логоFacebookTwitterYouTubeeMail


Интервју со монахиња Вирџинија од манастирот на света Ана, Мелбурн

Вертикалната перспектива на барање и наоѓање на Бога, на одрекување од телото и пронаоѓање на Духот, останува несфатена и непромовирана


Сестра Вирџинија, те мoлам кажи нешто за себе, за твоето потекло?

Родена сум во 1936 г. и крстена со името Изабела Вирџинија од дедо ми, англикански свештеник, кој зел вода од изворот на свети Дубрициус (Дајфриг, околу 550 г.), испосникот од островот Бардси во Северен Велс. На почетокот од Втората светска војна нѐ евакуираа од Лондон во Северен Велс, каде што баба ми ме носеше в црква. Таму се приврзав за црквата. Во Лондон се вратив на петгодишна возраст. Посетував католичко манастирско училиште до возраст од 9 години, а школувањето го продолжив во англикански интернатски училишта. Прислужував во капелите во средното училиште и на колеџот Гиртон, Кембриџ. На Кембриџ област на проучување ми беа општествените науки и психологијата. Се омажив за англикански свештеник.
 
Дали има некој момент од твојот живот во детството кој ти се врежал во срцето и направил пресвртница во твојот живот?

На возраст од околу 12 години, мајка ми ме одведе на американскиот мјузикл „Ени земи си ја пушката“ (Annie Get your Gun). Мојот татко, медицинар, кој и самиот пишуваше мјузикли како хоби, по претставата, во возот накај дома ни зборуваше за мјузиклот. Сè уште се сеќавам на еден од лајтмотивите: „Што и да правиш, јас подобро го правам од тебе. Сè можам подобро да направам од тебе! Можеш да испечеш пита? Не! Не можам ниту јас.“ Тука се кријат две јасни стојалишта: прво, жените се еднакви со или дури и поспособни од мажите; второ, традиционалните женски улоги (на пр. готвењето) не се задолжителни. Моето второ училиште (со интернат) изгледаше приближно вака: задолжително крикет и тенис, и иако имаше часови по готвење, не беше препорачливо солидните ученици да си го губат времето со нив. Значи, од најрана возраст очигледно беше нагласувањето на половите улоги. Бракот на моите родители беше жртва на војната; и двајцата стапија во втори бракови додека јас бев уште во тинејџерските години. Ова ме доведе поблиску до Бога, но според моделот на прераната и ранлива независност, типичен за Западот. 

Патиштата Божји се неиспитливи и неспознатливи. Многу е интересен твојот животен пат до Православната Црква.

Дури во Мелбурн во 80-тите години од минатиот век му се вратив на вонредното студирање во времето додека моето најмало дете беше средношколец. На претходно здобиениот магистерски степен ја додадов дипломата од Обединетиот теолошки факултет [United Faculty of Theology] (UFT) во рамките на Богословскиот колеџ во Мелбурн. Студирав со жени кои имаа намера да бидат ракоположени за свештеници. Живеевме во Сент Килда, каде што првично се грижевме за лица што се занимаваа со проституција, помагајќи им да се одвикнат од зависноста од дрога; а подоцна, откако СИДА-та зеде замав, во периодот пред да станат достапни антивирусните лекови, се грижев за луѓето кои без медицинска помош умираа дома. Проблемите со кои се среќававме ги наметнаа активностите со кои подоцна се зафатив. Се сеќавам дека членував во Комисијата за хомосексуалност и СИДА на англиканскиот надбискуп Пенман. Во оваа шестчлена комисија, јас бев единствената која одби да го потпише документот според кој хомосексуалните генитални практики се во согласност со Светото Писмо. Потоа, како член на Синодот на Англиканската црква, пред тој да донесе закон во прилог на ракополагањето женски свештеници, се залагав за спротивното цели шест години. Бев член на Националната комисија на жени против ракополагањето жени [Women Against the Ordination of Women] (WAOW) која ја следеше платформата за еднаков статус а различна функција. Исто така бев и во Државната комисија на Здружението за апостолско служење [Association for the Apostolic Ministry] (AAM) во поддршка на традиционалното машко свештенство. Оваа јавна позиција ме одведе, на пример, до Апелациониот суд во Сиднеј заедно со Сандра Мекол, претседателката на WAOW. Се сеќавам дека таму, од спротивната страна, се соочив со надбискупот Рајнер, кој велеше дека постојат теолошки пречки за она што тој имаше намера да го стори – да ракополага жени за свештеници – но на крајот на краиштата 80% од луѓето биле на негова страна. Се сеќавам дека си помислив оти и Понтиј Пилат ја имал поддршката од толпата – но тоа не ја направи неговата постапка исправна. Кон крајот на 1992 г. дојде денот кога Синодот го изгласа ракополагањето жени. Како резултат на тоа, претседателката на WAOW, Филис Бојд, премина во римокатолици, додека јас, со благослов на мојот сопруг, се одлучив за Православието. Во тоа време му бев пишала на Антиохискиот архиепископ Џибран, кој мошне брзо ми одговори, па започнав да го истражувам Православието во Свети Никола во Источен Мелбурн. Бев миропомазана во петтиот петок од Великиот Пост, 1993 година.
 
