логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 Мрачната состојба на паднатиот човек


а) Адам, откако ја прекршил Божјата заповед, ја послушал лукавата змија, му се продал на ѓаволот и станал сопственост негова, та во неговата душа – во ова прекрасно создание – се облекол ѓаволот. Душата станува тело на лукавата темнина, сè додека во не живее духовната темнина. Таму живее лукавиот во својата темнина, како што и апостолот, спомнувајќи за телото на гревот и телото на смртта говори: „Да биде уништено гревовното тело, па да не бидеме веќе робови на гревот“ (Рим. 7, 24)? Душата не е создадена од Божјата природа, ниту е од природата на лукавата темнина, туку е разумно создание, исполнета со убавина, голема и чудна. Таа е прекрасно подобие и образ Божји, а лукавството на темните страсти навлегло во неа, поради непослушноста и престапот.


Лукавиот кнез – царството на темнината, го заробил човекот, ја облекол душата во власта на темнината, онака како што го облекуваат човекот, за да го направат цар и да му дадат царска облека, така што од глава до нозе да биде облечен како цар. Така и лукавиот кнез ја облекол душата со гревот, ја облекол целата нејзина природа; целата ја осквернил, целата ја заробил во своето царство, не оставил во неа, слободен од својата власт ни еден нејзин делː ни помислите, ни умот, ни телото, туку ги облекол во порфирот на својата темнина. Како што за време на болеста во телото не страда само еден негов дел, туку целото е подложено на страдањеː така и сета душа пострадала од немоќта на порокот и гревот. Лукавиот сета душа ја облекол во својата злоба – во гревот; на тој начин телото станало страдално и гниежливо.Кога апостолот говориː „Го соблековме стариот човек со неговите дела“ (Кол. 3,9), тој го подразбира совршениот човек, кај кого, на очите им одговараат свои очи, на главата своја глава, на ушите – свои уши, на рацете – свои раце и на нозете – свои нозе. Зашто лукавиот го осквернил, и го повлекол кај себе си целиот стар човек, осквернет, нечист, богоборен, непокорен на Божјиот закон, - во самиот грев, зашто тој веќе не гледал како што сакал, туку гледал лукаво, слушал лукаво, нозете брзале кон лошите дела, рацета негови правеле беззаконие и срцето негово го помислувало лукавството.Стариот човек го соблекол од себе си совршениот човек и ја носи облеката на царството на темнината, облеката на хулата, неверувањето, лишеноста од стравот Божји, надуеноста, гордоста, среброљубието, похотата и другите облеки од царството на темнината – нечисти и осквернети.


Токму тоа и го барал непријателотː преку Адамовиот престап да го рани и да го помрачи внатрешниот човек, неговиот ум што владеел и Го гледал Бога и неговите очи, кога веќе не ги гледале небесните блага, прогледале за гревот и ги гледале пороците и страстите.Духовите на злобата ја врзуваат паднатата душа со веригите на темнината. Затоа таа не може, како што сака и колку што сака да Го љуби Бога, ниту колку што сака да верува во Него, ниту, колку што сака, да се моли затоа што од престапот на првиот човек; човекот бил совладан и не можел ни јавно ни тајно да му противставува на злото.


б) Гледајќи ја таквата лоша состојба, Бог и ангелите го жалеле паднатиот човек

Во оној ден кога паднал Адам, дошол Бог, и одејќи во рајот, го видел Адама, се исполнил со жалост и му реколː „Имајќи толку големи блага, како можеше да го избереш злото! По таквата слава, како го носиш врз себе срамот! Зошто си сега така помрачен, без никаков вид? Зошто си извалкан? По таквата голема светлина каква темнина те покрила! Кога паднал Адам и умрел за Бога, Создателот зажалил по него; ангелите, сите сили, небесата, земјата, сите созданија ја оплакувале неговата смрт и неговото паѓање. Зашто сите созданија виделе дека оној што им бил даден за цар, станал роб на спротивната и лукава темнина; дека се облекол со темнина, со темнина лукава и горчлива ја облекол својата душа и кај него се зацарил кнезот на темнината. Тој бил оној патник што бил нападнат од разбојници, покриен со рани и оставен полумртов, кога одел од Ерусалим во Јерихон.


