Агатопод ѓакон и Теодул чтец 5 април / 18 април 2024

Тропар на светите Христови маченици Агатопод ѓакон и Теодул чтец 5 април / 18 април 2024

Вистина непоколеблива имајќи во срцата вашиАгатоподе и Теодуле,познавте дека земниот живот е суета, сенка и сон,а верата во Љубовта го...

Тропар на светиот Христов преподобен Јосиф химнограф 4 април / 17 април 2024

Тропар на светиот Христов преподобен Јосиф химнограф 4 април / 17 април 2024

Славен и прославен е Господ од целиот род човечки,што изнедри таква фиданка како тебе о, Јосифе,рако продолжена на Духот Свети,поттикнат...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная