логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 

shuma3a.jpg
Една француска поговорка вели: „Сув рибар и мокар ловец – ете ти невоља”. Никогаш не сум се занимавал со  риболов, па не можам да знам како му е на рибар, кога времето е убаво и јасно, и колку, кога ќе заврне, задоволството од изобилниот улов му ја надвисува непријатноста што е накиснат. Но за ловецот, дождот е – вистинска беда. И токму таква беда не` снајде мене и Ермолај, кога појдовме да ловиме тетреби во Белјаевскиот округ. Од рани зори дождот не престануваше. Што се` не правевме за да не накиснеме. Ги наметнувавме дождовните кабаници врз главите, се засолнувавме под дрвја, само помалку да капе.. Непробојните кабаници не само што ни пречеа да пукаме, туку и пропуштаа вода на најсуров начин; под дрвјата отпрвин, вистина, како да не капеше, но по малку влагата насобрана во лисјата одеднаш ќе се откинеше, секое гранче не` прскаше како  од олук, студен млаз вода ни се вовлекуваше кај вратот и ни шуркаше низ грбот. А тоа веќе е крајност! – како што се изразуваше  Ермолај.
-Не, Петре Петрович,  - рече тој најпосле – вака не оди!..Денес не може да се лови. Ни кучињата не можат да намирисаат трага: пушката лаже секој час..Туф! Џабе ти е таков лов!
-И што ќе правиме сега? – запрашав јас.
    Еве што . Да одиме во Алексеевка. Вие можеби не знаете, таму има еден чифлик, на вашата мајка, а : оттука нема ниту осум врсти. Таму ќе преноќиме, а утре...
...ќе се вратиме тука?
-Не, не тука. Знам некои места зад Алексеевка... многу подобри за тетреби од овие.
Јас  не го запрашав својот верен придружник зошто веднаша не ме одвел на тие места, и во текот на истиот ден некако стигнавме до чифликот на мајка ми, за кој дотогаш, да си кажам право, не знаев ништо. Кај чифликот пронајдовме и дел од дворецот, многу стар, но празен и затоа чист; во него поминав доста мирна ноќ.
Утредента станав многу рано. Сонцето само што беше изгреало. На небото немаше ниту едно облаче: се` наоколу сјаеше со двоен блесок, од младите утрински зраци и од вчерашниот дожд. Додека ми ја подготвуваа  запрега, јас појдов да прошетам низ неголемиот, запуштен овоштарник, кој од сите страни го заплискуваше дворецот со својот мирисен, сочен бурјан. О, колку беше убаво на чист воздух, под јасното небо, каде трепереа сојки, откаде се истураше сребрениот бисер на нивните звучни гласови! На своите крилца тие секако беа понеле и капки роса, и нивното пеење се чинеше како оросено. Јас ја симнав капата од главата и дишев радосно со полни гради...На работ од една малечка провалија, крај самиот плот, забележав пчеларник. Една тесна патека водеше кон него, ползејќи како змија меѓу густите ѕидови од бурјан и коприви, над кои се издигаа, Господ знае од каде донесени, остри стебленца темнозелен коноп.
Појдов по таа патека и дојдов до пчеларникот. Веднаш до него стоеше плетена кошара, таканаречена амишник, каде преку зима  се ставаат кошниците. Погледнав кон полуотворената врата: темно, тивко, суво, мириса на метвица, на матичник. Во еден агол наместени ногарки, а врз нив, покриена со шареница, некаква малечка прилика...Јас веќе тргнав понатаму...
-Господине, о господине! Петре Петрович! – дочув глас, тивок и засипнат, како шушкање на лисја.
