Anita Gibson
БРИКС и ШОС: Две патеки кон иста цел
Вчера направив грешка. Го нареков самитот во Кина средба на БРИКС, кога всушност стануваше збор за Шангајската организација за соработка (ШОС).
На прв поглед, тоа е банална грешка: различни организации, различни формати. Но во суштина, иако по потекло се разликуваат, денес БРИКС и ШОС стануваат делови од истата приказна — приказна за крајот на еднополарниот свет и за раѓањето на нов мултиполарен поредок.
⸻
Различни но сепак слични
БРИКС се појави како економски сојуз: првично Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, а денес веќе со нови членки. Целта беше јасна — да се создаде финансиски и трговски систем кој нема да зависи од диктатот на доларот и од условите на ММФ и Светската банка. Од самиот почеток, БРИКС беше предизвик за Западот, затоа што за прв пат земји надвор од евроатлантската орбита отворено кажаа: „Сакаме сопствен систем“.
ШОС, пак, започна во 2001 година како безбедносен формат. Кина, Русија и централноазиските држави сакаа да се справат со заеднички закани — тероризам, сепаратизам, нестабилност на границите. Долго време Западот ја гледаше ШОС како регионално „муабетилиште“ без некоја си тежина.
Но денес, кога лидерите се среќаваат под овие формати, агендите звучат речиси идентично. Во Тјенџин се зборуваше за банки, нови платежни системи, инфраструктурни коридори, енергетски проекти, технолошка соработка. Договорите веќе не се само безбедносни или декларативни — туку деловни и практични. БРИКС и ШОС се претвораат во два столба на истата градба — еден економски, друг политичко-безбедносен — но заедно го носат истиот товар: изградба на нов свет кој ќе функционира без Западот.
⸻
Индискиот избор: Од „слаба алка“ до клучен играч
Најголемото изненадување за Вашингтон е Индија. Таму, стратегијата беше јасна: да се искористат историските тензии меѓу Индија и Кина и да се привлече Њу Делхи на страната на Западот.
Но што се случи? Трамп воведе царини, неговите советници а и самиот тој, ја навредуваа индиската економија, а Вашингтон притискаше Индија да престане да купува руска нафта. Наместо Индија да попушти, таа се залепи уште повеќе за Москва и Пекинг.
Моди во Тјенџин не само што го нарече Путин „добар пријател“, туку и го покани во Индија во декември. Притоа, Кина понуди да ѝ помогне на Индија да ги апсорбира ударите од американските тарифи. Она што САД мислеа дека ќе биде клин меѓу Индија и Русија, заврши како цемент што ја зацврсти целата конструкција. Индија покажа дека не е Европа и дека нема да го жртвува својот суверенитет за американско - геополитички опсесии.
⸻
Турција: Седење на „пет столици“
Турција одамна ја води играта на повеќе фронтови. Членка на НАТО, но купува руски С-400. Формален кандидат за ЕУ, но гради економски мостови со Кина. Поддржува Киев, но посредува и со Москва.
Ердоган седи на пет столици, и токму затоа сите сакаат да го задржат. Тој го користи тоа за да го извлече максимумот. Во Тјенџин, неговата агенда е јасна: Турција има економска криза и бара свежи пари. Ако преку ШОС и БРИКС добие пристап до алтернативни финансиски канали, ќе може да се ослободи од условите на ММФ и Брисел. За Ердоган, присуството во ШОС е карта со која Турција престанува да биде „чирак“ на Западот и станува партнер кој сам избира.
⸻
Иран: Од изолирана до интегрирана држава
Иран е најјасниот пример за тоа што значи ШОС и БРИКС. Со децении под санкции, изолиран и условуван, тој преку овие форуми конечно излегува на сцена каде што е партнер, а не „проблем“.
Со приклучувањето кон ШОС и БРИКС, Иран добива пристап до трговија, банки, технологии. Западот сакаше да го задуши, но резултатот е спротивен: Техеран сега има нови партнери — Кина, Русија, Индија, Турција (?) — и ново место во светот. Колку повеќе Западот го изолира, толку повеќе Истокот му отвора врати.
⸻
Србија: Мала држава со големи амбиции
Додека многумина мислат дека малите држави се само пешаци, Србија покажува дека со вешта калкулација може да биде играч. Вучиќ пристигнува во Кина токму во момент кога Европа го заглави проширувањето.
Србија формално зборува за ЕУ, но реалноста е поинаква: кинески инвестиции во железници, фабрики, индустриски зони веќе се факт. Вучиќ оди во Кина не да моли, туку да покаже дека Белград има избор. Малите држави можеби немаат моќ да диктираат, но имаат моќ да избираат. Србија тоа го разбира.
⸻
Македонија: Отсуството што кажува многу
И тука доаѓаме до нас. Зошто Македонија не е таму? Зошто нашите министри не седат на маси каде што се зборува за банки, инфраструктура, енергија и технологии — теми што ја обликуваат иднината?
Одговорот е горчлив: затоа што сме врзани за кредити и грантови. Британија, ЕУ и западните фондови ни подаваат милиони што изгледаат како помош, но секогаш носат услови, неповолни. Секој кредит е синџир, секој грант е обврска за молк.
Триесет години Западот ни докажува дека таму место нема за нас. Нè држи во чекална, ни брише идентитет, ни диктира учебници. И покрај тоа, ние упорно одбиваме да поверуваме дека постои друг пат. Македонија не е отсутна затоа што не е поканета, туку затоа што не е суверена!
⸻
Една нова архитектура
Формално, БРИКС и ШОС се различни. Но во практика, тие се претвораат во столбови на истата архитектура: една економска, друга безбедносна. За големите сили тоа се алатка на моќ, за средните држави шанса за баланс, за изолираните спас од санкции.
А за Македонија? Засега, уште една пропуштена можност. Додека светот гради нови мостови, ние остануваме врзани со старите синџири.
фб 02.09.2025 г