Богоблагодатна Дево, од Твојот извор кој тече непрестајно, Ти ми даваш вода од Твојата благодат неискажливо. Затоа Ти се молам Тебе, Која надумно Го роди Словото, пороси ме со благодатта, за да Ти повикувам: Радувај се, водо спасителна!
Воведенски Храм Населба Рача
Блажен е оној што по тесниот пат, во небото ќе влезе - овенчан со слава.
Блажен е оној, кој ги одбегнува сластите; од него демоните треперат.
Блажен е оној што има чиста душа и чија добродетел е нелицемерна; тој на светот ќе му суди и нема да биде суден со светот.
Блажен е оној што има непрестајни молитви, читање и добродетели; тој нема смртно да заспие.
Блазе му на оној чиј живот е висок, a мислењето за себе го има ниско и смирено.
Блажен е оној од чиј јазик законот Божји не слегнува, од неговата скинија Бог никогаш не отстапува.
Блажен е оној, кој на сите добрини им прави; на Судот Божји заштитници ќе има.
Блажен е оној, чија добродетел е вистинска; лопатата Божја непоштедно ќе одвее сѐ што е лажно.
Блажен е оној, кој ги украсува своите дела пред појавувањето на огнот, со кој ќе биде проверено сѐ.
Блазе му на оној, кој кон идниот живот брза; сѐ во овој свет е гнилежно и кон смртта се движи.
Блажен е оној, кој насобраното богатство го раздава; тој чист пред Господа ќе застане.
Душо, не бивај безгрижна! Само по малку време ќе застанеш пред страшниот суд на Христа - нашиот Бог.
Преподобен Нил Синајски