
Недела I по Педесетница 07 јуни, 2026 година (Недела на Сите Светии)
ВоиметонаОтецотиСинотиСветиотДух.
Благочестиви христијани,

Помина точно една седмица откога го прославивме роденденот на Црквата Божја, го прославивме и си спомнавме за слегувањето на Светиот Дух врз апостолите.Овие простодушни следбеници иученици Христови на педесетиот ден од Воскресението го добиле ветеното, ја добиле благодатта од Светиот Дух,се вооружиле сосилата Господова за да можат самопрегорно да го проповедаат Евангелието за Господа Исуса Христа Воскреснатиот низ целиот свет. Бог им дал сила на овие луѓе да Го исповедаат Богочовекот Христос и Неговото спасително дело пред лицето на светот. Бог ги вооружил овие свои верни војниции ги испратил во борба со зборовите: ,,Одете по целиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание." (Мк.16,15) Но, знаејќи дека патот на проповедта ќе биде тежок, Господ ИсусХристос им кажал на Своите ученици: ,,Ете, Јас ве испраќам како овци помеѓу волци", и ги охрабрил,,,Не бојте се! Вам и влакната на главата ви се изброени."
На апостолите задачата им била сосема јасна,заштоГоспод вели:
„Секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Отец небесен. А кој ќе се одрече од Мене и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен." (Мт. 10, 32-33) Оваа заповед навидум се чини едноставна и лесна,но низ вековите,па доденес, согледуваме дека исповеданието за Христа Воскреснатиот наоѓало и наоѓа отпор, како во минатото, така и во денешно време.Во времето на апостолите,сведоштвото за спасението на светот и човекот од смртта и ѓаволот било лудост во умот на грчката филозофија и римското право.Во периодот на хуманизмот и ренесансата,на Христовите страдања за човештвото се гледало од романтичарски аспект, а пак, во периодот на богоборниот атеизам никнат од либерализмот кој траел и на нашиве простори до пред извесно време во вид на револуционерен социjализам, сите оние што го исповедале Исуса Христа за Богочовек и Спасител, исведочеле за спасението станувале страдалници.
Но, тие маки и страдања на христиjаните биле предвидени со зборовите Господови, кога вели: ,,Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата; не дојдов да донесам мир, туку меч. Зашто дојдов да разделам човек од татка си, и ќерка од мајка си, и снаа од свекрвата нејзина.И непријатели на човека ќе бидат неговите домашни." (Мт. 10, 34-36) А, дали има нешто пострашно од тоа непријателите да ни бидат нашите домашни? Но, тоа е тежината на крстот кој Господ ни го дава да го носиме низ целиот наш земен живот. На некои крстот е полесен, на некои потежок, некој полесно го носи, некој повеќе страда, но крстот никогаш не е потежок од сопствените сили, а Бог секогаш не крепи при секое искушение и само оние истрајните,кои не го отфрлаат крстот свој после првата пречка, успеваат на истиот ТОЈ крст да го распнат стариот човек и да со воскреснат со Христа Спасителот за во нив да се роди нов човек кој ќе застане од десната страна Негова заедно со угодниците Божји.
Следбениците Христови по патот на спасението постојано се прашуваат како и апостол Петар:,,Што ќе стане со нас?"(Мт.19,27) Но, на тие што ќе издржат до крај; Бог им ветил вечен живот во Царството небесно; и сите оние што оставиле куќа, родители, браќа и сестри, жени идеца, заради Христа ќе наследат многупати повеќе и ќе се здобијат со вечни и нетрулежни блага.
Браќа и сестри,
Во овој ден, светата православна Цркваси спомнува за сите светии. Во нашиот календар гледаме дека секој ден е посветен на некој угодник Божји, маченик, апостол, пророк, преподобен. Но, списокот во рацете Божји е поголем -денес си спомнуваме за сите оние кои Му угодиле на Бога и станале учесници во Неговата слава, а на кои ниту имињата не им ги знаеме; си спомнуваме за сите оние кои пострадале за верата во Богочовекот Христос и со својата маченичка крв го потпишале сведоштвото за Синот Божји и Спасителот наш; си спомнуваме за сите знаени и незнаени светии, по чии молитви и ние се спасуваме и го издржуваме и поднесуваме носењето на сопствениот крст.
Бог, помолитвите на сите светии,знаени и незнаени, да не спаси и помилува зашто е Добар и Човекољубец.
Амин.

Скопје, 7ми јуни 2026-храм на св.вмч. Димитриј


























