логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


 

 

ДОАЃАЊЕТО И ДЕЛУВАЊЕТО
НА СВЕТИ КЛИМЕНТА ВО МАКЕДОНИЈА


III. 1) Скоропокрстените Македонски Словени

Македонските Словени биле најблиску до покрстените староседелци - до нивната вера и до нивната култура. Но, од најразлични побуди, а најмногу од страв да не бидат обезличени како народ, тие се противставувале и на христијанството, на Христовата Црква и на културното влијание на покрстените жители на тој дел од Балканот.
Прашањето за христијанизацијата на Словените во Македонија, бездруго е едно од најзначајните во склопот на прашањата за македонската култура и цивилизација.86 Првиот и ретко категоричен одговор го наоѓаме уште во беседата на Черноризец Храбар (од крајот на IX или почетокот на X век), а првото научно согледување на овој проблем кај Македонците го има направено, еден милениум подоцна, Крсте Петков Мисирков во својата знаменита книга "За македонцките работи" (1903).87
Христијанизацијата во Македонија од VII до IX век се развивала во византиската држава. Затекнатото несловенско население во византиската провинција на Македонските Словени имало византиска христијанска управа. Така започнала да се шири и христијанската просвета сред словенските народи.88
Свети Методиј бил административен раководител на Брегалничката област. Во тоа време, брат му Константин, во истата област се уште покрстувал Словени, за кои и создал "словенски букви" и напишал "книги на словенски јазик".89
Кон средината на IX век, поточно, во 855-тата година, по десетина години неуморна работа, сесловенските просветители, светите браќа Константин (Кирил) и Методиј, ја завршиле својата мисија во областа на Брегалница. И тогаш, кога христијанизацијата меѓу Македонските Словени веќе била завршена, од 865 година, па натаму, започнало покрстувањето и во Бугарија, присилно, бидејќи христијанството во паганска Бугарија жестоко се прогонувало.
Покрстувањето на Македонските Словени најдобро го појаснува Црноризец Храбар, кога вели: "Порано, Словените незнабошци, уште немаа книги, туку со рески и црти читаа и гатаа. А кога се покрстија, беа принудени да ги пишуваат словенските зборови со римски и со грчки букви." Црноризец Храбар го појаснува и фактот дека Македонските Словени биле покрстувани на нивниот народен јазик. Светите Кирил и Методиј ја завршиле успешно мисијата во Македонија, меѓу Македонските Словени.90
Свети Климент Охридски, пак, откако се вратил во Македонија, благодарение на својата неуморна активност, со својата апостолска, црковна и просветителска дејност, за релативно кус период, успеал добро да ги евангелизира Македонските Словени, да ги зацврсти во христијанската вера, да ги усоврши, донадгради и од нив да создаде вистински христијански верници во практика.
Господ Исус Христос, испраќајќи ги Своите апостоли во светот, им рекол: "Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух."91 "Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание."92 "И да биде проповедано во Негово име покајание и проштевање на гревовите кај сите народи, почнувајќи од Ерусалим."93
Според сфаќањето на светиот апостол Павле, сите луѓе во светот се како некое големо дрво, чиј корен е Христос, а народите - гранки на дрвото.94 Тоа е сосема ново сфаќање на родољубието и сосема различно од национализмот на старите Грци, Римјани и Евреи, како и националната свест на некои современи народи кои војуваат од себични побуди и самољубие.
Како што на Педесетница Светиот Дух ги просветил Христовите апостоли во Ерусалим, така, по девет века, во времето на богопреданите: царицата Теодора, императорот Михаил III и богомудриот патријарх Фотиј, просветени биле и солунските браќа Кирил и Методиј и вдахновени да извршат "божествено чудо"- со созерцателна молитва да ги состават буквите и да почнат да пишуваат на старомакедонски словенски јазик. Првите запишани зборови на старомакедонскиот словенски јазик, биле од Светото Евангелие според Јована: "Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога, и Бог беше Словото."95 Овој текст е прв запишан на новиот книжевен јазик и писмо, затоа што тоа е евангелскиот текст што се чита на Светата Литургија на Велигден - на Празникот над празниците, со кој започнуваат сите празници во годишниот богослужбен циклус во Црквата. Со овој текст, всушност, започнува богослужбеното Евангелие, и тоа била првата книга напишана на словенски јазик со новосоздадената словенска азбука.
Но, не беше тоа ново просветување на луѓето во Македонија! "Народот што седеше во мрак", не беше ли веќе еднаш озарен со божествената светлина?96
Меѓу овој народ проповедал, мисионерел и се подвизувал и светиот апостол Павле и со пофалби се искажал за Македонците во своето Послание до Филипјание. Тој Филипјаните и Солунјаните, односно Македонците, ги фалел за нивната вера, велејќи: "Станавте образец за сите верници во Македонија и Ахаја. Оти од вас одекна словото Господово, не само во Македонија и Ахаја, туку и во секое место се пронесе славата за верата ваша во Бога...".97
Да! Светиот апостол Павле, уште во првиот век по Христа, во 45-46-та година ја посетил Македонија. Македонскиот народ уште во апостолско време бил богоустремен. Оваа вистина е библиски потврдена. Во Светото писмо пишува: "И кога ја напуштија Мизија, тие слегоа во Троада. Преку ноќта имаше Павле видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: 'Премини во Македонија и помогни ни'! По тоа видение, веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ не повикал таму да го проповедаме Евангелието. И така, откако отпловивме од Троада, стигнавме право во Самотраки, а на вториот ден - во Неапол, а оттаму во Филипи, кој во тој дел на Македонија е прв град, римска колонија. Во тој град престојувавме неколку дена."98
И во житието на светиот апостол Андреј првоповиканиот апостол Христов, се вели дека бил во "северните места од Грција".99
Значи, уште во првиот век по Христа, двајца Христови апостоли го проповедале Светото евангелие во Македонија, па потоа, во деветтиот век, повторно двајца - рамноапостолните свети браќа Кирил и Методиј - и по нив, пак двајца - свети Климент и свети Наум охридските чудотворци.
Христијанизацијата на Македонските Словени започнала од нивната појава на историската сцена, кога тие живееле во своите Склавинии. Всушност, покрстувањето најпрво се одвивало и постигнало успеси западно и северозападно од Солун, а потоа и во цела Македонија, така што, во споредба со другите Словени, Македонските први го примиле христијанството. Иако до Самоиловата епоха, од повеќе причини тие не можеле да се обединат во една своја сопствена држава, туку живееле во своите Склавинии- во полудржавни формации, сепак, од својата средина тие ги исфрлиле на историската сцена солунските просветители светите Кирил и Методиј, кои станале духовни водачи на сиот словенски род. Свети Климент и свети Наум, без сомнение, потекнувале од средината на Македонските Словени.100
Ние денес со молитва и трепет, и со израз на почит и благодарност, преклонуваме колена пред тоа свето дело. Нивното дело е непроценливо. Преку нив дојде словенската писменост и просвета во Македонија. Тие станаа столбови на кои се започна градењето на македонската црква, писменост и култура.
Преку христијанството, Македонските Словени се оттргнаа од паганството и му дадоа на светот нови духовни вредности.
Уште во 1879 година М.М. Соколов посочи на фактот дека христијанизирањето на Словените почнало многу порано - пред времето на Свети Кирил и Методиј.101
Исто така, факт е дека Словените кога доаѓале на овие Балкански простори, иако биле силни освојувачи, сепак не ја разрушиле и не ја уништиле византиската црква и христијантвото, туку се случило обратно: христијанството и црквата, набрзо успеале да преземат евангелизаторска улога меѓу Словените.
Ширењето на христијанството меѓу Словените не било така брзо и лесно, но византиската црква и империја покажала голема способност да се прилагоди кон потребите и широкоградно им дала можност да се создаваат нови посебни епархии меѓу Словените, врз основа на старите епархиски и митрополитски центри. Просто, зачудува фактот дека Цариградската патријаршија во тоа време била толку дарежлива и широка, па не им пречела на Словените да создаваат нови свои народни цркви.