Ти се определи за Антиохиската Православна Црква...

Некои ме прашаа: Зошто Антиохиската Црква? Си спомнувам кога во автобусот од Сент Килда до Источен Мелбурн размислував за моите јурисдикциски опции. Сепак, не се работеше само за мене. Од времето поминато во WAOW и AAM ми остана адресар со имињата на многумина низ Австралија кои би биле страшно погодени од она што се случува во нивната Англиканска црква. Она што јас го презедов требаше да биде возможно и за останатите, а меѓу нив имаше припадници не само на англиканскиот клир туку и свештенство од други христијански цркви. Размислував за тоа дека Антиохиската Црква има голем број свои цркви во САД во кои се богослужи на англиски. Оваа Црква исто така добро се справуваше со луѓето од Запад кои сакаа да дознаат за Православието и на многумина им имаше помогнато. Наскоро по моето преминување во Православието, одржавме средба за заинтересираните во Свети Никола во Источен Мелбурн. Дополнително одржувавме и часови по вероучение. Увидовме дека со текот на годините и свештенството и обичните верници се приклучуваа кон Православната Црква, како во Антиохиската така и во другите јурисдикции овде во Австралија.

Високообразовниот систем го избра како место за проповед, нива за сеење на чистото слово Божјо. Кои се твоите достигнувања во ова поле на мисијата?

На почетокот од минатата деценија, Институтот за православни христијански студии во Мелбурн [Melbourne Institute for Orthodox Christian Studies] (MIOCS) излезе во пресрет на потребата за православно теолошко образование во Мелбурн. На самиот почеток постоеше голем ентузијазам за можноста да се студира без јурисдикциски ограничувања. Извесно време работевме со UFT, а потоа се обидовме да работиме за акредитација под нивна закрила. Во последно време ја осознаваме потребата од воспоставување и на наш сопствен признат учителски институт [Recognised Teaching Institute] (RTI) за православни студии, затоа што на нашите студенти мораме да им понудиме поголема заштита од распространетите секуларни притисоци. Додека Западот настојува да се прилагоди, како преку ракополагањето жени така и преку ангажирањето хомосексуалци во клирот, ние како православни сме сосредоточени на нешто што не подлежи на компромиси.

Во што ја гледаш разликата помеѓу мисијата и трудот на Западниот секуларизам и Православието?

Токму оваа разлика ќе се обидеме поподробно да ја образложиме во следните редови. Зошто жените бараат ракополагање? Постојат голем број значајни улоги кои жените добро ги исполнуваат во Црквата и кои се пренесуваат низ вековите. Но жените од наше време бараат еднаквост во статусот – стекнување вредност преку призмата на еднаква важност и превласт, како и мажите. Тие размислуваат дека треба да бидат вреднувани поради она што го „прават“, а не поради она што „се“ – поради нивното „битие“. Изгледа дека Марија е истисната во прилог на Марта? Да Ја погледнеме Дева Марија. Кога Архангел Гаврил дојде кај Неа за Благовеста, тој Ѝ се обрати со „Благодатна“. Времето кое Таа како дете го помина во храмот, во тихување при Светињата на светињите, Ја доведе до осветување, до преисполнување со несоздадените Божји енергии. Сето ова Ја направи Дева Марија достојна да биде Мајка на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Нејзиното достоинство, Нејзиниот статус се вреднува преку Нејзината Светост. Ова е статусот кој навистина има вечна вредност. Проблемот со нас е што при вреднувањето на овие нешта престанавме да ја бараме вечната димензија, се затвораме во земната перспектива и бараме признавање во секуларното овде-и-сега. На тихувањето, кое ни овозможува да се сосредоточиме на Бога, гледаме како на потиснување на нашите права за слобода на изразување и самореализација (види: Свети Григориј Палама, Втора беседа изречена на Воведение на Пресвета Богородица).