в) Сепак правдта го подложила на праведна казна, тој е оставен како запустен дом.


Адам откако ја прекршил заповедта, бил истеран од рајот, и го навлекол врз себе Божјиот гнев, како што некогаш гневејќи се против Евреите, Бог го предал Ерусалим да биде посрамен од непријателите, оние што ги мразеле, почнале да владеат над нив, па затоа таму немало ни празници ни жртви, таму, откако се прогневил на човечката душа за престапувањето на заповедта, им ја предал на непријателите, демоните и страстите. А тие, откако ја измамиле, потполно ја уништиле, и не останало во неа ни празник, ни темјан, ни жртви кои Му ги принесувала душата на Бога; сите патишта што воделе кон Бога биле исполнети со диви ѕверови, а во неа се загнездиле влекачите – лукавите духови. И како што домот, во кој не живее сопственикот, се исполнува со темнина, грдост, нечистотија и ѓубре, така и душата, ако Господ не владее во неа заедно со ангелите, се исполнува со гревовна темнина, со срамни страсти и со секакво понижување.


Бидејќи човекот за својата непослушност бил проколнат од Богаː земјата да му раѓа трње и чички (Мој. 3,18), тој ја обработувал земјата, а таа не му ги давала очекуваните плодовиː на земјата растеле трње и чички. Непријателите со измама му ја одзеле славата и го облекле во срам. Му била украдена светлината и бил облечен во темнина. Ја убиле неговата душа, ги распнале и разделиле неговите помисли, го урнале неговиот ум од висините, и човекот – Израилот, станал роб на вистинскиот фараон, а тој поставил над него управители и надзиратели – лукавите духови, кои го тераат човек волно и неволно да извршува лоши дела – да прави кал и тули. Откако го оддалечиле човекот од небесниот начин на мислење, го натерале да извршува лоши дела – земни, нечисти и да изговара зборови срамни; да мисли и да размислува за она што е суетно. Па така, душата, која паднала од својата височина, била пречекана во царство, во кое ги мразеле луѓето, и каде владееле жестоки кнезови, кои ја тераат да изградува гревовни градови на порокот.

г) Како последица на гревовното паѓање, целото создание и целиот човечки родпотпаднале под тиранија на духовниот непријател и на страстите


Замисли некој многу богат цар, чии слуги се секогаш готови да му служат, кого го фатиле неговите непријатели и го одвеле во ропство. Штом го фатиле и одвеле, и неговите великодостојници и слуги морале да појдат по него. Така и Адам бил создаден чист од Бога, за да Му служи; нему му биле дадени сите созданија, за да Му служат, зашто бил поставен за господар и цар над сите созданија. Но штом се доближил до него лукавиот демон и поразговарал со него, - Адам во почетокот го примил само со својот ндворешен слух, а потоа тој навлегол и во неговото срце и го опфатил целото негово суштество. На тој начин, по неговото заробување, заедно со него биле веќе заробени и сите созданија, кои му биле послушни и кои му служеле. Преку него смртта се зацарила над секоја душа. И поради тоа, поради неговата непослушност, се изменил Адамовиот лик, така што потоа се измениле и сите луѓе и почнале да им се поклонуваат на демоните. Па почнале и земните плодови, создадени така прекрасни од Бога, да им ги принесуваат на демоните. На нивните жртвеници им принесувале леб, вино, елеј и животни. Па дури и своите синови и ќерки им ги жртвувале на демоните.