III. 2) Крајот на Моравската мисија и пренесување на општословенската писменост во Македонија

Покрај сите усилби што ги направил свети Методиј во Панонија и Моравија за да се задржи и да опстои делото на Моравската мисија, сепак, тоа таму завршило в гроб, за да воскресне во Охрид и во Македонија. Таму, пак, останал само згаснат светилник и сведок дека некогаш, во земјата на западните Словени горел божествен оган.
Причината за тоа е културната катастрофа што се случила во Моравија, предводена од германското свештенство и нивното политичко и културно влијание во Моравија, како и во желбата на Римската црква и на папата, да го наметне латинскиот јазик на целиот христијански свет во богослужбите, а посебно и натпреварот меѓу Рим и Цариград во своите стремежи да завладеат со словенството. Во тоа помогнала и слабоста на словенските државни водачи - кнезови, и на нивната свест, како и на свеста на народот, која не била доволно пробудена за значењето на народниот елемент, за својата писменост и култура, како и за својата народна политичка и црковна независност.
Германското духовништво во кнежествата Моравија и Панонија, сметало дека, по традиција, тие простори му припаѓаат на Салцбургскиот архиепископат и дека таму, треба да се наложи сосема германско црковно и политичко владеење. Затоа, тие се покажале особено упорни во борбата против делото на светите Кирил и Методиј. Римските папи, пак, и Римската црква, имајќи желба секаде да го наметнат латинскиот јазик, на словенскиот гледале како на варварски јазик, на кој недостојно се велича Бог, па демнеле и чекале пригоден момент да го исфрлат од храмовите. Најпогодно време за тоа било времето по смртта на свети Методиј.
Според сето ова, логичен е заклучокот дека и покрај се, мисионерското дело успеало да опстои четвртина век. Тоа се должи, пред се, на Божјата помош и дарбите што ги имале светите браќа Кирил и Методиј, а не дека народот или власта помогнале за да се здобијат со сопствена народна писменост и Црква. Оваа мисла ја поткрепува и фактот што, по смртта на свети Методиј, тоа дело веднаш пропаднало во Моравија.
Покрај другите свештенички, пастирски, архиерејски и мисионерски својства, свети Методиј имал и изразити дипломатски способности. Тоа го потврдува и неговото опстојување во сите критики, напади и тешкотии, како и тогаш, кога бил дури и пред папскиот суд во Рим. Дипломатијата ја покажал и во тоа што, иако тој бил испратен во Моравија од Цариград, сепак, за свој претпоставен го прифатил папата од Рим и бил под негова јурисдикција во Моравија и Панонија. Потоа, ветувал дека нема да богослужи на словенски јазик, а не се откажувал од својата словенска мисија. Сето тоа го правел свети Методиј, бидејќи го сакал своето дело, го сакал својот словенски род и човештвото и сакал да Му служи на Бога и на луѓето за да може сите да ги доближи до Бога.
Освен тоа, секој нов папа не чувствувал обврска да ги почитува одлуките на својот претходник. Уште повеќе што во тоа време и јазот на поделбата меѓу Исток и Запад, меѓу Источната и Западната Црква, се повеќе се проширувал и се продлабочувал. Мали биле надежите за помирување меѓу Рим и Цариград.
Особено по соборот во 879-880 година во Цариград и откако папата Јован VIII го проколнал патријархот Фотиј во 881 година, веќе станало сосема јасно дека надежта неповратно исчезнала. Ете затоа, самиот папа Стефан V немал веќе желба да ја трпи и да ја заштитува словенската писменост во Моравија, ниту да се сообразува со поранешните отстапки на папата Адријан II и на Јован VIII. Затоа, штом седнал на папскиот престол, тој веднаш, со специјална грамота упатена до кнезот Светополк, ја забранил употребата на словенскиот јазик во богослуженијата. Смртта на архиепископот Методиј им дала можност на папата и на германското духовништво да му стават крст на светото Кирило-Методиево дело во Моравија. Моравскиот кнез, пак, Светополк, како да не можел да го согледа значењето на словенскиот збор, словенската просвета и словенската писменост за западните Словени, за да се брани од римските папи и од германските кралеви. Тој, ако тоа го сфател, немало да се држи студено, дури и на крајот, непријателски, кон делото на светите браќа. Но, Светополк и не ја сфатил вистинската моќ на народниот збор, народното писмо, сопствената култура и книжевниот и црковен подем на словенскиот моравски народ.
