На исповед...

На исповед, луѓето често зборуваат за гревовите што ги направиле. За зборовите што повредиле, за постапките за кои се каат, за грешките што ја оптоваруваат нивната совест.
Но постои и една друга, подлабока и поважна форма на покајание. Онаа што не се однесува на тоа што сме направиле, туку на она што никогаш не сме се осмелиле да го направиме.
Човекот не страда само поради своите грешки. Страда и поради животот што не го живеел. Поради соништата што ги напуштил за да биде прифатен. Поради желбите што ги закопал под тежината на „морам“. Поради одлуките што ги донел од страв, а не од слобода. Поради сопственото „јас“ што толку пати молчело, сè додека не престанало да го слуша сопствениот глас.
Психолошки гледано, овие потиснати нешта не исчезнуваат. Остануваат во нас како недовршени приказни, како нешто што чека да биде исполнето. Често се враќаат како тага, како празнина, како необјасниво чувство дека, иако сме живееле, нешто суштинско ни избегало.
И духовно, можеби најголемата загуба не е тоа што сме не успеале, туку тоа што сме го одбиле дарот што ни бил доверен. Зашто секој човек е повикан не само да го избегнува злото, туку и да стане оној што навистина е. Да ги умножи своите дарови, да љуби без страв, да создава, да се осмели, да живее во вистина.
Најдлабокото покајание не е: „Погрешив.“
Туку:
„Не се осмелив да бидам онаков каков што бев создаден да бидам.“
И ако би можел да дадам еден совет, би бил овој:
Не плаши се искрено да застанеш пред Бога и пред самиот себе.
Вистинското покајание не е само да жалиш за она што си го направил, туку и да го воскреснеш она што си дозволил да умре во тебе – од страв, одложување или компромис.
Бог не го повикува човекот да живее заробен во својата вина, туку слободен во Неговата вистина.
И додека има здив, има и можност за нов почеток.
Зашто Божјата благодат не ги лекува само раните од гревот – таа ги лекува и раните на еден живот што никогаш не се осмелил да процвета.
отец Павел Пападопулос / Подготви С.Стефковски
03.08.2026