По Адамовиот грев, душевните помисли, одвоени од Божјата љубов, се расеале по овој свет и се измешале со земните помисли. Веднаш по прекршувањето на Божјата заповед, Адам го примил во себе си квасецот на опасните страсти, така што и оние, кои се родиле од него и целото негово потомство, по наследство, го добиле овој квасец на злото во себе си, а со постепено напредување и растење во луѓето се умножиле гревовните страсти, така што прераснале во прељубодејства, извртености, идолослужења, убиства и други одвратни дела, сè додека целото човештво не скиснало со пороци. Злото во луѓето пораснало толку многу, така што помислиле дека нема Бог и почнале да им се поклонуваат на мртвите камења; дури не можеле да имаат поим за Бога. До таков степен квасецот на опасните страсти се умножил во родот на древниот Адам.

Откако се оддалечи од заповедта и се потчинил на гневното осудување, човекот бил заробен од гревот и како некоја бездна на горчевина, прозрачна и длабока, навлегла во него и завладеала и со најскришните пори на неговата душа. Затоа и душата и гревот што навлегол во неа ги споредуваме со огромно дрво, кое има многу гранки и корења во длабочината на земјата. Така и гревот, кој навлегол во душата, завладеал со нејзините длабочини, се претворил во навика и предубедување, та уште од детство во секого расте, се развива и го учи на она што е зло.

Лазар, кого го воскреснал Господ, оној Лазар, кој бил исполнет со голема смрдеа, така што никој не можел да се приближи до неговиот гроб, го имал образот на Адама кој го примил во својата душа и се исполнил со црнила и темнина. Но ти кога слушаш за Адама, за оној што бил испотепан од разбојници и за овој Лазар, не му дозволувај на твојот ум да талка како по планина, но затвори се внатре во твојата душа, зашто и ти ги имаш истите рани, истата темнина и смрдеа. Од каква немоќ страдал Адам, од таква страдаме и сите ние, кои произлегуваме од неговото семе. Зашто, како што вели пророк Исаија, таа немоќ дошла и на насː „Од главата до петите нема во тој народ здраво место, сињаци, гнојни рани, неисчистени, непреврзани и неомекнати со елеј“ (Иса. 1,6).

Со истата неизлечива рана и ние сме ранети

Како што во Египет, во текот на тридневната темнина, синот не го гледал својот татко, братот својот брат и пријателот – пријателот свој, затоа што сè покривала темнина, така и по Адама, кој ја прекршил Божјата заповед, паднал од својата некогашна слава, му се потчинил на духот од овој свет и покривачот на темнината се спуштил на неговата душа, и од него до последниот Адам – до Господа, човекот не Го гледал својот вистински Небесен Отец, својата нежна и добра мајка – благодатта на Светиот Дух, најмилиот и најсаканиот брат – Господа, своите добри и искрени пријатели – светите ангели, со кои некогаш заедно се радувал и празнувал. И не само до последниот Адам, туку дури и досега, за оние за кои уште не изгреало Сонцето на вистината – Христос, чии душевни очи уште не се отворени и просветени со вистинската светлина, - сите тие се покриени со таа иста светлина и го имаат во себе си истото дејство на сладострастието, подлежат на истата казна и немаат очи, со кои можат да Го видат својот Небесен Отец.

д) Најзабележителна последица на паѓањето во грев е големата побрканост, која владее во светот

Децата на овој свет се споредуваат со пченица, истурена во решетото на овој свет и се просејува среде непостојаните помисли на овој свет, при непрестајно бранување на земните работи, желби и многу испреплетени земни поими. Сатаната ги растресува душите и со своето решето, односно со земните дела, го просејува целиот грешен човечки род. Од времето на паѓањето во грев, кога Адам ја престапил Божјата заповед и му се потчинил на лукавиот кнез, кој придобил власт над него, тој со непрестајни измами и со збркани помисли ги сее синовите на овој свет и ги доведува до судири во своето земно решето.