Учениците на светите Кирил и Методиј се разотишле по сите страни. Едни отишле во Полска, за и таму да ја проповедаат Кирило-Методиевата идеја. Други, словенската писменост ја однеле во Чешка, каде што тешко успевала, но се задржала дури до XIV век, во Сизавскиот и Емаускиот манастир, во околината на Прага. Трети, отишле во Хрватска и таму го посеале семето на Кирило-Методиевата глаголица, која долго време била официјална книжевна хрватска азбука. Со неа Хрватите дури правеле и отпор кон Римската црква која сакала да го наметне латинскиот јазик во богослужбите. Четвртите, пак, тргнале кон југоисток и по Дунав, стигнале во Бугарија, а потоа во Македонија. Тоа биле светите Климент, Наум и Ангелариј, а можеби и други, за кои не се знае.
Светите Климент, Наум и Ангелариј, кога дошле во Бугарија, таа била добро организирана држава, со организирана црква, од 870 година - самостојна, според внатрешното уредување, но божествената богослужба се извршувала на грчки јазик и Црквата била управувана од грчки духовници. Во состав на бугарската држава, во тоа време влегувала и Македонија. Бугарскиот цар Борис, изгледа добро знаел колку вреди народот да има писмо, книги, богослужба и црква на својот народен јазик и затоа, со особено внимание и со радост ги примил учениците на рамноапостолните словенски учители, светите Кирил и Методиј. Тоа Борисово чувство најдобро го искажал Охридскиот архиепископ Теофилакт, кој запишал дека управителот на Белград, побрзал да ги испрати Климента, Наума и Ангеларија во Плиска кај Бориса, "зашто знаел дека тој жеднеел за такви луѓе".102 Таквиот однос го продолжил и наследникот на цар Борис - неговиот син, цар Симеон.
Свети Наум останал во Плиска, а свети Климент бил испратен во Охрид.
На тој начин продолжило и се развило делото на светите браќа Кирил и Методиј. Преку делото на свети Климента и свети Наума, нашиот народ, со јазикот, писменоста и културата, се издигнал до степен на грчкиот и римскиот, со што не можел да се пофали некој друг народ во Европа. Ниту еден од европските народи во тоа време немал развиена книжевност, просвета и култура на својот говорен, народен јазик. Затоа, од Охрид, од Светиклиментовиот универзитет одеа учители и клирици кај сите словенски земји и народи: кај српскиот, кај бугарскиот, а и кај рускиот народ, па дури и кај несловенските -Романците.
Токму затоа академикот Владимир Мошин, ќе запише дека Македонија е "лулка на словенската писменост, врз чие создавање работеле првите ученици и соработници на Солунските браќа, Климент и Наум; јадро на Самоиловата држава, која во последната четвртина на X век го опфаќала и Преслав, центарот на бугарската просвета во т.н. златно време на Светиклиментовите современици: Јован Егзарх и Константин Презвитер; место од каде што, во времето на свети Владимир - Самоилов современик, кога се врши христијанизацијата на Русија, им се испраќаат на покрстените источнословенски браќа, словенски свештеници со словенски книги - денеска, поради историските околности е, можеби, најсиромашна од сите словенски земји со ова старо ракописно богатство. Низ вековите, македонските ракописи ја ширеа светлината на најстарото Кирило-Методиевско наследство кон северозапад на Балканот, во зетските, босанските и хрватските области, во пресрет на западната традиција што струеше од Моравско-панонското подрачје; им служеа како пример на српските препишувачи од неманиќкиот период; во времето на културниот подем во Русија по паѓањето на татарското ропство, во XV и XVI век, кога се обновува старата писменост и се формира нова литература, заедно со српските и бугарските книги го шират во Киев "второто јужнословенско влијание".103