Застанав.
-Петре Петровичу! Дојдете, ве молам! – повтори гласот. Тој доаѓаше од аголот. Од ногарите што предмалку ги забележав.
Јас се приближив и застанав како втренчен од изненадувањето. Пред мене лежеше живо човечко суштество: но што беше тоа?
Главата сосема исушена, како од бронза, - ни земи ни остави – икона по старински стил; носот тесен како острица од нож; усните речи си не се гледаат, -  само заби што се белеат и очи, и житки прамени жолта коса  кои под дупчињата  избиваат на челото .  Кај подбрадокот, на наборот од прекривката, се мрдаат , полека пребирајќи со прстите како стапчиња,  две ситни раце со иста бронзена боја. Се загледувам подобро: лицето не само што не е грдо, туку е дури и убаво – но некако страшно и необично. И толку пострашно ми се чини тоа лице, што по него, по неговите речи си метални образи, гледам, се усилува...се напрега и не може да се развлече во насмевка.
-Не можете да ме познаете, господине, господине! – пак прошепоти гласот, кој како пареа се креваше од усните кои едвај се помрднуваа. – А и како да ме познаете! Јас сум Лукерја.. Се сеќавате ли, онаа што го водеше хорот кај вашата мајка во Спаски....Се сеќавате ли, јас секогаш ги започнував песните?
-Лукерја! – кликнав – Ти ли си тоа? Та, можно ли е?
-Јас, да, господине, - јас, јас сум Лукерја.
Не знаев  што да кажам, и како попарен  гледав во тоа темно, вкочането лице, чии светли и мртовечки очи гледаа право во мене. Зар мумија да биде Лукерја, првата убавица меѓу сите наши млади, - висока, полна, бела, румена, - Лукерја насмеаната, разиграната, распеаната!
-Господи Лукерја, - заустив најпосле – што ти се случило?
-А ете, ме снајде неволја! Туку, не гадете се, господине, немојте да се гнасите од мојава несреќа. Седнете еве тука, на коритото, да сте ми поблиску, зашто не ќе можете да ме чуете, - каква што  сум  сега грлата! Но, колку ми е мило, што ве видов! А од каде вие во Алексеевка?
Лукерја зборуваше многу тивко и слабо. Но без придишување.
-Ме доведе Ермолај ловецот. Но дај, раскажи ми...
-За својата несреќа да ви кажувам! Повелете господине! – Има веќе доста од тоа време, има шест или седум години. Мене само што ме верија за Василиј Пољаков – се сеќавате, стасито момче, со убава коса, - беше парохник кај мајка ви? Туку, вас тогаш веќе ве немаше в село, бевте отидени во Москва на учење. – Се имавме засакано јас и мојот Василиј, тој никако не ми излегуваше од главата, а беше некако напролет. Кога еднаш, ноќе...веќе се зори... а мене нешто не ми се спие: славејот во бавчата толку милно се распеал, па слатко!... Јас не издржав, станав и излегов  на скалите да го слушам. А тој, Боже Господи, изведува, изведува...и одеднаш ми се причини: како ме вика некој со Василиевиот глас, онака тивко: Луша!...Јас се обзрнав  настрана, но онака замаена, се препнав, па летнав право низ скалите – и туп од земја! И ми се чини, не се убив силно, зашто брзо се подигнав и се вратив внатре. Само, како нешто во мене – во утробата – да се откина... Само малку да здивнам...само час господине!
Лукерија замолкна, а јас вчудовидено гледав во неа. Ме вчудовиде особено тоа, што својата приказна ја кажуваше речи си весело, без офкање и воздишка, и жалејќи се ни најмалку и не молејќи за сочувство.