Како што пченицата во решето, со кое се просејува, бива непрестајно исфрлувана и доведувана во судрување и преобрнување, така и кнезот на лукавството ги зафаќа сите луѓе со земни работи, ги доведува до немир и загриженост, ги тера да се зафаќаат со суетни помисли, со гнасни желби, со земни и светски врски, и на тој начин постојано ги заробува, збркува и лесно го лови целиот грешен Адамов род. И Господ им претскажал на Своите апостоли дека ќе бидат напаѓани од лукавиот, велејќиː „Ете, сатаната посака да ве сее како пченица, но јас се молев, за да не се намали верата ваша“ (Лука 22, 31-32). Зашто овие зборови и оние што му ги рекол Бог на Каинː „Кога ќе ја обработуваш земјата, таа нема повеќе да ти ја дава својата сила; ќе бидеш изгнаник и скитник по земјата!“ (Мој. 4, 12), служат како образ и подобие за сите грешници, затоа што Адамовиот род, откако ја престапил заповедта и стана грешен, го примил тајно на себе си ова подобие. Луѓето биваат доведувани во колебливост од постојанен страв, од збрканост и желби, како и од разновидни многубројни задоволства. Кнезот на овој свет ја бранува секоја душа, која не е родена од Бога и, слично на пченица во решето, на најразлични начини ги вознемирува човечките помисли, - сите ги доведува во колебливост и ги уловува преку измамите на овој свет, преку телесни задоволства, стравувања и збрканост.

И Господ, покажувајќи дека оние што ги слушаат лагите и желбите на лукавиот, го носат врз себе си подобието на Каиновото лукавство, изобличувајќи ги, реколː „Вашиот татко е ѓаволот; вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко; тој е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината“ (Јован 8, 44). Затоа целиот грешен Адамов род ја носи на себе ова пресудаː ќе се тресете, ќе стенкате и ќе бидете вознемирувани во решетото на земјата од сатаната што ве сее. Како што од едниот Адам се умножил на земјата целиот човечки род, така и една страсна нечистотија проникнала во целиот грешен човечки род, а кнезот на злобата е во состојба да ве сее сите вас со непостојани, суетни и разбранувани помисли. И како што еден единствен ветар може да ги клати и раздвижува сите дрвја и сите растенија; и како што едната ноќна темнина се шири над целата вселена, така и кнезот на лукавството, кој е духовна темнина на гревот и на смртта, со некаков таинствен и силен ветар го бранува и потресува целиот човечки род на земјата со непостојани мисли и светски желби – ги уловува човечките срца, исполнувајќи ја со темнина на незнаењето, со слепило и заборавност секоја душа, која не е родена одозгора и која со мислите и умот уште не се преселила во другиот живот, според зборовите на свети апостол Павлеː „Нашето живеалиште е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спасителот, нашиот Господ Исус Христос“ (Фил. 3, 20), (5, 30).

ѓ) Сите го доживувале, но никој не знаел што е тоа зло и од каде е, сметајќи го за природна состојба.

Видливиот свет, од царот до сиромавиот, целиот е во збунетост, во неуредност и во борба, а никој од нив не ја знае причината за тоа очигледно зло, кое е наследство од Адамовиот грев – од осилото на смртта, зашто направениот грев, како некаква сатанска духовна сила и суштина – посеал секакво зло. Тој тајно дејствува на внатрешниот човек и на умот и се бори со помисли против него. Луѓето, пак, не знаат што прават, бидејќи биваат поттикнувани од некаква туѓа сила, па дури и мислат дека сето тоа го прават по свое лично размислување. Но оние што Го имаат Христа во својот ум, оние што се озарени од Него – знаат како настанува сето тоа.

Голем е бројот на царевите од Адамовиот род, кои владееле на земјата и високо мислеле за своето царско достоинство. И никој од нив не можел да ја сфати повредата, која ѝ е направена на душата на првиот човек, што е она што ја помрачило и зошто таа не ги знае промените што настанале во неа, односно зошто е човековиот ум сега облечен со срам и зошто се ослепени нееговите духовни очи, па не може да ја види славата, која ја гледал нашиот праотец Адам до своето паѓање во грев.Имало површни мудреци во светот. Едни од нив ја покажале својата предност во својата љубов спрема мудроста, други ги вчудоневидувале луѓето со својата напреднатост во софистиката, трети ја покажале својата сила во говорништвото, четвртви биле граматичари и поети, петти пишувале историја според постојните правила. Имало и разни уметници, кои создавале во областа на разни уметнички гранки... И сите тие, владеани од страна на змијата што била населена во нив, станале робови на лукавиот и на неговата сила и немале никаква корист ни од своето знаење, ниту од својата уметност.