Ш.З) Светиклиментовата евангелизација во Македонија

Делото на светите браќа, посеано во Моравија и Панонија, расцуте во нашите краишта преку неуморната работа и сестраните способности на свети Климента. Тој, не само што не дозволи да изгине посеаното семе од неговите учители, туку, докрај самопрегорно работеше на тоа да го дооднегува, а на тој начин, поставувајќи го во културната историја евангелскиот принцип: "Одете и научете ги сите народи..." -та да може секој на својот сопствен јазик да се моли, да пишува, да комуницира, да твори; и така, со своите духовни постигнувања да ги збогати и другите народи.
Свети Климент Охридски дошол во Македонија како Христов апостол, пастир, мисионер и учител. Тој дошол во Македонија за да го евангелизира македонскиот народ. Во својата дејност најмногу настојувал да всади кај луѓето вистинско христијанство. На тој начин, луѓето биле збогатени со вечните евангелски вистини и со светлиот христијански морал и љубов.
Свети Климент се трудел евангелските начела да ги внесе во народниот живот. Во тоа успеал. Евангелието го всадил и во Црквата, и во просветата, и во образованието - и во училиштето, и во книжевноста, и во уметноста, и во државотворството и во општествените односи. Тој на народот му дал нова евангелска боја и ја евангелизирал неговата душа, неговата свест, мисла, волја и чувства. Свети Климент Охридски се трудел морално да ја препороди човековата личност и да воспостави високоморален поредок во својот народ. Во сите сегменти од животот и во сите сфери ја всадил љубовта - тоа основно евангелско начело и силна енергија за секакво добро. Лично тој во себе, во својата личност, ја имал во изобилство љубовта кон Бога и кон сите луѓе и сите народи. Тој знаел дека пред Бога нема "ни Грк ни Римјанин", па "ни машко, ни женско" и дека "кај секој народ, (оној) кој се бои од Него, и постапува правично, мил Му е".104
Македонските Словени во почетокот живееле патријархален многубожечки живот, поврзан со многубожечкото идолопоклонство,105 а далеку од духовното христијанско културно живеење. Наоѓајќи се во такви прилики, на тој народ му била потребна силна, челична и чудотворна пастирска дејност којашто сите ќе ја прифатат. Нему му била потребна Книгата на вистинскиот живот, од која ќе се учи. Му била потребна светлина која ќе го озари. Му требала сила духовна, која ќе го закрепне социјално и ќе го одбрани духовно. И навистина, таа светлина, во својот полн сјај ги озари Македонците, кога го добија од Бога избраниот толкувач и проповедник на словото Божјо, во лицето на нашиот голем патрон свети Климент Охридски, првиот епископ Дремвицко - велички и просветител македонски и сесловенски. Преку него проговорило Божјото провидение за македонскиот народ. Преку него, во народниот организам е влеан евангелскиот дух, а во душата на нашиот народ - животворниот сок кој ја дочувал светлината и чистотата на народниот дух низ целата наша макотрпна историја. Преку него, овој народ го нашол "Патот, Вистината и Животот" - Господа Исуса Христа.106 Во основа на сето Светиклиментово дело е Господ Исус Христос како идеал на сите времиња и сите векови, Кој стои пред и зад се што правел свети Климент. Нему Бог му ја дал идејата за своето и за народното изградување според вечните принципи на евангелските заповеди.
Ако светиот апостол Павле ги остварил со животот своите зборови: "Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји Кој ме засака и Себе се предаде за мене."107 Истото може да се каже и за светиот отец Климент, кој, не само себеси што се охристовил, туку тоа го направил и со својот народ. Тој Христа го внел во душите на луѓето, за да ја преобрази душата на својот народ. Тој успеал од варварски пагани (έ'θνεσι или εθνικός, ό) да создаде благородни и кротки Христови јагниња; од груби, направил племенити души; од тирани, направил добротвори; од осветници, направил луѓе што проштаваат; омразата ја претворил во љубов; од непријатели направил пријатели; од слуги на ѓаволот, направил служители на Бога, а сето тоа за да бидат сите едно во Христа Господа и во Црквата Негова.
Тој, со Светото евангелие ги решавал сите прашања за животот, па и сите материјални потреби и неопходности, та затоа кај него немало ни паѓања, ни колебања, ни очајание, ни страв, ниту, пак, попуштање пред никакви опасности или искушенија.
Тој беше се зафатил со орањето на полето на просветата и христијанизацијата на народот во Македонија и тоа на својот мајчин, старомакедонски словенски јазик и писмо. Старословенскиот македонски јазик и глаголското писмо, најдобар израз нашле во творбите на свети Климент Охридски. Во нив се открива Божјата искра во човечката душа и од нив тече проповедта на евангелската љубов.
Свети Климент, објаснувајќи го Светото писмо и Божјите вистини, зборува за вистинската вредност на човекот, што ја добил со христијанството.
Така "словото Божјо растеше и се распространуваше"108 меѓу народот во Македонија.
Истовремено, со евангелизирањето, свети Климент пристапил кон просветување на луѓето. Знаел дека непросветен народ е лесен плен на асимилаторски расположените соседи. Ако Македонските Словени останале непросветени, без свое писмо, ќе останеле под нивото на својот јужен сосед, кој и онака се обидувал и се трудел да ги просвети со христијанската вера, но со свое писмо и со своја ерархија. Нивната цел не била само покрстување, туку со помош на покрстувањето да ги асимилираат и да им ја наметнат својата писменост и култура. Тој тоа брзо го согледал и затоа се зафатил со евангелизација на својот народ и тоа на негов јазик, со негово писмо, книжевност, просвета и Црква. Свети Климент бил ретко надарена личност. Освен тоа што бил добар познавач на старомакедонскиот црковнословенски јазик, тој е и негов научен и формален унапредувач, преведувач и оригинален автор. Прв учител на идните учители и предавачи на Универзитетот што го основал во Охрид.109