-И ете, од таа случка, - продолжуваше Лукерја – почнав да венеам, да се сушам, р`ѓа ме зафати, ми стана тешко да одам, а после не можев ни да владеам со нозете. Дојде ред да не можам ни да стојам, ни да седам: се` полошо и полошо. Вашата мајка, по својата добрина, ме покажуваше на лекари и ме испрати во болница. Но, од сето тоа мене не ми стана подобро. И ниеден лекар не знаеше да каже каква е мојата болест. Што се` не правеа со мене: ми  го жареа грбот со усвитено железо, ме ставаа на толчен лед -  и никогаш ништо. Најпосле се укочив... На тоа господата рекоа дека не вреди повеќе да се лекувам, и дека на господска куќа не и личи да држи сакати...па така ме доведоа ваму – дека тука имам роднини. И така ете живеам, како што гледате.
Лукерја одново замолкна и одново се обиде да се насмевне.
-Бога ми, тоа е ужасно -  во таква положба! – повикав јас...И, не знаејќи што да додадам, запрашав -  а што е со Пољаков Василиј? Тоа беше многу глупаво прашање?
Лукерја го тргна погледот малку настрана.
-За Пољаков прашувате? Жалеше, жалеше  - па ожени друга девојка од Глино. Знаете каде е Глино? Не е многу далеку од нас. А името и беше Графена. Многу ме сакаше, но млад човек – зар да остане неженет? А и каков другар би му била јас? Си најде жена убава, добра – веќе имаат и дечиња. Тука е, вратар кај соседите : Вашата мајка го пушти на пасош, и фала Богу, многу му е добро.
-А ти така, се` лежиш та лежиш? – ја прашав повторно.
-Лежам господине, еве веќе  седма година. Летно време лежам тука, во плетарницата, а кога ќе заесени - ме  пренесуваат во собата до купатилото. Таму лежам.
-А кој те двори? Те гледа ли некој?
-Има добри луѓе и овде. Не ме оставаат. Тука, мене големо дворење и не ми треба. Да кажете јадење – речи си не јадам ништо, а вода -  ене ја во садот: секогаш ми е спремена чиста изворска вода. Чанчето можам да го дофатам -  се` уште се служам со еднава рака. Е, па имам тука и едно девојче, сираче; малку, малку – па ете ти ја, Господ да ја поживее. Пред малку беше тука...Не ја сретнавте? Убаво, русо девојче. Таа и цвеќе ми носи, а јас многу сакам цвеќиња. Градинарско немаме, -  имавме, па се сотре. Но и полското цвеќе е убаво, мириса уште посилно од градинарското. Еве, на пример, ѓурѓевчето... кај има попријатно?
-И тебе не тие досадно, ни тешко, несреќна моја Лукерија?
-А што знае човек? Не сакам да лажам – во почетокот ми беше многу тешко; но потоа се навикнав, се стрпев -  фала му на Бога. Некому е уште потешко.
-Како тоа?
-Некој нема ни главата каде да ја засолни! А некој е – слеп и глув! А јас, фала Богу, гледам прекрасно и се` слушам, се`. Кртицата рие под земја -  јас и тоа го слушам. И можам да сетам секаков мирис, колку и да е слаб! Почне ли да цути хелјадата во полето или липата во градината – не треба да ми се каже! Јас прва истиот час ќе осетам. Само нека дувне и најмало ветре оттаму. Не, зошто да го лутиме  драгиот Бог? -  на многумина им е полошо одошто мене. Па и тоа да го земеме:некој здрав човек може лесно и да согреши, а од мене и самиот грев си замина. Еднаш дојде отец Алексеј да ме причести, па кажува: тебе, вели и не треба да те исповедам, зарем ти, во твојата состојба, си кадра  да погрешиш? -  А јас му реков: а мислениот грев, баќушка? – Но, вели,  - а се смее човекот – тоа не е голем грев.
-Туку јас, мора да е така, и со тоа, со мислениот грев, не сум многу грешна, -  продолжуваше Лукерја – оти јас така се научив да не мислам, и уште – да не се сеќавам. Побрзо поминува времето.
Јас морам да признаам, се возхитив. Ти си секогаш сама, та сама. Како можеш да направиш да не те преплавуваат мисли? Или секогаш спиеш?
-О, не господине! Не можам секогаш. Немам, навистина, големи болки, но така, нешто ме тишти во самата утроба, а исто и во коските: не ми дава да спијам како треба. Не, туку така, лежам – и не мислам. Слушам дека сум жива, дишам, и во тоа сум сета. Пчелите на кошницата брмчат и зујат: гулаб ќе седне на покривот и гуга, ќе наиде квочка со пилиња да колваат трошки; понекогаш наидува врапче или пеперутка – сето тоа ми е многу пријатно. Преклани дури и ластовичките, ене таму во аголот, свија гнездо и изведоа млади. Колку беше тоа интересно! – Една  влетува кон гнезденцето – приникнува, ги нахранува дечињата – и надвор. Дури погледнеш;   а другата е веќе тука, да ја замени. Никој пат не влетнува, само ќе пролета покрај отворената врата – а дечињата, сите одеднаш – ќе почнат да пискаат и да зинуваат со клуновите. Јас и второ лето ги чекав, но еден овдешен ловец, велат, ги убил со пушка. И  што можел само да се офајди од нив? Па целата ластовичка не е поголема од бубачка...Ама сте вие, господа ловци, злобни!
-Јас не стрелам по ластовици, - поитав со одговорот.
-А еднаш пак, -  продолжи Лукерја – ама сум се изнасмеала! Зајак дотрча, верувајте! Сигурно кучињата го лаеле, - а тој право на вратата па наваму... Седна сосема близу – и седеше баш долго, - мигаше со мустачите -  вистински офицер! И во мене гледаше! Разбра дека нема зошто да ми се плаши. Најпосле стана, опа-опа до вратата, на прагот пак се заврте – и – да го нема – како и да не бил! Баш беше смешно!
Лукерја погледна во мене..А! Зар не е интересно? – како да сакаше да каже. Јас, за да и` учинам по волја, се насмеав. Таа зеде да ги грицка пресушените усни.
-Е, зиме, се разбира, ми е полошо; дека не се гледа – да запалам свеќичка, жал ми е, а и чуму? Јас, иако сум вешта со буквите и секогаш сум  сакала да читам, но што да правам? Овде нема никакви книги, а и кога би имало, како да ја држам, книгата? Отец Алексеј, да сум се , вели, забавела, да ми донесе еднаш календар; ама гледа тој дека од моето читање нема ништо, па ја зема книгата и ја однесе. Туку, ако е темно, сепак везден има што да се слуша, штурец, или глушец ќе почне да гребе. Е, тогаш е добро! Не мора да се мисли!
-Понекогаш земам читам молитви, - продолжуваше Лукерја, оддивнувајќи малку. – Туку, малку ги знам молитвите. А и зошто јас би му додевала на Бога? За што знам да го молам? Он знае подобро од мене, што ми треба.