е) Колку и да е големо злото од гревовното паѓање, тоа не го умртвило потполно човекот; во него останале пројави на духовен живот.


Не велиме дека човекот потполно загинал, дека бил уништен; тој само умрел за Бога, а живее во својата сопствена природа.

Човекот погинал поради својот престап; бил ранет; сатаната го помрачила неговиот ум. Во некој човек тој е навистина мртов, а во друг е жив, размислува и има волја.

Знаењето се запазило и по престапот ( ова особено е видно во дејствувањата на совеста ). Разбојникот кога ќе го изведат пред суд, кнезот го прашува: кога правеше лошо, зар не знаеше дека ќе бидеш фатен и ќе те осудат на смрт? И разбојникот нема да се осмели да каже дека не знаел, зашто навистина тоа му било познато. Зар блудникот не знае дека греши? – Зар и без Светото писмо, луѓето не знаат, дека има Бог? Тие еден ден не ќе можат да речат, дека не знаеле дека има Бог. Зашто во громовите и молњите им се вели: зар не знаете оти Бог управува со созданијата?

Неоправдано некои, заведени од лажно учење, тврдат дека човекот потполно умрел и дека не може да прави воопшто никакво добро.

Во човекот е останата слободата, која Бог му ја дал во почетокот. Како што совршениот не е обврзан да прави добро, насила, така не е натеран насила ни оној што пропаднал во грев и кој станал сад на ѓаволот.

Ти си слободен, и ако сакаш да не загинеш, твојата природа лесно може да се измени. Оној што сака – тој Му се покорува на Бога и оди по патот на правдата: Владее со своите желби, затоа што умот е силен да се бори и со својата одлучна решеност може да ги победи порочните стремежи и гнасните пожелби.

Сепак, надевајќи се попусто, некои мислат дека можат со својата слобода да го отстранат од себе поводот кон гревот. Човекот може да има слобода, која му овозможува да му се противставува на ѓаволот, но тој сепак не може да има власт и над страстите. Зашто е речено: „Ако Господ не ја изѕида куќата, залудно ќе се трудат градителите нејзини; ако Господ не го запази градот, залудо ќе бдее стражата“ (Псал. 126,1), (25, 1).

Во нас дејствува злото со сета своја сила и забележливост, внушувајќи ни ги сите нечисти желби, но тоа не е растворено во нас не така, како што велат некои, како што се раствора и меша виното со водта, туку онака како што на една нива растат пченицата и каколот – едно покрај друго или како што во еден дом се наоѓаат одвоено домаќинот на домот и одвоено разбојникот.

Како кога сонцето грее и ветерот дува. Тие имаат своја природа и свое тело. Така и гревот навлегол во душата, се примешал во неа, но и гревот и душата имаат своја природа.

Од изворот истечува чиста вода, на неговото дно има тиња. Ако се размати тињата – целиот извор се заматува. Истото станува и со душата: кога се вознемирува – целата се измешува со порокот. И сатаната како да станува едно со душата: обата духа за време на блудот или убиството како да стануваат едно. Затоа апостолот вели: „Не знаете ли дека оној, кој со блудница се соединува, станува едно тело со неа?“ (Кор. 6, 16).А другпат, самостојната душа дејствува самостојно, сама од себе: се кае за своите дела, плаче, се моли и си спомнува за Бога. А, ако душата секогаш би била потоната во злото, тогаш како би можела да го прави тоа? Зашто сатаната, бидејќи свиреп, никако не сака луѓето да се обраќаат кон покајание.

Свети Макариј Велики

 

Подготви: Т.С.

 



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Септември 03, 2021
Default Image

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во манастирот Успение на Пресвета Богородица - Берово
Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 2984
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 2829
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…