Ш.4) Свети Климент во Кутмичевица

Учениците на светите Кирил и Методиј кои од Моравија пристигнале во Бугарија, малку време останале кај цар Борис, бидејќи тој набрзо ги испратил на работни задачи во разни краишта од својата држава. 110 Тие биле подготвени не само за добри проповедници на Христовото учење, туку и за добри учители и просветители на неукиот народ и на неупатените во верата. Свети Климент Охридски во тоа доминирал над останатите и затоа цар Борис него го испратил да учителствува во Кутмичевица.111
Свети Климент и свети Наум биле продолжители на Светикирилометодиевската словенска школа и калени борци за заштита на словенската книга и богослужение на мајчин јазик.112
Во Бугарија, во тоа време, биле застапени византиски училишта, со цариградска ерархија, јазик и богослужение. Тие правеле силен отпор кон новото словенско, домородно свештенство, кон новиот словенски јазик, богослужбените книги и богослуженијата. Сето тоа го натерало свети Климента да замине на запад и да формира еден значаен црковен и образовнопросветен центар во Охрид.113 Тој сметал дека не се доволно само писмото и богослужбените книги за истиснување на туѓото, византиско, цариградско влијание: со јазикот, богослужбата и црковниот клир, туку тоа ќе успее само со создавање на нови образовни кадри, и во тоа успеал.114
По пристигнувањето на свети Климент во Кутмичевица,115 прва работа била да ја зацврсти верата меѓу христијаните. Тоа, тој го правел преку своите едноставни, прекрасни проповеди, изречени на јазикот на којшто говорел народот, - како што пишува опширното житие. Но, главната задача на свети Климента во Кутмичевица била и да организира црковнопросветен центар.116
Откако дошол свети Климент како учител во Кутмичевица, тој се однесувал многу љубезно со сите, како вистински сенароден пастир и учител, кој сакал да ги поучи луѓето во спасителните Христови заповеди и во богооткриените вистини за спасението. Затоа, учителот овде собрал и ученици и отворил училиште, односно универзитетски центар, каде што биле изучувани сите тогашни богословски, теоретски и емпириски науки.
Во училиштата на свети Климента се обраќало особено внимание на читањето и на пишувањето; но и не само на тоа, туку и на објаснување на прочитаното или напишаното, како што се вели во житието. Тоа не наведува да мислиме дека неговите ученици изучувале и цел ред на учебни предмети од повеќе области, иако во основа тоа биле духовни училишта. Во Светиклиментовите училишта се изучувале: Светото писмо, црковно- богослужбените книги, житијата на светиите, разни проповеди, богослужбени песни и редот на црковното богослужение. Најголемиот дел од потребната литература, којашто се користела во училиштата, била преведена или напишана од свети Климента. Со наш речник искажано, сите учебници во Светиклиментовиот универзитет биле напишани од светителот или под негов надзор - од неговите најблиски соработници.
Универзитетот бил основан со цел на студентите да им се дадат богати знаења, како од сите области на богословските науки, така и од областа на филозофијата, астрономијата, архиетектурата, сликарството, музиката, естетиката, па дури и од областа на медицината и агрикултурата. Благодарение на ваквата наставна програма, секако и на богатата библиотека, со која се служеле предавачите и студентите, како и со воодушевеното приоѓање кон формирањето на новите просветни и културни работници, Охридскиот Светиклиментов Универзитет станал вистински расадник на сеопштата словенска христијанизирана култура и центар за натамошно ширење на словенското христијанство и сесловенската писменост и култура.


