ПАТОТ НА ПОДВИЖНИКОТ
ГЛАВА ДВАЕСЕТ И ПРВА

За избегнувањето на сè неумерено
Добро е познато дека човек кој со преголема ревност вежба свирење на клавир добива грч во прстите, исто како и оној што предолго држи перо во раката. Обесхрабрениот и потиштен пијанист или писател, кои дотогаш биле полни со надеж, мораат да го прекинат својот труд, а неработењето раѓа многу лоши влијанија.
Од овој пример извлечи поука. Постот, послушанието, воздржувањето, бдението и молитвата се составни делови на подвигот, и сите тие се само вежбање. А секое вежбање треба да се презема искрено, смирено и со внимателно земање предвид на сопствените сили (Лк. 14:28–32), без претерување во ниеден момент. „Бидете, значи, целомудрени и трезвени во молитвите“, нè поучува светиот апостол Петар, а преку него – и Самиот Господ (1 Пт. 4:7).
Пијанството не е секогаш предизвикано од алкохол или од други опојни средства. Исто толку опасно е и пијанството што доаѓа од прекумерна самодоверба и неразумна ревност. Со разуздан напор изразен преку сè што е неумерено и раскошно, тоа го сее своето семе во почвата на навиката. Изданокот што расте од него е нездрав: донесува плодови како замор, нетрпеливост, самооправдување. Пази: од најголема важност е да не скршнуваме ни надесно ни налево (5 Мојс. 5:32) и ни најмалку да не се потпираме на сопствените сили.
Ако во себе не ги најдеме богатите плодови на љубовта, мирот, радоста, умереноста, смирението, простотата, исправноста, верата и трпението – целиот наш труд е залуден, вели свети Макариј Египетски. Трудот се принесува за жетва, но жетвата Му припаѓа на Господа.

Затоа, стражари над себе и расудувај. Ако забележиш дека стануваш нетрпелив и раздразлив, малку олесни го својот товар. Ако во тебе се роди желба со презир да гледаш на другите, да ги укоруваш, поучуваш или даваш забелешки – на погрешен пат си: оној што се одрекол од себе нема што да приговара на другиот. Ако помислиш дека луѓето или околностите „те реметат“ во подвигот, знај дека својот подвижнички пат не си го разбрал како што треба: сè што на прв поглед изгледа како вознемирувачка околност – всушност ти е дадено како можност да се вежбаш во долготрпеливост и послушност. Смирениот и кроткиот човек никој и ништо не може да го вознемири; тој само може да ја вознемирува совеста на другите.
Затоа, биди неприметен – сокривај се. „Влези во својата ќелија и затвори ги вратите свои“ (Мат. 6:6), дури и кога по потреба ќе се најдеш во големо и бучно собрание од луѓе. Ако тоа понекогаш ти стане тешко, излези некаде каде што можеш да бидеш сам и од длабочината на душата повикај кон Господа за помош. Тој ќе те чуе.
Свети Амвросиј советува: секогаш мисли за себе како за едно тркало. Колку полесно тркалото ја допира земјата, толку полесно се движи напред. Не размислувај, не зборувај и не грижи се за земните работи повеќе отколку што е потребно. Но имај го предвид и ова: тркало што сосема лебди во воздух – не може да се тркала.
Тит Колиандер
Подготвил С.Стефковски


