Ми испрати крст -  значи, ме љуби. Така ни е заповедано да го разбереме тоа. Ќе прочитам Оче наш, Богородице Дево, Акатист всјем скоробјашчим, - и пак си лежам без секаква и најмала мисла. Па фала Богу!
Поминаа две минути. Јас не го нарушував молчењето и не се мрдав на коритото, кое ми служеше како столче. Цврстата, камена неподвижност на несреќното живо суштество кое лежеше пред мене имаше прејдено и на мене: и јас како да бев одземен.
-Слушај Лукерја, - проговорив  најпосле. – Види што ќе ти предложам. Ако сакаш, јас ќе наредам да те пренесат во болница, во добра, градска болница? Којзнае, можеби и ќе те излекуваат? Ако ништо, барем нема да си сама.
Лукерја едвам  мрдна со веѓите.
О, не господине,  одговори таа со загрижен шепот. Не пренесувајте ме во болница, не местете ме. Јас таму само повеќе ќе се намачам. Чуму и понатаму да ме лечат?...Така порано доаѓаше еден доктор овде: сакаше да ме прегледа. Го молам јас: не ме чепкајте, заради името Христово! Леле! Почна човекот да ме превртува, да ми ги витка и преместува и рацете и нозете; вели: јас тоа го правам заради ученоста, зашто сум човек чиновник, учен! А ти, ми вели, немој да ми се противиш, зашто за мојот труд мене ми закачиле орден на вратот, и јас за вас, будали, се грижам. Значи, ме дрмаше, тресеше, ми кажа како се вика болеста -  некако чудно -  па така и си отиде. А мене потоа цела недела ми светкаше во коските. Вие велите: сама сум, секогаш сама. Не, не сум секогаш. Ми доаѓаат селски девојки – ќе позборуваат; или навраќа аџиката, ќе почне да раскажува за Ерусалим, за Киев, за светите градови. А мене не ми е ни страв, кога сум сама. Дури е и подобро, ако ми верувате!... Господине, не местете ме, не ностете ме во болница...Ви благодарам, вие сте добар, само не чепкајте ме, гулабе наш.
-Добро, добро, како сакаш Лукерја. Јас, знаеш за твое добро, мислев...
-Знам, господине, дека е за мое добро. Ама господине, храно наша, дали некогаш некој му помогнал на друг? И кој може на друг да му влезе во душата? Сам човек нека си помага? Вие, ете, нема да верувате – а јас си лежам некојпат така сама...и како на целиот свет да нема никој, освен мене. Само јас една што сум жива! И ми се причинува, како нешто да ме осенува...Ме обзема  размислување – и колку е чудно!
-А што размислуваш тогаш, Лукерја?
-И тоа, господине, не може да се каже: тоа не можеш да го растолкуваш. А, и се заборава после. Доаѓа токму како некакво облаче, ќе се пролие, па ми станува некако свежо, добро, а што навистина било – не можеш да сфатиш? Само ми се чини: кога околу мене би имало луѓе – од сето тоа не би имало ништо, и ми се чини, тогаш не би можела да чувствувам ништо друго освен мојата несреќа.
-Лукерја воздивна со напор. Градите не и` се покоруваат – исто како и другите членови.
-Кога така ве гледам господине, - почна таа одново – гледам, дека ви е многу жал за мене. Но немојте многу да ме жалите! Зашто еве што ќе ви кажам: јас понекогаш и сега...Та вие белки се сеќавате, каква бев некогаш? Девојка – делија!...па, знаете што? Јас и сега пеам песни.
-Песни?..Ти?
-Да, песни стари песни, црквени, гаталски, празнични, секакви! Та ги знаев многу, а не сум ги заборавила. Само песни за оро не пеам. Во ваква состојба  не ме личи.
-А како ги пееш?...во себе?
-И во себе, и на глас. Ви кажував, ми доаѓа едно девојче, сираче – па разбрано, умно. Па ете, неа ја изучив: веќе четири прими од мене. Зар не верувате? Чекајте, сега ќе ви...
Лукерја се прибра. Мислата дека тоа полумртво битие се спрема да запее, предизвика во мене непознат страв. Но пред да изустам збор – во моите уши затрепери растегнат, едва чуен, тих и тенок звук...По него следеше втор, трет. “Во ливадите....“ пееше Лукерја. Таа пееше, без да го измени изразот на своето скаменето лице, запирајќи го дури и погледот во очите. Но, толку трогателно ѕвонеше тој несреќен и кревок глас кој се колебаше како столбче чад, како да и` се сакаше сета душа да ја излее...Веќе не чувствував страв: неискажлива жал ми го стисна срцето.
-О, не можам! – проговори наеднаш, -немам сила.. Многу ви се израдував.
Таа  ги затвори очите.
Јас ја ставив раката на нејзините ситни, студени прсти...Таа погледна во мене – и нејзините темни очни капаци, времени со златести трепки, како кај дрвените статуи, повторно се  затворија. За еден миг, тие заблескаа во полумракот...Ги беше навлажила солза.
Јас еднакво не мрдав, како и пред тоа.