И не само тоа туку во последно време се врши и притисок од Запад за „прифаќање на правата“ на хомосексуалците…
 
Постојат некои сличности на хомосексуалната сцена. Слободното препуштање на неограничените сексуални страсти се третира како човеково право. Еден член на една овдешна хомосексуална црква еднаш ми има кажано дека би можел во една ноќ да има и 10 различни сексуални врски, но сè е во ред доколку се сите „од љубов“. Се чини дека тие во последно време баш и не размислувале за зборовите од посланието до Римјаните 1, 18-32. (Фуснота во Orthodox Study Bible: „Да се тврди дека хомосексуалноста е природна или „алтернативен начин на живот“ е заблуда. Поправо, таа е неприродна, срамна и неприфатлива за Бога“.) Таквото обожување на плотта, на „созданието повеќе од Создателот“, ја оневозможува полнотата на растот во Духот – но тие луѓе веројатно не се свесни дека вистинскиот живот во Духот ни е нам достапен овде и сега. За што живееле подвижниците и за што умирале мачениците – ако не за полнота на животот во Христа? Ветувањето на Духот ни се нуди како залог уште овде, со уште поголемо изобилие по земната смрт (2. Кор. 1, 22; 5, 5).

Сето тоа е последица на секуларизмот, кој се смета за најопасна ерес во христијанството. Ние живееме во такво Западно општество и реално ги гледаме последиците од него. Дали се согласуваш со мене?

Постои одредена арогантност во сево ова: било да е тоа во машко-женскиот поредок на бракот, или во сексуалното задоволување на геј популацијата. Убедувањето наречено „прави како што сакаш“ го исмева и крајно го загрозува Божјиот поредок. Наместо „одрекување од себе, земање на крстот и следење“ на Христос според Марко 8, 34, наидуваме на себеугодување, прилагодување на и одење по широкиот пат. Премногу често Западните црковни челници, загрижени заради слабото присуство на црковните служби, бараат „да се следи текот“. Тоа значи дека тие, во обидот да му се додворат, му угодуваат на општиот дух. Доминантна е хоризонталната перспектива на одобрување од страна на масата, додека вертикалната перспектива на барање и наоѓање на Бога, на одрекување од телото и пронаоѓање на Духот, останува несфатена и непромовирана. Наместо живот, бираме смрт, па дури не умееме тоа да го препознаеме и признаеме.

Секако дека Западното христијанско општество го промашило вистинскиот пат. Како го толкуваш тоа и каде го гледаш излезот од тој ќорсокак?

Како да го овозможиме нашиот раст овде? Ќе наведам извор кој би требало да им биде достапен на повеќето: отец Јустин Поповиќ, „Православната вера и животот во Христос“. Во „Размислувања за непогрешливоста на европскиот човек“ наидуваме на доста материјал во прилог на нашава тема. Отец Јустин согледува дека европскиот хуманизам настојува „да ја замени верата во Богочовекот со верување во човекот, да ја замени Благовеста на Богочовекот со благовест според човекот.., да го замени животот според Богочовекот со живот според човекот“. Тој образложува: „Хуманистот со сите свои сили се претставува себеси за некој кој дејствува со самодоволност како врховна вредност и највисок критериум. Тука нема место за Богочовекот“. Светот „независноста“ ја смета за зрелост. На ваквиот ментален склоп му е одбивна самата идеја за радикална зависност, за живот во Христос, како корен на нашето обожение. Хуманистот е „целосно во самиот себе, сам за себе и заради себе, секогаш пркосно затворен во спротивставеност на Бога“. 

