ПАТ НА ПОДВИЖНИКОТ
ГЛАВА ДЕВЕТТА

За победување на светот
Свети Василиј Велики вели: човек не може да се приближи кон познанието на вистината додека срцето му е вознемирено. Затоа, мораме да избегнуваме сè што го бранува срцето, што предизвикува сметеност, вознемиреност, страст или немир. Треба, колку што е можно повеќе, да се ослободиме од секоја грижа и од занимавање со суетни нешта. Кога Му служиме на Господ, не смееме да се грижиме и да се вознемируваме за многу нешта, туку постојано да го имаме на ум зборот дека само едно е потребно (Лк. 10:41).
За да се искапеме, најнапред треба да ја соблечеме облеката од себе. Така е и со срцето: тоа мора да се ослободи од надворешниот, световен обвив, за Оној што ги мие срцата да има слободен пристап до него. Благородните сончеви зраци не можат да ја допрат кожата ако не ја разоткриеме и не ја соблечеме облеката. Така е и со исцелителната и животворна сила на Духот.
Затоа, соблечи ја облеката. Одрекувај се од сè што придонесува за уживање, удобност или забава, од сè што ги улулкува и милува сетилата — но така што никој околу тебе да не го забележи тоа. Кој не е со Мене, против Мене е (Мат. 12:30); она што не се гради, се руши. Одлепи од себе сè што те врзува за секојдневните потреби и навики на световното однесување. Направи го тоа тивко, ненаметливо, со цврста намера — не пребрзо, но темелно. Постепено отсечи сè што те врзува за надворешниот свет: повици, концерти, личен имот, а особено она што е во светот — похотта на телото, похотта на очите и гордоста на животот, зашто сето тоа не е од Отецот, туку од светот (1 Јн. 2:16).

Што е, значи, светот? Не треба да го замислуваш светот како нешто грешно, ниту како нешто опипливо. Светот, објаснува свети Макариј Египетски, е обвив направен од темни пламенчиња што го обвиваат срцето и го одделуваат од Дрвото на Животот. Светот е сè она што нè заробува преку задоволување на нашите сетила — онаа наша страна што не Го познала Бога (Јн. 17:25).
Затоа, на светот му припаѓаат нашите желби и пориви. Свети Исак Сирин ги набројува вака: склоност кон богатство, кон стекнување и поседување разни нешта; нагон кон телесни уживања; тежнеење кон почести - што е корен на зависта; желба за власт и одлучување; гордост поради славата што ја дава власта; склоност кон дотерување и допаѓање; потреба од пофалби; грижа за телесна благосостојба. Сето тоа е светот, и сите тие желби на еден начин што мамат се спојуваат во нас, за да нè заробат со тешки окови.
Ако сакаш да се ослободиш од тие окови, погледни во себе во светлината на овие желби и ќе видиш против што сè треба да се бориш за да Му се приближиш на Бога. Зашто пријателството со светот е непријателство со Бога, и кој сака да му биде пријател на светот, непријател Божји станува (Јак. 4:4). Широкиот поглед од врвот на планината се достигнува само ако ја напуштиш тесната долина и сите уживања и световни нешта поврзани со неа. Никој не може да им служи на двајца господари (Мат. 6:24), ниту може истовремено да престојува на врвот на планината и во нејзиното подножје.

За да си го олесниш искачувањето по таа стрмнина и за полесно да го отфрлиш тешкиот товар, често поставувај си вакви прашања: дали одам на овој концерт или во кино за доброто на ближниот мој, или заради моето уживање? Дали на оваа коктел-забава навистина ја распнувам својата плот? Ако одам на ова патување или купам некој предмет, дали со тоа го распродадов своето богатство и го поделив на сиромасите? Дали го го истоштувам и го поробувам телото (1 Кор. 9:27) ако се излежувам на каучот да читам весник? Прашањата можат да се менуваат и да се додаваат нови, според твоите навики и нивниот однос кон она што го налага Светото Евангелие. Секогаш имај на ум дека оној што е верен во најмалото, и во многу е верен (Лк. 16:10). Не плаши се од болката што ја следи оваа борба — таа ти помага да се издигнеш од тесната долина каде што си живеел угодувајќи на сетилата, правејќи ја волјата на телото и на мислите (Еф. 2:3).

Такви прашања поставувај си себеси — без милост, постојано и без престан. Но внимавај: поставувај ги само на себе, а никогаш, дури ни во мислите, на другиот. Штом едно такво прашање го насочиш од себе кон ближниот, наместо кон себе, ти си се ставил во положба на судија — а со тоа, самиот себе си си се осудил. Го одзел си од себе она што со труд и воздржание си го стекнал: направил си еден чекор напред, но десет наназад. Тогаш имаш причина да плачеш над својата тврдоглавост, над неуспехот да се поправиш, над својата гордост.
Тит Колиандер

Подготвил С.Стефковски


