-Е, каква сум! – прозборе одеднаш Лукерја со неочекувана сила и отварајќи ги очите широко, се погрижи да ја симне солзата од нив. – Зар тоа не е срамота? Што ми стана? Одамна не ми се  случило...од самиот оној ден, кога ми дојде Васја Пољаков, минатата пролет. Додека тој седеше со мене и разговраше, се` одеше убаво: а кога си замина, јас отплакав малку, онака сама! И откаде ми солзи!... Туку женска солза со пари не се купува. Господине, - додаде Лукерја – ви се наоѓа ли некое шамивче...Не гадете се, избришете ми ги очите.
Поитав да и` ја исполнам желбата – а марамчето и` го оставив. Таа отпрвин одбиваше...Што ќе ми е мене подарок? Марамчето беше многу просто, но чисто и бело. Потоа го зеде со своите слаби прсти и веќе не ги ни расклопи. Навикнувајќи се на мракот, во кој обата се наоѓавме, можев јасно да ги разликувам нејзините црти, можев дури да го забележам финото руменило што беше избило низ бронзата на нејзиното лице, и на тоа лице можев да ги пронајдам, така барем ми се чинеше, трагите од некогашната убавина.
-Ме прашувате,  господине, - проговори повторно Лукерја – спијам ли? Спијам, ретко, но секој пат  сонувам сонови, - убави сонови! Никогаш не се гледам болна: на соне сум секогаш таква, здрава и млада...Само едно е лошо: кога ќе се разбудам – сакам  добро да се протегнам – а кога таму, јас целата како закована. А еднаш пак, каков чуден сон сум сонила! Сакате ли да ви го кажам?- Е, слушајте.
-Гледам, стојам во полето, а наоколу р`ж, толку висока, зрела, како златна...И покрај мене некое црвеникаво кутре, луто како змија – па непрестајно сака да ме укаса. А јас во рацете држам срп, ама не обичен срп, туку како вистинска месечина, токму таква кога личи на срп. И со таа месечина треба да ја ожнеам сета таа р`ж, се` до гола земја. Само, многу ми додеала жегата, а месечината ми ги засенува очите, и ме обземала некаква мрза; а сегде наоколу растат цикории, па толку крупни. И секој се завртел мене со главата. А јас нешто како да мислам: да наберам од ова цвеќе, Васја вети дека ќе дојде – та прво ќе си сплетам венец, а ќе стигнам и да ожнеам. Почнав да берам цикории... а тие ми се ронат низ прстите и не им можам ништо! И никако да си го сплетам венецот. Меѓутоа, слушам – некој доаѓа накај мене, и како да е сосема близу, и вика: Луша! Луша!...Оф , си помислувам во себе, тешко мене – не стигнав со работата! Сеедно, ќе си ја наместам месечинава на глава наместо венец. Ја ставам месечината, сосема како венец, и во истиот час сета заблескав, го расветлив сето поле околу себе. Кога види – по самите врвови од класјето брзо оди кон мене – не Васја – туку самиот Христос! А како познав дека е тоа Христос – не умеам да ви кажам, - не го сликаат така, - но тоа е Он! Голобрад, висок, млад, сиот во бело, - само појасот е златен, - и ми пружа рака...Не плаши се, вели, невесто моја преукрасена, појди по мене: Во Царството Небесно ти оро ќе ми водиш и рајски песни ќе пееш. А јас веднаш му ја фатив раката! Кутрето мое  веднаш ме зграби за нога...но  ние се вивнавме угоре! Он напред...Крилата му се рашириле преку сето небо, долги како на галеб, - а јас по него! А кученцето  мора да ме остави на мира. Дури тогаш разбрав дека тоа кутренце е – мојата болест, и дека за неа во Царството Небесно нема да има место.
Лукерја замолкна за миг.
-А еднаш пак сонив сон, - почна таа одново – а може беше и видение, не можам да ви кажам. Ми се причини дека лежам во истава  оваа плетарница, а ми доаѓаат моите покојни родители – тате и мама -  и ниско ми се поклонуваат , а не зборуваат ништо. А јас ги прашувам: Зошто вие, татко и мајко, ми се поклонувате? Затоа, велат, што ти многу се мачиш на овој свет, и со тоа не само што си ја олесни душичката, туку и од нас симна голем товар. Со своите гревови  веќе заврши, сега нашите гревови ги победуваш. И откако го рекоа тоа, родителите пак ми се поклонија – и ги снема: видов само ѕидови пред себе. Потоа многу се сомневав, што ли се случи тогаш со мене. Дури и на отецот попот потоа на исповед му кажав. Само тој мисли дека тоа не можело да биде видение, зашто виденијата им се случуваат само на духовни чинови.