Ни недостига визија за да нè вдахнови и да нè оспособи за разбирање на христијанската вистина. Некои од нас се израснати со и имаат попримено доста од западниот менталитет. Бидејќи сите произлегуваме од разноверни средини, треба да сме спремни одново да учиме, да отфрламе и да откриваме: да „се облечеме во новиот [човек], кој се обновува во познанието, според образот на својот Создател“ (Кол. 3, 10). Отец Јустин Поповиќ дава исцрпна претстава за вистинската визија. Во истиот текст тој пишува за богочовечкиот карактер на Црквата. Преку своето богочовечко дејствување, Црквата „му го предава на човештвото сето Божјо“. Животот на Црквата се:

„остварува во заедница со ‘сите Светии’. Вистинскиот член на Црквата има жив опит дека е тој од истата вера како и Апостолите, Мачениците и сите Светии низ вековите. Тој чувствува дека се тие вечно присутни и дека се сите проникнати од една иста богочовечка моќ и енергија, еден и ист богочовечки живот, една и иста богочовечка вистина. Не постои соборност надвор од Црквата. Само вистинскиот и автентичен живот на Црквата создава кај човекот чувство на полнота на верата, вистината и животот, т.е. да се живее ‘со сите Светии’, со сите членови на Црквата низ вековите“.

Оваа жива слика на заедничарење со сите светители во рамките на благодатниот живот во Светиот Дух Господ е во целосна спротивност со хуманистичкиот индивидуализам. Влегуваме во друг свет, во сферата на животот и потребно ни е да го живееме таквиот живот. Светите маченици нè водат и ни го покажуваат патот:

„Мачениците Твои, Господи, заборавајќи го овој живот, поднесоа мачења заради идното Царство; тие го наследија и сега се радуваат со aнгелите. По нивните молитви дарувај му на Твојот народ голема милост.“ (Стихира од Вечерната во вторник, глас 8)
 
Мачениците ни покажуваат како да избереме живот што ја надминува смртта. Насекаде околу нас како смог нè опкружуваат радикалниот и милитантен феминизам, заедно со секадеприсутните масовни протести со широк дијапазон на нивните тиради, па во сето ова потребно ни е многу молитва за да можеме да го одбереме едниот вистински живот наспроти разнообразната смрт. Можеме да го запреме за момент нашето многуговорништво и да се вслушаме: „Вистина, вистина ви велам, кој го слуша Моето слово и верува во Оној Кој Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, а преминал од смрт во живот“ (Јован 5, 24). Потребно е да Го слушаме Бога повеќе отколку светот: „Како можете вие да поверувате, кога примате слава еден од друг, а славата што е од Единиот Бог не ја барате?“ (Јован 5, 44).

Ти живееш во еден мал манастир во предградието на Мелбурн, работиш на Универзитетот во Мелбурн. Како ги поврзуваш овие претходно кажани работи со себе и кои се твоите согледувања? Исто така се познаваш со многу современи православни теолози, кои од нив ве посетиле и оставиле посебен впечаток кај тебе?

Каде завршува сево ова за мене? Во моментов живеам во мал манастир во една тивка уличка во предградието на Мелбурн, Австралија. Манастирот е посветен на света Ана, мајката на Богородица. Расофорна монахиња сум. Се молам и студирам. Мојата магистерска теза „Едното око” е насловена според Матеј 6, 22, а мојата докторска теза „За прославувањето на многуте синови“ според Евр. 2, 10 – основата за обожението во Новиот Завет. Потребни ни се луѓе со дипломи за да бидат квалификувани да поучуваат. Навистина од голема полза ни беа посетите на отец Јован Таковски, кој ни одржа предавање за обожението, и на отец Томас Хопко, кој многу нѐ поткрепи. Ќе ни треба и некој талентиран предавач од странство на некое време, додека и самите не извадиме некој таков овде во Австралија. Отец Михаил Протопопов, д-р Хешмат Керолос и д-р Тревор Батруни се редовни професори и нивните предавања наидуваат на одличен прием.

Истражувањата што ги правев со Божја помош, резултираа со некои согледувања релевантни за нашата тема. Овде можам да понудам неколку примери. При преведувањето на Новиот Завет од грчки на англиски, духовната зрелост на преведувачот се одразува и во соодветниот превод. Ќе го посочам примерот во врска со зборот „слава“. Според објаснувањата на Ивлин Андерхил од 1914 г., ова

„е еден од најстарите стручни термини во христијанската мистика. Употребен во Светото Писмо од четвртиот до петнаесеттиот век, тој означува одреден вид продолжен живот, конечно достигнување на Реалноста – непосреден блесок на Бога – кој на душата ѝ станува достапен преку дарот на ‘восиновување’“.

