21 април 2018
"Посета на Киевската православна богословска академија"
На 18 април 2018 година делегација од Македонската православна црква – Охридска архиепископија ја посети Киевската православна богословска академија и манастирот на свети Архангел Михаил во Киев.
Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф оствари средба со Патријаршискиот намесник, митрополитот Перејаславски и Белоцерковски г. Епифаниј – ректор на Академијата и со Секретарот на Синодот на Украинската православна црква – Киевски патријархат Архиепископот Чернигивски и Нижински г. Евстратиј.
На средбата се разговараше за моменталната состојба и последните случувања во животот на двете цркви. Особено внимание беше посветено на богословското образование и едукацијата на идните свештеници.
На средбата двете делегации разменија подароци. Митрополитот Јосиф на Академијата ѝ подари икона на свети Климент Охридски, кој е патрон на Македонската православна црква, а митрополитот Епифаниј на гостите им подари дел од изданијата на Академијата.
Потоа гостите од Македонија ги посетија образовните и интернатските простории на Академијата. Во придружба на Архиепископот г.Евстратиј, тие исто така го посетија и манастирот на свети Архангел Михаил во Киев.
Извор: Кумановско- осоговска епархија