Ш.5) Охридскиот Светиклиментов Универзитет, средиште на културата и просветата

Како учител и епископ, свети Климент, заедно со свети Наум, ги поставиле основите на т.н. Охридска книжевна школа.117 Цели два века пред Болоњскиот универзитет, тој го основал првиот словенски Универзитет во Охрид или како што најчесто ја нарекуваат - Охридска книжевна школа. Оваа школа, која дејствувала на македонскиот терен од IX век, била приврзаник на глаголицата.
За Охридската книжевна школа, која била и расадник на значајни ракописи за славистиката и за историјата на уметноста, можат да се поврзат некои од најзначајните словенски дела создадени се до XII век, кога глаголицата била заменета со кирилица.118
Охрид како жариште на словенската култура и писменост во периодот на свети Климент Охридски, кој меѓу Македонските Словени минал цели три децении, се до неговата смрт во 916 година, има огромно значење. Оттука излегле преку 3500 ученици кои словенската писменост, црковното пеење и уметноста ги ширеле во повеќе словенски земји дури и во Киевска Русија. Токму поради тоа, периодот на свети Климент Охридски се нарекува и златен век на словенската култура и писменост.119
Делата и книгите од Охридската книжевна школа, го најдоа местото во сите словенски средини, па и во далечната Русија, служејќи како примери за нови дела. Таа здрава традиција, таа далечна наша средновековна историја, култура и култ, ако не биле поставени на здрави основи, не би предизвикале такви бројни спонтани изливи на нашите уметници од нашата современост, кон светиот основоположник.
Свети Климент Охридски поминал кај својот народ низ сите краеви и ги поучувал луѓето. Го формирал Охридскиот универзитет за да можат младите луѓе да се здобијат со образование. Ги учел луѓето, како што се вели во неговото житие, не само да читаат и да пишуваат, туку и на секојдневни работи, за што зборуваат многуте преданија, кои се прераскажуваат кај народот.
Секој народ има барем еден таков учител кој е од Бога испратен за нивно спасение. Наш најголем учител и духовен пастир е свети Климент Охридски. Тој го следел Божјиот пример за добриот Пастир и Неговото стадо, опишан во 10-тата глава од Евангелието според Јован.120
Кога свети Климент бил избран за епископ во Кутмичевица, за подобар успех во својата дејност, тој го повикал од Преслав и свети Наума, кому му било доверено тој да продолжи да се грижи за училиштето и другите започнати дела од областа на образованието. Токму затоа, бугарскиот владетел Симеон, на местото од свети Климента, за учител и управител на Охридската книжевна школа го поставил свети Наума.121 Неговата учителска дејност главно се одвивала во градот Охрид, а за тоа сведочи и манастирот, изграден на самиот брег од Охридското Езеро.
Иако физички ослабен, но со силен дух и со својата определеност - "моли се и работи", свети Климент сецело бил предаден на својата црковнонародна дејност, се до својата смрт, на 27.07.916 година.122
За учениците и за верниците бил образец на смиреност, љубов и мир, и најголем пријател на писмото и книгата. Тој бил учител на правдата и вистината, наставник во верата, патеводител на патот кон вечниот живот, покровител на бедните и немоќните, основач на просветата и напредокот.
Ние овде нема да се занимаваме со историските проучувања на оваа школа, но ќе спомнеме дека нејзината содржина во основа е црковна и библиска и дека нејзините рефлексии изразито се чувствуваат низ сите словенски народи. Исто така, би напомнале дека оваа Светиклиментова охридска школа е и литературна школа или како што се нарекува книжевен центар. За неа употребуван е и изразот Светиклиментов универзитет, бидејќи биле изучувани цел комплекс на науки: теологија, филозофија, литература, јазик, живопис, иконографија, градителство и архитектура, музика, медицина и агрикултура. За тоа можат да се пишуваат одделни студии за секоја од овие. гранки, развивани во Охридската книжевна школа на свети Климент Охридски, како на пример: Охридската школа и архиетектурата, или Охридската школа и фрескосликарството, или Охридската школа и литературата итн.123
Светиклиментовата книжевна школа во Охрид опфаќа широка црковнокултурна дејност: основање на цркви, манастири, училишта, образование, литература, наука, филозофија, уметност - односно, се она што ги карактеризирало големите културни центри во Византија.
Ваквата комплексност на Светиклиментовиот центар во Охрид треба да се проучува сестрано, од сите аспекти, за да биде целосно и правилно разбрано неговото значење. Едностраното разгледување на писменоста, на пример, како литература, ќе ја осиромаши вистинската претстава за просветниот процес и просветителството. Важна е литературата: и оригиналната и преводната, зашто таа има задача на образование, историја, морал, народно самосознание, но и вистинско духовно и културно просветување и верско образование и будење. Затоа, литературата од тој период треба да биде разгледувана, толкувана и оценета и како грамотност, и како образование, и како наука, и како филозофија, но и како општа култура, како вера, како Црква и како богословие. Да не се заборава дека на тој начин во Европа влегува христијанската цивилизација на нов јазик.
Нашето соседство со Византија е привилегија за развојот на Охридскиот книжевен центар и црковната христијанска културна активност, но и голема опасност. За да го разбереме просветниот подем што го развивал свети Климент Охридски, треба да сфатиме дека од Византија доаѓал богатиот извор на теологија, знаења, наука, филозофија и уметност, но исто така, од Византија доаѓала и политичката и духовната опасност за наметнување на нивната туѓа култура. Сепак, свети Климент успеал да ја победи византиската култура и над неа да ја постави народната култура на нашиот народ од IX и X век.
Во Македонија, новонаселеното словенско жителство, по покрстувањето доживува една христијанска културна метаморфоза. Навистина, притоа, силно било и влијанието на источната византиска култура, но со развојот на својот јазик, писменост и книжевност, на која целосно се предал свети Климент Охридски, била запазена основната карактеристика на народната култура. Тука спаѓаат обичаите и битот на населението, за кои Црквата понекогаш дури морала и да бара форми и начини за да ги осмисли во духот на христијанството.
Охридската книжевна школа е носителка на народното самосознание. Таа е особено значајна за старословенската македонска црковна литература. Од неа се запазени и најстарите книжевни споменици со глаголско писмо.
Светиклиментовата Охридска книжевна школа има просветителски карактер, но е особено значајна и за јазикот и за литературата. Кај неа е најзапазено влијанието на библискиот стил и заштитата на глаголската писменост. Исто така, особено се посветува внимание кон култот и делото на светите браќа Кирил и Методиј. Во оваа школа се препишуваат евангелски и литургиски текстови, а се родиле и оригинални творби, преку перото од светата десница на свети Климента. Самиот свети Климент напишал или превел околу 100 "слова" (дела) со што ги зацврстил темелите на македонската и ошнтословенската литература и култура.124
Во XII, XIII, XIV и XV век се забележува проширувањето на литературата од Охридската книжевна школа преку многубројните преписи низ другите црковни центри и во другите словенски земји. Особено творбите на свети Климент Охридски се среќаваат во разни преписи низ сите овие векови и во повеќе словенски земји.125
Старословенската литература, негувана во Охридската книжевна школа на свети Климент, развива главно творби од ораторската проза и црковната поезија. Оваа литература отвори раѓање на една нова литературна цивилизација на новиот јазик на Словените и постави основа на еден нов и важен период во историјата на целото средновековно христијанство. Охрид, свети Климент и неговиот Универзитет (школа) направи граница меѓу двете големи јазично - културни цивилизации: грчката и латинската и се издигна во Европа третата - словенска јазичнокултурна цивилизација.
Словенските народи немале свој Цариград каде што со векови било собирано царското богатство, но сме го имале Охрид, каде што од почетокот се таложело нашето писмено, црковно, и културно богатство. Затоа Охрид е нашиот словенски дворец од каде се развивал духовниот живот, а свети Климент е првиот просветител на македонскиот народ (б лр&тос; фсопатѓц;), којшто создал толку голем црковнопросветен центар.