Во моментов ова ниво на просветлен живот често останува непрепознаено на Запад. Како што вели Андерхил, зборот „‘слава’, преку употребата во народната побожност, беше сведен до некаков неодреден суперлатив“ – токму тоа го согледуваме и во преводот. Така кај 1. Тим. 1, 11, транслитериран, грчкиот текст би гласел: „Благовестието на славата на блажениот Бог“; додека во ревидираната стандардна верзија [Revised Standard Version] (RSV) текстот гласи: „славното Благовестие на блажениот Бог“. Не е спорно дека Благовестието е славно, но Благовестието на славата, или добрата вест на славата, е веќе сосема друга работа – тоа зборува за приносот на славното преобразување на светителите преку излевањето на Божјиот живот преку Светиот Дух. Еве накратко и втор пример од ваквиот редукционистички превод. Кај Кол. 1, 11 во грчкиот текст се зборува за „моќта на Неговата слава“, додека во англискиот превод стои: „Неговата славна моќ“. Потребно е да бидеме свесни и да знаеме дека англиската верзија која ја држиме в раце, при преводот е деградирана соодветно на нивоата на денешното секуларно поимање. Потребно е редовно да го консултираме грчкиот оригинал.

Понатаму може да се свртиме кон разгледување на ефектите кои современата академска атмосфера ги има врз проучувањата на Библијата воопшто. На Запад примената на систематските научни достигнувања преку историскиот критички метод, книжевната критика и редакцискиот метод резултираше со полезни согледувања, но исто така придонесе и за разидување со традиционалните црковни позиции. Теодор Стилијанопулос и Џон Мекгукин добро го аргументираат ова. Мекгукин јасно образложува дека гледаме желба за статус и позиција, во случајов се работи за академскиот престиж, кој повторно ја подава својата глава.

Академијата во целост и доследно одбива да се интересира за Библијата како канон на црковната литература... следствено, од 80-тите години на 20 век, многумина од проучувачите на Новиот Завет, гладни за академско признание, постепено ги исфрлаа библиските и светоотечките проучувања од доктринарниот, литерарниот, историскиот и теолошкиот пристап, пренасочувајќи ги во новата област на Доцноантички студии, која се смета како под-област на Класичната и Античката историја. Доцната Антика требаше да биде проследена со строго историски критериуми коишто често експлицитно ги отфрлаа традиционалните црковни толкувања трагајќи по (необично парадоксални) „нови толкувања“.
Во основа на критиката во сите облици (вклучувајќи го и Движењето за библиска теологија) беше идејата дека претходните векови го имаат замаглено вистинското значење на библискиот текст, со тоа што му била дадена предност на преданието на Црквата.
...Предавалната на професорот стана поголемо седиште на авторитет отколку црковниот амвон.

Овој тип на приод во својата очигледна ароганција ја одбива веродостојноста на сите светоотечки анализи. Така Стилијанопулос наведува: „Ваквата академска традиција заслужува внимателно разгледување не само заради импресивните достигања туку и заради своите подривачки ефекти кои се однесуваат на сите традиционални приоди кон Библијата“. Оние православни меѓу нас кои работат во оваа област се соочуваат со голем предизвик да го одвојат полезното во западното учење од неговите многу застранувања, во исто време останувајќи сосредоточени во молитвена будност пред Бога. Многумина од нас се фаќаме како секојдневно се служиме со древните светоотечки толкувања. Кога стоиме пред Бога соочувајќи се со некоја дилема при разбирањето на текстот пред нас, ние Му благодариме за сознанијата кои Он ни ги дарува. Ги препознаваме како такви и ги вреднуваме како дар од Бога. Примери ни се некогашните големи Старци на Црквата. Земете извадок од житието на старецот Теодор Санаксарски: „Тој воопшто не тежнееше кон стекнување на слава и богатство од овој свет, но најмногу од сè ги сакаше тихувањето и созерцанието на божественото слово. Својот живот го посвети на подвиг и грижа за спасението на човечките души“.

Сестра Вирџинија, воодушевува фактот и храброста дека ти се одлучи на твојата 70-годишна возраст да докторираш на MIOCS. Зошто сепак се одлучи твоето образование да го завршиш со титулата доктор по теологија и зошто ја избра токму темата за обожението?

Од мене се бара да образложам зошто ја одбрав темата за обожението за мојот докторат. Бидејќи на UFT студирав заедно со римокатолици, англиканци и студенти-припадници на Обединетата црква, го забележав проблемот со кој Западот ѝ приоѓа на оваа тема. Ги имаше и такви кои би биле задоволни ова прашање да го деградираат до опскурност, нарекувајќи го или Паламизам или просто накалемување од четиринаесеттиот век врз суштинските догми на христијанската вера. Во мојата теза повторно го ставам акцентот на „Обожението како цел на човековиот живот“ (Архимандрит Георгиј). Во воведот го обработувам статусот на обожението како егзистенцијален опит во благодатниот живот кој треба да се опфати со автентично христијанско живеење, modus vivendi вкоренет во Новиот Завет и развиен од Отците. Следува да кажам како ги собрав информациите за оваа тема: Додека напредував во теолошките студии, прибележував некои теми и извори кои би можеле да бидат од полза. За време на богослужбите во параклисот, од текстовите бележев делови кои ги сметав релевантни за мојата теза. Ако не можев да најдам одговор на некое прашање, се молев на Бога да ме води, и Тој го правеше тоа. Текстовите од раните Отци, особено од свети Јован Златоуст беа навистина полезни – со напомена за потребата да ги консултирам грчките оригинали секаде каде што беше возможно, бидејќи преведувачот можно е да не го сфаќал обожението и да го има прилагодено преводот на сопствениот духовен раст. Читав опсежно од различни дела, како што може да се види од библиографијата. Како повозрасна и не многу запознаена со потребната компјутерска вештина, секогаш кога ми беше потребно чесно ги ползував услугите на информатичарите. Помошта на д-р Данкан Рид како ментор во задоволувањето на академските стандарди беше суштинска и непроценлива. Потоа треба да одговорам зошто воопшто да пишувам теза на стари години. Па можеби одговорот на ова прашање би можел да биде дека ако Бог ми дава да ја познаам вистината, тогаш должност ми е да направам сè што можам за да ја споделам таа вистина со другите. Навистина човек би чувствувал грижа на совеста доколку ја занемарува доверената задача. Полето на академските проучувања на Запад за Новиот Завет е толку многу исполнето со мудрост, но исто толку и испразнето од Животот во некои свои аспекти – секако дека не е она што би требало да биде. Ако некој наоѓа радост во Благовестието на Славата, нека се знае: „според Благовестието на Славата на Блажениот Бог, кое ми е мене доверено“ (1. Тим. 1, 11) .


И на крај, кажи ни нешто за православната духовна пракса овде, во Австралија?

Повеќе од каква било научност, овде станува збор за живеење на животот – практикување на Исусовата молитва и на живот пред лицето Божјо (со свест за постојаното присуство на Бога). Отец Венијамин од манастирот на светиот пророк Илија во Јужна Австралија и ти, отец Гаврил од манастирот на свети Прохор Пчински во Донибрук, сте ми голема и ценета поддршка на нашиот заеднички пат кон вистинскиот живот во Бога како православно семејство овде во Австралија. Параклисот на света Ана е прекрасно украсен со икони од Џон Каленцис. Светителите се претставени и ги восприемаме како живи со Господ на Небесата, а преку нивните икони тие се присутни и ни помагаат овде на земјата. Божјата благодат нека нè води кон Него!


Разговорот го водеше игумен Гаврил
од манастирот на свети Прохор Пчински,
Донибрук, Мелбурн, Австралија

Превод од англиски: Македонка Божиновска



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Јуни 30, 2021
3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

СКОК ПРЕКУ ЈАЖЕТО НА НЕСОГЛАСУВАЊЕТО

Затоа, секогаш кога можеш прескокни го јажето на несогласувањето и фати се за оној дел од приказната кој ветува радост, насмевки и љубов. Горчината плисни ја со бран од морето, измиј го отровот на искажаните зборови и погледни кон залезот на сонцето. Тоа ќе…
Ноември 10, 2020

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна Морача. Завршил Богословија во Белград, а на Богословскиот факултет на СПЦ, во Белград, дипломирал во 1962 година. Покрај теолошките науки, студирал и класична…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 2502
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 1680
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 2164
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…