-А еднаш пак, еве што сонив, - продолжуваше Лукерја. – Гледам јас, како седам на еден пат под едно дрво, држам изделкан стап во раката, на плеќите носам торба, а главата ми е забрадена во марама – вистинска аџика! А треба да одам некаде далеку, на поклонение. А покрај мене минуваат се` аџии – одат луѓето тивко, наведнато, се` на една страна, лицата кај сите се тажни и сите налик едно на друго. И гледам, меѓу нив се мота и крстосува една жена, цела глава повисока од другите, а и облеклото на неа е особено, како да не е наше, не е руско. И лицето и е посебно, испосничко лице, строго. И како сите да се тргаат на страна пред неа, а таа наеднаш оп – право кај мене. Застана, па гледа: а очите и` се како на сокол, големи, жолти, светли – пресветли. Јас ја прашувам:”Која си ти?“ – А таа ми вели:”Јас сум твојата смрт“. Наместо да се уплашам, јас напротив – сакам, Боже, сакам, и се крстам! И ми вели таа жена, мојата смрт:”Жал ми е за тебе Лукерја – но не можам да те земам со себе. – Збогум остани!”Боже, колку тешко ми падна тој час!...“Земи ме  и` реков, мајчице, гулабице, земи!“ – А смртта моја се обрна кон мене, почна нешто да ми зборува. Разбирам дека го назначува мојот час, но се` некако неразбирливо, нејасно...“По Петров“, вели...Тогаш се разбудив...Ете такви ми се соновите, чудни.
Лукерја ги подигна очите нагоре..Се замисли...
-Само еве што е лошо: се случува да ми помине и цела недела а ниеднаш да не заспијам. Лани минуваше одовде една госпоѓа, ме виде  па ми даде едно шишенце лек против несоница: ми рече да земам по десет капки. Тоа многу ми помагаше и спиев.; но шишенцето веќе одамна е празно... Да не знаете можеби каков  беше лекот, и како може да се најде?
Госпоѓата, очигледно, и` дала на Лукерја опиум. Јас и` ветив дека ќе и` пратам, и пак не можев на глас да не му се начудам на нејзиното трпение.
-Е, господине! – одговори таа. – Оставете го тоа! Зар тоа е некакво трпение? Да речевте за Симеон Столпник – тоа се вика големо трпение: триесет години отстојал на столбот! А некој друг бунтовник дал да го закопаат в земи до самите гради, иј, па против тој крај завојувале Агарјаните, и сите жители ги мачеле и убивале: и што и да правеле и чинеле жителите, никако не можеле да се ослободат, се` додека таму, меѓу тие жители, не се појавила една света девојка. Таа зела голем меч, ставила на себе оклоп од два товари, се кренала на Агарјаните и сите ги протерала до морето. Тогаш, кога ги потерала, рекла:”Сега сожежете ме, зашто така сум се заколнала да умрам за својот народ – со огнена смрт“. – А  Агарјаните ја фатиле и изгореле, а народот од она време занавек се ослободил! Ете, тоа е подвиг! А што сум јас?
Јас во себе се чудев до каде и во каков вид стигнала приказната за Јованка Орлеанка, и откако помолчав некое време, ја прашав Лукерја колку години има.
-Дваесет и осум...или девет. Не верувам дека ќе има триесет. А и зошто да ги бројам, годините! Туку, еве што уште ќе ви кажам...
Лукерја одеднаш некако глуво се накашла, офна...
-Ти многу зборуваш, забележав јас – тоа ти штети.
-Навистина, - едвај чујно прошепоти – му дојде крај на нашиот разговор: но сега како и да е! Сега, кога вие ќе заминете сита ќе се намолчам. Вака барем малку се разгалив.
Јас фатив да се простувам од неа, го повторив своето ветување дека ќе и го испратам лекот, ја замолив уште еднаш добро да размисли и да ми каже  да не и` треба нешто.
Ништо  не ми треба, се` си имам доста, фала Богу, со голем напор, но умолно прозборе – Бог на сите да им даде здравје! Туку  вие, господине, би можеле да и` кажете на мајка ви – тукашните селани  се сиромаси – нека им ги отпиши давачките, и најмалите! Земја имаат малку, алатки никакви...Тие би се молеле за вас...А мене не ми треба ништо, - се` си имам.
Јас и` дадов на Лукерја збор дека ќе и` ја исполнам молбата, и веќе стигнав до вратата... таа повторно ме вика.
-Се сеќавате ли,  господине, рече таа, и нешто чудно и` заигра во очите и на усните – каква коса имав? Се сеќавате ли – дури до колена! Долго не можев да се решам... Такви коси!... Но како би ги чешлала? Во мојава положба!... Па така ја отсеков...косата...Да... А сега, збогум, господине! Веќе не можам...
Истиот ден, пред да појдам на лов, разговарав за Лукерја со селскиот кмет. Од него дознав дека во селото ја нарекле „живи мошти“, и дека таа инаку никому не пречи; ниту на нешто се противи, ниту на нешто се жали.
-Самата ништо не бара, напротив, на се` е благодарна, вистинска смерна душа, мора да се признае. Утепана од Господ,- така заврши кметот – дал` заради гревови, но во тоа не навлегувам. А да ја осудуваме – не, ние не ја осудуваме. Бог нека е со неа!
По неколку недели дознав дека Лукерја починала. Смртта  сепак дојде по неа...и тоа баш “по Петров“. Кажуваа дека на денот на смртта непрестајно слушала биење на камбани, иако од Алексеевка до црквата е доста далеку, а денот бил тежок. Впрочем, Лукерја велела дека гласот доаѓа – не од црквата, туку “од горе“. По се` изгледа, таа не се осмелуваше да каже: од небото.
 