III. 6) Универзитет со библиски светоглед
На Светиклиментовиот Охридски универзитет, Библијата била во рацете кај секој наставник и ученик. Таа била основната книга за секој студент и за секој професор, без разлика која наука и на која "катедра" се студирало. Светото писмо било фундамент на се. Богомудрието било основа за секое човекомудрие. Тоа било белег на Универзитетот.
Светиклиментовиот универзитет е познат по тоа што во основата на сите научни дисциплини било Светото писмо, христијанското учење и христијанската етика, и што сите овие вистини биле предавани, толкувани и правилно објаснувани во духот на Светото предание и со инспирацијата на Светиот Дух, која зрачела низ непрестајниот литургиски живот и кај учителите и кај учениците во оваа високообразовна и научна установа.
Така, на овој Универзитет се образувале и се формирале, не само свештенослужителите, туку и книжевниците, и учителите, и лекарите, и правниците, и историчарите, и музичарите, и иконографите, и фрескописците и сите учени луѓе.
Секое учење, па и секое училиште и универзитет, треба првенствено да водат кон Бога, а потоа и кон луѓето. Светиклиментовиот универзитет имал библиска рамка на мудрословие за целиот човечки живот и за религиозниот поглед и во Божјите височини и во длабочините на науките. Покрај богословието и богословските студии, на Светиклиментовиот универзитет бил проучуван и цел круг на егзактни науки, со што се комплетирала физиономијата на Универзитетот.
Универзитетот кај луѓето создавал правилен библиски поглед, доближувајќи го мудрословието и богословието.
Основата на Светиклиментовиот универзитет била библиска, врз која се изградувале и другите дисциплини и насоки од антропологијата, моралот, правото, филологијата, уметноста итн. Евангелизаторската димензија била поставена во световната потрага за мудрост и за подобар живот, преку вистинското сотириолошко и есхатолошко разбирање на животот. На тој начин, во Охридскиот Светиклиментов универзитет, богословието и мудрословието одлично му служеле на богообликувањето на човекот.
За тоа дека образованието на учениците - студентите во Светиклиментовиот универзитет, било разновидно, ни сведочи и фактот што од Светиклиментовиот духовен расадник е зачувана богата ризница на стари ракописи, книги со преводна и оригинална книжевност, како и други споменици од нашата средновековна уметност, култура и цивилизација. Иако образованието не било само теолошко, сепак, во сите сфери на останатите научни постигнувања бил ставан елементот на црковноста и библицизмот. Црковни луѓе биле професорите и водачите на сите важни манифестации на духот од тоа време. Целиот тој културноисториски огромен капитал е создаван под закрилата на Црквата, со библиска инспирација и со благословот на свети Климента.
Светиклиментовиот Охридски универзитет претставувал уста преку која Црквата ја проповедала Божјата премудрост и човечката мудрост и наука. Преку овој Универзитет Црквата одговарала на незнабожечкото разбирање на светот и животот и изградувала нов библиски светоглед во кој таа имала конкретна евангелска мисија. Големината и заслугата на богословите и учениците од Светиклиментовиот универзитет се содржи во тоа што тие успешно се користеле со наученото, спроведувајќи го во поставените проблеми во животот.
Светото писмо, пак, било основа на сите добри пастири и свети оци. Свети Јован Златоуст велел дека Светото писмо е негов жезал, негово тивко пристаниште и цврста и сугурна поткрепа. Зборовите од Библијата претставуваат сигурна тврдина и бедем за пастирот, учителот и просветителот.
Свети Климент Охридски знаел дека пастирот мора да биде образована личност и направил се што можел тоа да го постигне кај пастирите на својот народ. Со изучувањето на богословските науки, а особено со проучувањето на Светото писмо кое е основа на сите останати богословски науки, пастирот го добивал потребното знаење за да може во одредени моменти да и помогне на својата паства, да им вгради во срцето чисти религиозно морални квалитети и успешно да ги води кон спасението.
Новопокрстените имале потреба и да живеат со Христа, да се молат, да имаат лични молитвени правила, да учествуваат во литургискиот живот на Црквата, да имаат богослужбен литургиски живот, а со тоа и преведени текстови и од Светото писмо и од богослужбените книги. Задачата била голема, но свети Климент бил личност која знаела да си подготвува соработници и помошници во сите посочени дејности. Затоа, најнапред ја развил образовната дејност, организирајќи го Охридскиот универзитет со сите научни гранки на теологијата и другите науки и уметности.
Свети Климент Охридски, пренесувајќи им ја евангелската порака на своите ученици, со смирен глас им говорел дека не е доволно само да не правиме зло, туку треба да правиме добро: "Прави го она што сакаш тебе да ти го прават другите."126
Секогаш имал за цел, секому и секаде да му го пренесе Евангелието. Сакал сите да ги научи на евангелскиот живот, секогаш покажувајќи им го тоа и со личен пример.127 Свети Климент проповедал не само со мудри зборови, туку и со живот - живеејќи според Евангелието.128
Сите ги советувал на богољубие и братољубие. Барал никогаш, никој да не зборува лошо за својот ближен и тоа не само затоа што тоа претставува грев, туку затоа што ближниот сигурно некогаш за тоа ќе дознае, па затоа велел дека добриот збор е одлучувачки фактор за добрите меѓучовечки односи и за исполнување на втората заповед од двете најголеми Божји заповеди: "Сакај го ближниот како себеси."129
Некои карактеристични црти за личноста на свети Климент Охридски досега не се доволно истакнувани или намерно се премолчувани, а тоа се неговите значајни белези: монаштвото и светителството на свети Климента. Тие се главна основа на целиот негов труд и епохално дело. Да не се сфати, да се одбегне или да не се истакне Климентовото светителство и монаштво, значи да не се разбере правилно се што е негово, бидејќи сето она што е негово, тоа происходи од тие два значајни елемента: од монаштвото и од светителството. Ако не бил таков, свети Климент ќе бил обичен како и другите. Како монах и светител тој бил Божји помошник на нивата Господова во овоземната историја.
Почитувајќи ги сите овие работи, организирајќи ја својата епископија, свети Климент станал организатор на македонската - словенската црква, со домородна словенска ерархија, а во Охрид ги поставил темелите за подоцнежната Охридска архиепископија и Патријаршија.
По седумгодишната учителска дејност, во 893 година свети Климент од новиот бугарски владетел Симеон (893-927), бил поставен за епископ на Дремвица или Велика.130 Седиштето на Светиклиментовата епископија некои сметаат дека било во Охрид или охридско, други - близу до охридскиот крај, а некои дека се наоѓало подалеку од Охрид. Во науката се искажани повеќе претпоставки.131 Најново е гледиштето дека седиштето на епископијата се наоѓало во градот Тивериопол (Струмица).132
Како и да е, едно е сосема сигурно - дека, доаѓајќи во Дремвица и Велика со титулата епископ Велички, свети Климент Охридски постанал прв словенски епископ во чија епископија се богослужело, се проповедало, се читало и се пишувало на старомакедонски словенски јазик.
Географската местоположба на епархијата на свети Климент тешко се определува. Се знае само дека епископската титула на свети Климента гласела: επίσκοπος Δρεμβίτζας (река Δρεμβενίτζας крај Охрид) ή'τοι Βελίτζας, но и овие две имиња тешко се објаснуваат, бидејќи во таа форма не се сретнуваат во ниту еден друг грчки или словенски изворник.
Титулата на свети Климента во Диканжовиот список се сретнува како: επίσκοπος Τιβερουπόλεως ήτοι Βελίκας.133 Ηο и тоа не ни дава сигурни податоци, бидејќи свети Климент никогаш не бил епископ Тивериополски (струмички), ниту, пак, бил епископ во времето на свети Кирила.134
Според тоа, лоцирањето на епархијата на свети Климент е сврзано со идентификувањето на двете имиња: Δρεμβίτζας и Βελίτζας. Научниците бараат на нив слични топоними и ги поврзуваат со епархијата.

 

 

ПРОТОЃАКОН
Д-Р РАТОМИР ГРОЗДАНОСКИ

БИБЛИЈАТА ВО ДЕЛАТА НА
СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ


PROTODEACON
RATMIR GROZDANOSKI, PH.D.

THE BIBLE IN THE WORKS
OF ST. CLEMENT OF OHRID


Скопје 2001

МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА СВЕТИ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД

 

 Подготви: Стојанка Тежак

Друго:

http://preminportal.com.mk/content/view/5946/54/

Д-р Ратомир Грозданоски - БИБЛИЈАТА ТЕМЕЛ НА СРЕДНОВЕКОВНАТА ЦРКОВНА КНИЖЕВНОСТ

Д-р Ратомир Грозданоски - БИБЛИЈАТА ВО ДЕЛАТА НА СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ

 


 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Јуни 10, 2023
TVIT602

Проскомидија

·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на Литургијата, нејзин пролог. Таа е нашиот допир со Небесното Царство и Небесното жителство.
Септември 13, 2021

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на Бигорската Обител, засветлил како светлозарна ѕвезда на богопрославениот светителски небосклон на Црквата Христова, во првата половина на ΧΙ век. За неговото родословие,…

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Сеп 03, 2021 Беседи 5805
Default Image
Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 6622
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 6405
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 5600
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Најново од духовност

Православен календар

 

19/04/2024 - петок

Велигденски пости; (строг пост)

+Упокоение на Свети Методиј Солунски; Свети Евтихиј, патријарх Цариградски; Светите Сто и дваесет маченици коишто пострадаа во Персија; Преподобен Григориј Синаит; (Акатист); (второ бдение);

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св.Христов исповедник Георгиј Митиленски митрополит 7 април / 20 април 2024

Тропар на св.Христов исповедник Георгиј Митиленски митрополит 7 април / 20 април 2024

Пастироначалниче на скитското подвижништвово степите руски непроодни,Ниле ученику Христов облагодатен,денес и во веки Бога преку тебе Го прославуваме,и твоите подвизи...

Тропар на светиот Методиј Солунски 6 април / 19 април 2024

Тропар на светиот Методиј Солунски 6 април / 19 април 2024

Словото Божјо, слово земно подаде,кое ти Свети епископе Методие во слава Негова го раздаде,а Он Началникот на животот устрои заради...

Тропар на светите Христови маченици Агатопод ѓакон и Теодул чтец 5 април / 18 април 2024

Тропар на светите Христови маченици Агатопод ѓакон и Теодул чтец 5 април / 18 април 2024

Вистина непоколеблива имајќи во срцата вашиАгатоподе и Теодуле,познавте дека земниот живот е суета, сенка и сон,а верата во Љубовта го...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная