логоFacebookTwitterYouTubeeMail


Скопје, 4 јануари 2013

Ваше Блаженство, како ја оценувате за Македонската православна црква-Охридска архиепископија, 2012 година, во која го одбележавте 45-годишниот јубилеј од нејзиното возобновување?

Со Божја помош и по молитвите на нашиот патрон, свети Климент Охридски, Македонска православна црква-Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) живее полн и плоден духовен живот. Годишнинава што ја одбележувавме е доказ дека одлуката на нашите богољубиви и родољубиви предци беше и е одлука на срцето и Духот, дека тој чин на возобновувањето на автокефалноста на древната Охридска архиепископија во лицето на МПЦ во 1967 година, по 200 години од нејзиното неканонско укинување, не беше ниту политички ниту националистички, туку беше чисто духовен чин, кој ја изразуваше потребата, но и желбата на православниот народ да го обнови автентичниот простор на своето спасение. Впрочем, беше или не политички и националистички толку, колку што истиот е таков и кај другите помесни Цркви, зашто сите се организирани на национална основа.

Инаку, по тој повод, во 2012 година осветивме неколку нови цркви и манастирски конаци, поставивме темели за други, хиротонисавме двајца нови епископи, првпат во нашата понова црковна историја канонизиравме светители и започнавме со решавање на некои прашања коишто, би рекол, непотребно го обременуваат нашето современие.      

Има ли најави за продолжување на дијалогот меѓу Македонската православна црква-Охридска архиепископија и Српската православна црква, имајќи ја предвид изјавата на српскиот претседател Томислав Николиќ за време на неговата неодамнешна посета на Македонија, дека е подготвен да се ангажира?

Најпрво, ние црковниците би требало да се подзамислиме кога државници и пред нас и повеќе од нас ја согледуваат потребата од побрзо надминување на спорот и потребата двата народи, српскиот и македонскиот, да живеат како што им доликува на православни народи. Светиот архиерејски синод (САС) го оцени ангажманот на претседателот Николиќ како добронамерен и добродојден и потенцираше дека секогаш сме подготвени и за дијалог и за решение, што секако ќе биде и здраворазумно и добронамерно, секако, во согласност со каноните и правилата на Светата Црква, а секако, и со досегашната практика, односно искуството што го црпиме од свештената историја на Црквата. Не бараме повеќе, освен да бидеме препознати како автокефална Црква, како што се и сите други Цркви кои духовно возглавуваат еден национален, односно еден духовен простор кој има свои граници, потврдени во историјата. МПЦ е возобновителка на ОА, не е новонастаната Црква. Иако со де јуре прекинат континуитет, сепак, де факто таа секогаш постоела, живеејќи во срцата и мислите на Македонецот и сите православни од овие наши простори.

Нашата конструктивност за решавање на овој спор, кој никому не е од корист, ја покажувавме секогаш во минатото, но ја докажавме и веднаш по оваа најнова иницијатива – испративме писмо до Саборот на СПЦ со подготвеност да седнеме и да разговараме. Но, мора да се знае дека кога се пристапува во решавање на еден ваков спор, не е ниту дипломатски, ниту е во согласност со правилата, да се поставуваат услови и барања пред разговорите да почнат – а тоа е доказ дали и колку сакаме нешто да се реши. Исто така, не треба да се заборави дека со почетокот на Втората светска војна СПЦ се повлекла и никогаш не ја вратила јурисдикцијата над епархиите во Македонија. А, тоа е веќе период подолг од седумдесет години!? И зошто ако некој со право бара е повеќе националист од оној што неоправдано не дава право на другиот!?  

Дали има ангажирање на други цркви за решавање на статусот на Македонската православна црква?

Секако. Познати се веќе настојувањата на Вселенската патријаршија, на Руската, па и на Албанската црква за надминување на ова прашање, согласно нивните погледи. Од нас се секогаш поздравени и прифатени добронамерно сите иницијативи како платформа околу која може да се разговара, да се дополни итн. Нашиот став и нашите позиции се јасни, но подготвени сме за разговори или како да дојдеме до вистината и правото. Во Црквата сè треба да води и да донесе до вистината и правдината.

Актуелни се случувањата околу македонските црковни општини во Австралија. Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија договори конкретно решение, но во јавноста остана впечатокот за разногласие меѓу некои владици!?

Немам впечаток и не знам како е добиен истиот, дека меѓу владиците имало разногласие по ова прашање?! Комисијата на САС разговараше и со условно двете страни во спорот и ги слушна нивните аргументи. На крајот се одлучи, според долгогодишната состојба на теренот, ако може така да се рече, да им се даде можност и на двете групи непречено да функционираат: едната под раководство на досегашниот администратор, а втората под надлежност на Синодот, а ќе ги координира митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. На крајот, најважно е каков заеднички став сме изградиле како Синод, а не како кој лично размислувал, предлагал или изјавувал.

Бизнис заедницата во деновите пред Божик го реактуелизира прашањето за усогласување на Јулијанскиот и Грегоријанскиот календар. Каков е вашиот став за ова прашање?

Мислам дека ова прашање е веќе отпорано апсолвирано и добро е познат ставот на нашата Црква. Не гледаме простор, особено не поради нецрковни причини, сега засега да го промениме календарот, односно начинот на сметање на празниците. Мојот став е дека секој има право да покрене иницијатива, но исто така и ние имаме право, согласно потребите и аргументите, да го дадеме својот одговор.

Рената Пепељугоска- МИА

04.01.2013 год.

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Јуни 30, 2021
3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

СКОК ПРЕКУ ЈАЖЕТО НА НЕСОГЛАСУВАЊЕТО

Затоа, секогаш кога можеш прескокни го јажето на несогласувањето и фати се за оној дел од приказната кој ветува радост, насмевки и љубов. Горчината плисни ја со бран од морето, измиј го отровот на искажаните зборови и погледни кон залезот на сонцето. Тоа ќе…
Ноември 10, 2020

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна Морача. Завршил Богословија во Белград, а на Богословскиот факултет на СПЦ, во Белград, дипломирал во 1962 година. Покрај теолошките науки, студирал и класична…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 2503
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 1689
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 2166
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…