Подготви: Стојанка Тежак

Извор:

Православен пат 2007

Уредник: Методиј, Митрополит- Канадско- Американски

 

Посети:{moshits}

 

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Наука и Култура

Ноември 14, 2023
Tamara.Kotevska

По премиерата на новиот филм „The Walk“ во Њујорк на двојната кандидатка за Оскар - Тамара Котевска

Работејќи од нејзините разговори со Асил и другите деца бегалци, режисерката направи гласовна нарација (испорачана од друга девојка, а не од Асил што ја гледаме на екранот) која е резервна, поетска и застрашувачка. „Треба да најдам место каде што можам да ги…
Октомври 15, 2023

Почнува 8-то издание на „Киненова“

Со проекција на филмот „Зад стоговите сено“ на грчката режисерка Асемина Проедроу и доделување на наградата за особен придонес во филмската уметност на актерот Бранислав Лечиќ денес (13.10.) во Синеплекс со почеток во 20 часот ќе биде отворено 8 издание на…

„ПОЕЗИЈА ОД МАКЕДОНИЈА“ и „Версвил“

Авг 19, 2023 Литература 1251
TVIT762
Реномираното меѓународно списание за поезија „Версвил“, својот најнов број во целост го…

Промоција на Речник на медиумска писменост

Мај 31, 2023 Литература 1575
Ова лексикографско издание е прв сериозен обид за систематизирање на термините коишто се…

Беседи

БEСEДА  за пoбeдата над пoслeдниoт нeпријатeл

БEСEДА за пoбeдата над пoслeдниoт нeпријатeл

Прв нeпријатeл на чoвeкoт e ѓавoлoт, втoр e грeвoт, а трeт e смртта. Гoспoд Исус ги пoбeдил ситe oвиe три нeпријатeли на чoвeчкиoт рoд. Сo Свoeтo пoнижувањe гo пoбeдил гoрдeливиoт...

Митрополит Струмички Наум: Недела на Православието (20.03.2021)

Митрополит Струмички Наум: Недела на Православието (20.03.2021)

 Спознанието на вистината, на лично ниво, не е интелектуално човечко достигнување, туку, пред сè, е Божји дар на просветленост на умот и обожение на личноста; дар Божји кој се добива...

БEСEДА за љубoвта кoн ближнитe

БEСEДА за љубoвта кoн ближнитe

Таму, на нeбoтo, e вистинскoтo Христoвo царствo и вистинскиoт Христoв живoт бeз примeси на грeв и смрт. Нo љубoвта на Синoт Бoжји кoн луѓeтo нашла дeка e пoпoтрeбнo да бидe...

БEСEДА за внатрeшната милoстиња

БEСEДА за внатрeшната милoстиња

Милoстињата штo сe прави oд цeлиoт ум, гo чисти чoвeкoвиoт ум. Сo eдeн збoр внатрeшната милoстиња гo исчистува цeлиoт чoвeк. Акo e милoстињата самo oд рака, таа нe ја чисти...

Месопусна недела: Страшниот суд

Месопусна недела: Страшниот суд

Христијанската љубов е „возможна невозможност“ да се види Христос во секој човек, кој и да е, човекот што Бог, по Својата вечна и тајна промисла, решил да го воведе во...

 Архива: Митрополит Струмички Наум - На Страшниот суд (10.02.2018)

Архива: Митрополит Струмички Наум - На Страшниот суд (10.02.2018)

Што се случува со оние кои Страшниот суд ги затекнува во грев и пад? Тоа што Богочовекот Христос воопшто стапува во дијалог со нив, колку и да звучи тоа страшно...

Митрополит Тимотеј: † БЕСЕДА ВО НЕДЕЛАТА НА ЦАРИНИКОТ И ФАРИСЕЈОТ

Митрополит Тимотеј: † БЕСЕДА ВО НЕДЕЛАТА НА ЦАРИНИКОТ И ФАРИСЕЈОТ

Параболата за цариникот и фарисејот претставува длабоко проникнување во човековата душа, и за нас е многу важно да го задржиме нашето внимание врз ова кажување. Оваа парабола нема во предвид...

Свети Теофан Затворник: Беседа на Сретение Господово

Свети Теофан Затворник: Беседа на Сретение Господово

Каква умилна слика ни претставува Сретението Господово! Старецот Симеон во раце Го држи Младенецот, спроти него – праведниот Јосиф и Пресветата Дева Богородица; во близина – пророчицата Ана, постничка и...

Дејан Трајков: Оддалечување од Христа и од христијанските идеали

Дејан Трајков: Оддалечување од Христа и од христијанските идеали

Современиот човек брза по светските суети, бега од скромниот живот и во празните и лажни авантури бара да ја заборави душевната горчина, која му ја создава свеста за безбожните дела....

« »

Најново од култура

Православен календар

 

19/04/2024 - петок

Велигденски пости; (строг пост)

+Упокоение на Свети Методиј Солунски; Свети Евтихиј, патријарх Цариградски; Светите Сто и дваесет маченици коишто пострадаа во Персија; Преподобен Григориј Синаит; (Акатист); (второ бдение);

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св.Христов исповедник Георгиј Митиленски митрополит 7 април / 20 април 2024

Тропар на св.Христов исповедник Георгиј Митиленски митрополит 7 април / 20 април 2024

Пастироначалниче на скитското подвижништвово степите руски непроодни,Ниле ученику Христов облагодатен,денес и во веки Бога преку тебе Го прославуваме,и твоите подвизи...

Тропар на светиот Методиј Солунски 6 април / 19 април 2024

Тропар на светиот Методиј Солунски 6 април / 19 април 2024

Словото Божјо, слово земно подаде,кое ти Свети епископе Методие во слава Негова го раздаде,а Он Началникот на животот устрои заради...

Тропар на светите Христови маченици Агатопод ѓакон и Теодул чтец 5 април / 18 април 2024

Тропар на светите Христови маченици Агатопод ѓакон и Теодул чтец 5 април / 18 април 2024

Вистина непоколеблива имајќи во срцата вашиАгатоподе и Теодуле,познавте дека земниот живот е суета, сенка и сон,а верата во Љубовта го...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная